
Книгата на пророк Јона е напишана од непознат писател со цел да се бори против жестокосрдечноста и нетолерантноста на Израилците, кои го затвораа Бога во тесните и определени граници, и го сметаа само за нивни Бог. За да го порекне ова лажно сфаќање за Бог, еден непознат автор од V век пред Христа, ќе напише една историја која отсликува настани од 8 век пред Христа. Според ова раскажување, Бог го испраќа пророкот Јона понатаму од Палестина, во Асирската држава, за да проповеда покајание во главниот град Ниневија. Пророкот Јона се претставува дека е приврзаник на сфаќањето дека Бог е Бог само на Израилот и затоа не се сообразува со оваа Божествена заповед и бега кон Тарсис (во Шпанија). Но во текот на ова патување со брод, по Божја интервенција, се подигаат огромни бранови и Јона бил фрлен во морето како виновник за невремето (1,1-16). Таму во морето бил проголтан од голем кит и во неговата утроба се молел на Бога и китот го исфрлил на копно (2,1-11). Таму Јона по вторпат добива заповед да отиде во Ниневија, каде што навистина ќе отиде и ќе ги предупреди за разрушувањето кое им се заканува, бидејќи нејзините жители не се покајале (3,1-10). Пророкот приврзаник, како што рековме, и тој за прелеста дека Бог не се интересира за другите народи (етноси), освен за Израилците, жали поради спасението на непријателскиот град Ниневија, но добива соодветна лекција од Бога: дека Он е сесветски Бог, дека има неизмерна љубов кон сите луѓе, па дури и кон животните (4,1-11).
Поуки од книгата за пророкот Јона
Ова е една од најубавите книги, бидејќи, иако е кратка по содржина, во неа има многу богата смисла.
Повикот на Јона во служба на Бога е призивот Божји за свештенство или монаштво. Одбивањето на овој призив, или отфрлањето на чинот си носи свои последици.
Престојот на Јона во утробата на китот е симбол на Воскресението Христово. Како што Јона пребиваше тридневно во утробата на китот и се појави жив, така и Христос излезе жив од утробата на земјата.
Проповедта на Јона ги допрела срцата на грешните и жители и тие ги оставиле своите гревови и злодела, започнале да постат, се покајале и Бог се смилувал. Иако Јона се колебал, не бил сигурен во она што го зборува, сепак луѓето го послушале и се спасиле. Јона, наместо да се радува што се спасиле толку луѓе, почнал да негодува и да жали. Во него може да ги видиме денешните религиозни или безможни лажни моралисти, кога за нечиј престап или грешка, веднаш посакуваат „виновникот“ да биде убиен, масакриран, или сурово казнет. Бог не е џелат.
Кога Јона отишол да гледа како ќе биде уништен градот, си направил шатор а Бог направил веднаш да изникне растение тиква со огромни листови, и под листовите на тиквата тој си нашол ладовина од жешкото сонце. Но следниот ден, тиквата ја изгризале црви и таа се исушила. Јона многу се налутил поради тоа што ја изгубил тиквата, која ниту ја посеал, ниту ја засадил, туку му била од Бога дадена, а Бог преку ова го поучил дека, штом луѓето се грижат за работи кои не ги направиле самите тие, како Бог да не се грижи и да не ги сака луѓето кои Самиот Тој со љубов ги создал, кои се негови деца, и за кои се грижи дури и кога се лоши?
На крајот од книгата се спомнува дека Бог се грижи дури и за животните.
Неговиот свет спомен се слави на 22 септ./5 октомври.
Свештеник Јани Мулев