Во изминативе години често гледам една аномалија кај верниот народ. Имено, кога доаѓа да служи архиепископот, или кога доаѓаат повеќе архиереи, одеднаш телефонот ѕвони уште рано наутро, се јавуваат верничките од постарите генерации, кои бараат благослов за причест. Веднаш ги одбивам, бидејќи кога не би имало владика на литургијата тие не би се причестиле, а сега, од полтронски и додворувачки причини бараат благослов. Исто така и некои неразумни свештеници ги поттикнуваат верниците да се причестуваат само кога служи владиката, бидејќи тогаш Литургијата имала двојна благодат!? Тоа е далеку од христијанството, далеку од православната вера, но далеку и од здравиот разум. Истиот Христос ни се дава и во осамена селска црква, кај што служи само попот со псалтот, и во патријаршиските соборни храмови каде што служат патријарси, архиепископи, митрополити, епископи и многубројни свештеници со раскошни хорови. Примерот кој следи доволно јасно ни кажува каков треба да биде ставот на секој свештеник, на секој владика кон ваквата појава.
***

Литургијата се приближи до крајот. Владиката Питирим (Нечаев) излезе со Путирот на амвонот и почна да ги причестува луѓето.
Целиот присутен народ тргна кон него, во првите редови се создаде мала турканица. Тој повика еден свештеник и му го предаде путирот и влезе во олтарот.
Пак излезе со втор путир и застана од левата страна на солеата. Целата редица од централниот Путир, особено првите редови, се преместија кон него. Тој повика втор свештеник, и откако му го предаде путирот, влезе во олтарот.
Потоа излезе со трет путир и застана на другата страна од солеата. Целиот народ почна да се преместува кон него. Со гест ги сопре луѓето, му го даде Путирот на трет свештеник и влезе во олтарот.
После службата излезе да проповеда и го кажа отприлика ова: „Денес би требало да ги поздравам сите причастници. А мене ми доаѓа сите со камшик да ве избркам од храмот, како што Христос ги изгонил менувачите, бидејќи вие Крвта Христова бевте подготвени да ја замените поради некој си митрополит“.
Се сврте и влезе во олтарот, затворајќи ги царските двери.
Подготвил и превел од руски јазик. Свештеник Јани Мулев