(1846-1929)
Монах Мојсеј Светогорец
Тој беше свештен ластар и благоухан цвет од маченичката земја Јонија, старецот Даниил Смирненски. Од неговото благоухание многумина се израдуваа, при неговото пресадување во градината на Пресветата, како и од неговите добродетелни плодови.
Најдобар ученик во Евангелската школа во Смирна, син на побожни родители, изучувач на Светото Писмо и Добротољубието. После поклонението на манастирите и храмовите на Пелопонез и на островите во Егејот и по препорака на свети Арсениј (1800-1877) на Парос, доаѓа во светогорскиот манастир на Свети Пантелејмон.
Неговиот искушенички период се карактеризира со постојано и усрдно послушание. На неговото монашење од Димитриј станува Даниил. Наскоро ги препознаваат неговите квалитети и го поставуваат за секретар на манастирот, кој тогаш има 250 монаси. Поради разликите помеѓу Грците и Русите е изгонет, поради што многу жали и се измачува. Добива гостопримство шест месеци во манастирот на Света Анастасија во Халкидики, каде што станува извор на полза за тамошните отци.

Потоа следните пет години монахува во манастирот Ватопед, каде што ќе биде исцелен од тешка болест од страна на Богородица, којашто многу ја сакаше во целиот свој живот.
На крајот се упатува кон прекрасната Катунакија. Таму ќе основа исихастирион на Преподобните Светогорски Отци. По неколку години собира мало братство. Ги раководи со Добротољубието, коешто постојано го чита и го знае напамет.
Неговата добродетел соединета со неговата мудрост, неговата молитва и смирение, читањето и опитот придонесоа да ја препознава прелеста, да ги поправа опрелестените, да ги исцелува демонизираните, да ги враќа на светоотечкиот пат заблудените.
Монасите кои имаа сериозни искушенија од десно (т.е. преку добри намери) добија голема помош од него и му благодареа. Болни, тажни, расплакани, разочарани и измачени луѓе најдоа утеха и надеж од неговите зборови и писма. Дојде до тоа и самиот тој да го остави исихастирионот заради помирување на браќата.
Неговата преписка со монасите, монахињите, клириците од сите степени, професорите и луѓето со различни тешкотии е богата. Имаше духовна блискост со писателот Александар Мораитидис, кој подоцна стана монах Андроник, којшто го карактеризираше како „не владетел со многу имоти и злато, туку преморен монах“, којшто им принесува како десерт „зборови од кои капе небесна сладост“. Самиот пак велеше: „Кога дојдов на Света Гора мислев дека Го допрев Бога, но кога го запознав старецот Даниил тогаш сфатив колку далеку беше Бог од мене“.
Значајно е запознавањето, пријателството и преписката на старецот Даниил со свети Нектариј (1846-1920). Му пишуваше за неговите монахињи со смиреномудрие светителот: „Вашето писмо, родено од делата и созерцанието, се за оние кои се лишени од таква жива поука, духовна храна и вистинска духовна поддршка“.
Освен неговите многубројни писма, плод на неговата мудрост се и оние седумдесетина дела на сериозни духовни теми, главно против еретиците и за духовно изградување.
Повеќе од педесет години на Катунакија со неговите поуки, со неговото перо и со неговата четка создаде прочуен дом на добродетелта, иконописот, пишувањето, музиката и гостопримството. Неговата врата секогаш беше отворена за да го успокои секого.
Стана лекар, раководител и ослободител на страдалните, опрелестените, луѓето со проблеми и тешкотии. Не се уморуваше по цели ноќи да бдее и да пишува писма и поуки за поддршка и просвета на неговите возљубени браќа.
Најголема среќа во неговиот живот беше тоа што замина од земјата на денот на рождеството на саканата Богородица. После Божествената Причест и Елеосвештението радоста беше силно отсликана на неговото лице.
Неговата топла љубов кон Богородица, специфичен елемент на сите добродетелни Светогорци, го запечати неговиот живот.
Старецот Даниил несомнено беше, и според зборовите и според делата, просветлен, расудлив, мудар раководител, „исполнет со Светиот Дух“. Неговите молитви да бидат со сите нас.

Неговата глава се чува со побожност во дрвено ковчеже и има кафено-жолта боја. Ѝ се поклонивме кога се навршија осумдесет години од неговото блажено упокојување. Слушнавме едно скромно, но срдечно пофално слово, во текот на бдението во чест на Преподобните Светогорски Отци (2009 година).
(Прославен е меѓу хоровите на светителите во 2020 година од страна на Цариградската патријаршија. Неговиот свет спомен се слави на 7 септември.)
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев