Овој новопрославен светилник на Светата Црква е роден во 1871 во Мала Азија, од побожни родители. Од најрана возраст слушал за житијата на светителите, за нивните подвизи, ги гледал молитвите на неговата мајка, која станала монахиња со име Меланија, и сето тоа влијаело на неговата одлука за прегрнување на монашкиот живот. Заминува на Света Гора и таму ќе биде замонашен и ракоположен за ѓакон и свештеномонах, ќе ги помине сите послушанија, и потоа ќе биде избран и за игумен на свештената обител Симонопетра. Во истиот манастир ќе се замонаши и неговиот роден брат со име Максим, а неговите три сестри исто така ќе бидат замонашени со имињата Меланија, Магдалина и Касијана.
Во светогорскиот манастир Симонопетра дојде на 28 октомври 1888 и беше замонашен на 21 март 1893 година, на празникот Цветници. На 11 април 1920 беше ракоположен за ѓакон, на 12 април истата година во презвитер, и на 20 април 1920, во Неделата на Мироносиците, беше устоличен за игумен во манастирот на неговото покајание. По воведувањето на новиот календар низ цела Грција тој служел еднаш на празникот Благовештение во атинскиот скит, и кога дознале дел од монасите во Симонопетра, од незрелост и нерасудливост го прогласиле за предавник на верата и го протерале од манастирот на 15 јуни 1931 година во манастирот Кутлумуш и по три месеци беше испратен во метохот на Симонопетра во Атина, „Свето Вознесение“. Исто така го обвиниле и за финансиски злоупотреби. Во 1937 година му предлагаат да се врати на игуменскиот престол во манастирот, но тој со расудување одбива и по дваесет години, на 6 јануари 1957, ја остава последната воздишка во овој свет. Живееше 17 година во својата татковина, Мала Азија, 43 години во манастирот на неговото покајание, Симонопетра, и 26 години во неговото пристаниште, метохот „Вознесение“ во Атина.

Во текот на животот запознал неколку светители меѓу кои свети Партениј Хиоски, свети Нектариј Егински, преподобен Сава Калимноски и светиот Никола Планас Атински.
Преку неговите раце биле замонашени над 30 жени и многу мажи, меѓу кои и преподобниот Јероним Егински, кои и го добил името по него.
Со одлука на Цариградската патријаршија, од 27 ноември 2019 година, официјално е потврдена неговата светост. Неговиот свет спомен се слави на 9 мај. По неговите свети молитви Господ да нѐ помилува и спаси. Амин.
Тропар глас 1: На светогорците украс и на чесната обител Симонопетра фиданка, се покажа во последните времиња Јерониме, зашто се издигна ко светилник во градот Атина, просветлувајќи ги мноштвата на верните, и сега не престанувај да се молиш, за нас кои те воспеваме.
Свештеник Јани Мулев
(Опширното житие може да го прочитате во „Православна светлина“ бр. 52)
Види: