Свештеник Јани Мулев
Светиот Јован, со крстено име Илија, е роден на 13 јули 1913 година во селото Крајничен (Романија), во семејството на Максим и Екатерина Јаков. Кога имал 6 месеци ненадејно се упокоила неговата мајка, а неговиот татко се преженил, но по 3 години и тој загинал на фронтот, па малиот Илија бил даден на чување кај неговата баба Марија Јаков, која го научила на побожност, на молитва и да оди во црква. Откако и таа се упокоила, отишол кај неговиот чичко (брат на неговиот татко), каде што претрпел многу неволји. Го запишале во училиште каде што покажал одличен успех и способности. Еднаш на Велигден чувствувал голема тага, и отишол на гробот на баба му и силно плачел. Тогаш му се јавил Самиот Христос и го утешил, уверувајќи го дека не е сам, дека Он е со него. Во 1933 година, кога имал 20 години, заминал во манастирот Њамц. Таму бил поставен да биде библиотекар, па имал прилика многу да чита и да учи. Го отслужил и воениот рок па бил замонашен со името Јован. Оваа душа која копнеела само по Господ не можела да се задоволи со малку, па заминал во Светата Земја каде поминал 2 години во пештера во Јорданската пустина. Потоа заминал во манастирот на Свети Сава Освештени, каде што веќе имало уште 5 романски монаси, кои воделе многу строг монашки живот. Тој имал послушание да се грижи за болните, бил водич, библиотекар. Го научил добро грчкиот јазик па почнал да преведува книги од грчки на романски. Го изучил и арапскиот и англискиот јазик.
Наскоро поради потребите бил ракоположен за јероѓакон и јеромонах. Во текот на 5 години бил старешина на скитот на Јордан. Изградил неколку ќелии, постојано служел, исповедал, причестувал, советувал, пишувал и преведувал, давал утеха и поддршка. Ноќе се молел до разденување, строго постел, и правел многу метании. Но, не можел повеќе да издржи со толку поклоници и врева, па заминал во манастирот на Свети Ѓорѓи Хозевит, во чија околина живеел пророкот Илија. И таму, во тие сурови предели и услови ги поминал последните 8 години од својот живот. Живеел во една пештера, која била длабока 7 метри под површината. Тука доаѓал да се грижи за него неговиот ученик монах Јоаникиј Пиријала.

После големи подвизи, измачен од многу телесни болести, се упокоил на 5 август 1960 година, кога имал само 47 години. Неговото тело лежело таму цели 20 години, и тогаш светителот му се јавил на неговото духовно чедо, монахот Јоаникиј, како и на други негови блиски и побарал да ги извадат неговите мошти. Кога ја отвориле пештерата го нашле неговото тело потполно нераспаднато. Го однеле неговото тело во манастирот, го поставиле среде црква за да може секој да се поклони. Но, ѓаволот се замешал помеѓу монасите и ги поттикнал да се побунат против светителот, ги поттикнал да побараат да биде преместен оттаму. Но светителот направил неколку чудеса, за поука и вразумување на сите, за да поверуваат дека тој е навистина светител. Неговите современици го опишуваат како исклучително строг и бескомпромисен, голем зилот кој не сакал да сослужува со оние клирици кои служат според новиот календар. Исто така и кога станува збор за Светата Причест, бил многу строг и не дозволувал луѓето да се причестуваат без исповед и подготовка.
Синодот на Романската Православна Црква го канонизирал (признал) за светител во јуни 1992 година. Неговиот свет спомен се слави на 5 август.
Чудесни настани
Додека живеел светителот во пештерата, еден грчки монах по име Митрофан, кој бил зограф, дошол од Света Гора и кога ја видел таа самотија и тишина на пустината, се воодушевил и му рекол на светителот дека ќе оди најпрво дома да среди некои работи, па после ќе дојде да живее кај него. Светителот му рекол дека ако сака да дојде, да го стори тоа веднаш, а ако оди дома, тогаш нема да се врати веќе таму. И навистина, отец Митрофан се вратил на Света Гора, се договорил да слика некоја црква, за да собере доволно пари, и се задржал две години. Неговиот помошник видел дека има пари и го ограбил, а откако о. Митрофан дознал, помошникот го начекал во темницата и го убил. Па така се исполнило пророштвото на светителот.
*
Откако биле донесени моштите на светителот во манастирската црква, патријархот Бенедикт и уште двајца епископи, се договориле повторно да го закопаат светителот, велејќи дека тој не е светител, дека не е ниту Грк, дека имал некои големи гревови и невозможно е да е светител. Исто така, го обвинувале о. Јоаникиј дека тој шири гласини за светоста на преподобниот, дека тој ги тера луѓето да му се поклонуваат, да му се молат, иако тој не е светител. Но, бидејќи немале услови да го сместат во гроб под црквата, го оставиле во храмот. Кратко по овој настан, патријархот видел дека има многу поклоници во Хозева, кои зборуваат за свети Јован Хозевит, и тој со уште двајца епископи решиле да го погребаат светителот. Веднаш по оваа одлука патријархот добил срцев удар и умрел, едниот од епископите добил напад на бубрезите и за една година сите тројца умреле, без да го реализираат планот.

