Разлика помеѓу суштината и енергијата Божја

Loading

Митрополит Гортински г. Јеремија

Православната догматика говорејќи за Бога прави разлика помеѓу Суштината и Енергијата во Бога. Овој догмат е многу сериозен и во ова повторно се разликуваме од папистите, кои не ја прават оваа разлика во Бога. Тие Го прифаќаат Бога само како Суштина. Но Суштината Божја е несфатлива и невидлива. Тогаш, како Христос ни рече дека чистите по срце ќе Го видат Бога (Мат. 5,8)? Ќе Го видат преку Неговите Божествени енергии (дејства).

Ако е Бог само суштина, како што прифаќаат Католиците, тогаш, како беше создаден светот? Од Божјата суштина? Тогаш сѐ околу нас, и камењата и растенијата, е Бог, штом станале од Суштината Божја. Така завршуваме во „пантеизам“, кој е „безумие“, како што велеше свети Григориј Палама. Значи, основно во православната теологија е дека прави разлика меѓу Суштина и Енергија (Дејство) во Бога.

И иако со суштината Божја не можеме да имаме никаква заедница, но доаѓаме во заедница со Бога преку Неговите Божествени енергии. Светиот Козма Етолски, говорејќи за Бога, го објаснуваше преку сонцето. Ова е многу убава претстава. Со жештината на сонцето, со неговата лавина, неговата суштина, да ја наречеме, не можеме да стапиме во било каков контакт. Ќе изгориме!… Но, иако не можеме да дојдеме во било каква заедница со лавината на сонцето, сепак имаме заедница со неговите дејства, со неговата светлина и топлина. Така и ние заедничариме со Бога, со Неговите Божествени енергии. Преку Неговите Божествени енергии Бог го создаде светот и управува со светот, и со Божествените енергии повторно се осветуваме и се спасуваме. Великиот Василиј, отец од IV век, велеше: „Преку енергиите познавајќи Го, Го нарекуваме Бог наш, а до Неговата суштина не се надеваме да се допреме. Иако Неговите енергии слегуваат до нас, Неговата суштина останува непристапна“.

Превод од грчки: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр.40

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *