Отецот Петрониј е роден во 1914 година во општината Фаркаса, во областа Њамц во Романија. Неговиот копнеж за да стане монах уште од млади години го одвел во манастирот Њамц, каде што стана монах. Потоа отиде во манастирот Антим во Букурешт, додека студираше Теологија, следејќи предавања по математика и философија.
Во 1978 замина на Света Гора. Отец Петрониј отиде таму со втората генерација монаси, испратени од Романската патријаршија, со цел духовно да го обноват скитот на Светиот Јован Претеча.
Во 1984 беше избран за Дикеј (старешина) на скитот, а од оваа служба се откажа дури во староста, на почетокот на 2011 година.
Многу години служеше како библиотекар на скитот.
Двапати му беше предложено да стане патријарх на Романија, но тој двапати одби.
Кога отецот Плакида Дезеј од Франција побара од отец Макариј Симонопетриски да го однесе кај некој старец за да чуе духовни поуки, тој заедно со игуменот Елисеј и други монаси од братството го однесоа кај отец Петрониј. Кога побараа од старецот Адријан Фангачеану да каже нешто за старецот Петрониј, тој рече: „За Петрониј Продромит? Најсмирениот, најсмирениот, најсмирениот!“

Доаѓајќи во атонската земја, во скитот на Претечата, Николае Балчиут ќе напише: „Отецот Петрониј е толку љубовен што кај него по совет доаѓаат и грчки и романски монаси“.
Отец Јоаникиј од Симонопетра ќе рече: „Отец Петрониј Продромит одлично ги соединува љубовта со подвигот и кротоста. До пред неколку години старецот стоеше исправен на бденијата цела ноќ. Да го видиш да седи, тоа беше благослов“.
Се упокои на 22.02.2011 година. Неговиот свет спомен ќе се слави на 24 февруари.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Текстот е објавен во „Православна светлина“, бр. 75