*
Една група поклоници од Грција дошле во Хозева, и една жена од нив по име Елена се доближила до ковчегот на светителот и си помислила: „Подобро да не дојдев да гледам мртовец кого некои го сметаат за светител“.
Кога се вратила вечерта во Ерусалим не можела да заспие, и кога на разденување задремала, го сонувала свети Јован како млад, со светло лице, убав, и тој ѝ рекол: „Елена! Зошто се исплаши од мене, и каква штета ти направив?“
Таа сакала да се врати во манастирот следниот ден, но не било изводливо, па се вратиле во Грција. Оттогаш добила страшна главоболка која долго ја мачела. Следната година отишла пак во Хозева, се поклонила пред моштите на светителот, побарала прошка и се исцелила од главоболката. Побарала од отец Јоаникиј икона, но тој немал, па ѝ дал фотографија од светителот. Оттогаш таа на сите им раскажувала за светителот Јован од Хозева.
*
Една жена од Австралија, по име Клеопатра, сонувала некој монах кој ѝ кажал да собере пари за ковчег за светителот со нераспаднато тело. Но таа не го знаела името на светителот. Еднаш таа била во Хозева заедно со поклоници од Кипар и кога дознала за светителот дека нема ковчег, сфатила дека парите биле за него, па таа ги донирала во манастирот и бил купен ковчег за него.

*
Откако се упокоил игуменот Амфилохиј, во манастирот останал само о. Јоаникиј. Понекогаш доаѓал да служи литургија еден српски монах од Света Гора, отец Григориј, кој не верувал дека свети Јован Јаков е светител. Па така воопшто немал почит кон него. Еднаш додека кадел му се појавил светителот и му рекол: „Ги покади сите светители. Имаш ли нешто против мене? Што лошо ти имам направено па не сакаш да ме покадиш, и зборуваш лошо за мене?“ Оттогаш отец Григориј имал голема побожност и многу му се молел на свети Јован, и на многумина им раскажувал што му се случило кај ковчегот на светителот.
*
Во 1988 патријархот Диодор од Ерусалим, го поставил за игумен во Хозева јеромонахот Синесиј, кој претходно бил во администрацијата на патријархот. Отецот игумен Синесиј тогаш имал 24 години.
Како и другите грчки отци од Грчката патријаршија ни тој немал никаква почит кон свети Јован, велејќи му на отец Јоаникиј дека знаел од другите отци и владици дека отец Јован бил романски монах, и поради некои гревови тој не се распаѓал, и дека отец Јоаникиј го промовирал пред поклониците дека е светител, а всушност не бил свет.
Во 1989 дошол во Хозева еден грчки ѓакон од Света Гора, по име Никифор. Тој бил роден во Германија. Неговиот татко бил Турчин, кој работел во фабрика за автомобили, а неговата мајка била Гркињка која заминала со својата мајка уште кога била мала, и тие останале таму. Бабата по мајка на Никифор била со македонско потекло, и таа заминала од Констанца кога била млада со нејзините родители и отишле во Грција каде што таа се омажила за Грк, кој умрел откако се родила мајката на Никифор. Бабата го воспитувала Никифор во побожност, и кога пораснал го однела во Грција да биде крстен, бидејќи бил муслиман. Кога имал 18 години заминал на Света Гора и станал монах, а потоа во Америка бил ракоположен за ѓакон. Се вратил на Света Гора и живеел како отшелник. Потоа дошол во Хозева каде што го запознал игуменот Синесиј, и тој го зел во Хозева, затоа што бил сам меѓу двајца Романци и еден Србин.
Сега, двајцата Грци биле против свети Јован и против Романците. Иако јеромонахот Григориј имал почит кон свети Јован, не можел ништо да им каже бидејќи бил странец.
Еден ден игуменот Синесиј му се развикал на отец Јоаникиј затоа што ги носел Романците да се молат пред ковчегот на свети Јован Јаков и му забранил да пишува за него, нарекувајќи го смрдлив труп, кој треба да биде погребан. Отец Јоаникиј со плачење му рекол дека нема да поминат ни 40 денови кога со свои очи ќе види тој и неговиот ученик дали свети Јован е светител или не.
Следниот ден отец Синесиј влегол во црквата со пресечена брада и му кажал на о. Јоаникиј дека му дошол вечерта некој монах во ќелијата и го тепал цела ноќ, и му ја запалил ќелијата, па бидејќи немало што да гори, се запалила неговата брада. Секоја ноќ, 40 дена по ред, доаѓал монахот и го тепал, сѐ додека игуменот не признал дека е виновен и побарал прошка. Во тоа време Никифор постојано им се противел на Романците, навредувајќи го светиот Јован, а отец Јоаникиј му кажал дека светителот ќе се погрижи и за него. Па така, Никифор почнал да оди кај Бедуините, да спие со нив во нивните шатори. По 6 месеци отишол во Јерихон, ја фрлил монашката облека и се оженил со арапска вдовица со две деца, и станал муслиман.
По молитвите на свети Јован Јаков Хозевит и Романски, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.