
Митрополит Филарет (Вознесенски)
На 8 ноември 1985 година (стар календар) се упокои во Господа Митрополитот Филарет, Претстојателот на Руската Задгранична Црква, со седиште во Њу Јорк, САД.
Митрополитот Филарет, световно Ѓеорѓиј Николаевич Вознесенски, е роден во 1903 година, во Курск. Неговиот татко беше свештеник и, подоцна кога остана вдовец, беше ракоположен за епископ на Хајлар во Манџурија.
Свештеничкото семејство во 1920 година пребега во Кина и се смести во Харбин Манџуриски.
Ѓеорѓиј, по завршувањето на студиите на Свештеничкиот Факултет во Харбин, се замонаши, добивајќи го името Филарет и беше ракоположен за свештеник во 1930 година. Архимандритската служба ја прими во 1937 година.
По окупацијата на Кина од Комунистите во 1949 година, сите Руски бегалци беа обврзани да примат Советско државјанство и да се вратат, сигурно со блескави ветувања за слобода во Советскиот Сојуз.
Таткото на архимандритот Филарет, Епископот Димитриј, попушти пред притисоците и се врати во Русија, каде што малку подоцна умре на Сибир, како што всушност се случи и со сите бегалци кои се вратија назад (околу 2. 000 000).
Јеромонахот Филарет, и покрај големите опасности, остана непопустлив и одби да замине од Кина на Запад, пред да се избават членовите на неговата словесна паства. Конечно, по многугодишни страдања, во 1962 година се преселува во Австралија, каде што по една година ќе биде ракоположен за Епископ на градот Бризбејн.
Во 1964 година, после оставката на Митрополитот Анастасиј, чудесно беше избран за Претстојател на Руската Задгранична Црква, и покрај тоа што беше најмлад помеѓу епископите.
Во текот на неговото пастирствување како Митрополит беа прогласени за светители, светиот протоереј Јован Кронштадски, преподобен Герман Аљаски, преподобна Ксенија Руска Христа ради Јуродивата, и на крај светите руски Новомаченици.
Беше препознатлив особено поради неговиот цврст став против сеереста на Екуменизмот, па така, ја видоа светлоста на денот неговите текстови полни со ревност за Православието, но составени со карактеристично расудување, осудувајќи ја ереста и укорувајќи ги нејзините творци.
Достопамјатен беше и неговиот совет како да се реши состојбата помеѓу оние кои не го променија црковниот календар во Грција, иако не беше целосно реализиран.
Беше воздржлив подвижник, немногуглаголив, кроток, смирен и љубовен богослужител, со голема љубов кон неговата словесна паства, а особено кон младите, секогаш посветен на свештеното дело на умносрдечната непрестајна молитва. Воглавно беше над секое ситничарење и страсти, украсен со добродетели и дарови, подражавател на великите Свети Ерарси на нашата Црква.
На 30 октомври 1998 година, според црковниот календар, Комисијата составена од тогашниот Архиепископ Лавр и други клирици на Руската Задгранична Црква, го отвори привремениот гроб, каде што ги беа положиле моштите на блажениот Претстојател во текот на ноември 1985 година, во манастирот Света Троица, Џорданвил, САД, за да се подготви за пренос во друг посебен гроб, којшто неодамна беше направен.
Но кога од страна на Комисијата беше отворен гробот на блажениот Митрополит Филарет, речиси 13 години по неговото упокојување, архиерејските мошти беа пронајдени во нераспадната состојба, на големо изненадување и восхит кај сите!
Луѓето од постарите генерации одлично паметат како било кај нас во свое време; одлично памтат како сме имале многу различни духовни образовни установи. И највисоки, како академија, и средни, како семинарии, и најниски како духовни школи. Сега условите се сосема поинакви. И како што и самите знаете, кај нас, во Задграничната црква, фактичка вистинска потполна духовна установа е само нашата семинарија, која веќе не прва и не втора година работи при Свето-Троицкиот манастир во Џорданвил. Како додатна помош во таа духовна установа се отвораат духовно-пастирски курсеви, фала Му на Бога поради тоа, затоа што во наше време е неопходно да се цени, на секој начин да се поддржува и чува таа организација и установа каде на луѓето може да им се пружи црковно образование.
Нормално, во споредба со минатите времиња, ние имаме една предност. Знаете одлично, пријатели мои, како говореа кај нас во Русија порано, дека најлошите богохулници и безбожници стигнувале меѓу семинаристите. Можеби таквата формулација звучела премногу остро и преувеличено, но каде има дим има и огин – навистина порано многу често се случувало така. Во семинариите биле луѓе на кои воопшто не им било местото таму, за на крајот на краиштата да излегуваат од таму како непријатели на верата.
Ќе си дозволам на себе да се присетам на она што не сум мислел да го кажувам на почетокот, а сега се сетив – кажување на писателот А.В. Амфитеатров за тоа, како своевремено на Московскиот универзитет предавал богословие познатиот научник, професор, протоереј Николај Сергијевски. Еднаш на испит по богословие одговарал млад човек од многу интелигентна аристократска фамилија. Одговорот бил потполно кристален. Толку многу биле знаењата на младичот кој одговарал, што неговиот одговор на моменти речиси се претворал во полемика помеѓу професорот и студентот. Завршил испитот кој траел речиси еден час. Протоерејот Николај Сергиевски давајќи му „петка“, му рекол:
„Вие најверојатно, по убедување сте атеист? Студентот поцрвенел:
„Како знаете?“
„По карактерот на Вашите знаења и одговори. Вие го учите ова за да спорите со нас“.
А потоа, по една година неговиот брат, многу скромен и богобојажлив одговарал исто така многу добро, но далеку од кристалниот одговор на брат му, а професорот исто така пишувајќи му „петка“, го прашал: „Вие сте брат на тој и тој? Вашиот одговор е сјаен, Ви благодарам. Одговорот на Вашиот брат беше уште подобар, но највисока оценка Вам ви давам со многу големо задоволство“.
Тоа било тогаш. Сега е многу мала можноста од духовна образовна установа да излезе противник на верата, затоа што сега во семинаријата, па дури и на пастирските курсеви доаѓа човек кој навистина бара духовна надградба и духовно просветлување. И нека ни даде Бог нашиот скромен почеток да биде успешен и да биде поддршка на нашата единствена духовна семинарија.
Во Харбин се случи да морав да читам една книга од еден теозоф, кој штитејќи ги своите теозофски доктрини, говореше: „Нема религија над вистината. Тоа е наш основен догмат, теозофски. Затоа сите религии имаат вредност, затоа што сите трагаат по вистината“. Би се рекло дека ова тврдење е многу привлечно, но сепак тоа е лажно однатре. Зошто? Па ако сите религии трагаат за вистината, а говорат за неа различно, зар можат да се сметаат за еднакво вредни? Тоа е исто како на ѕид да висат еден покрај друг дванаесет идентични часовници кои покажуваат различно време, а ние да почнеме да тврдиме: затоа што тие се направени да ни го покажуваат времето, сите времиња кои тие ни ги покажуваат се еднакво вистинити. Во стварноста едни покажуваат правилно, останатите неправилно, а можеби и сите неправилно. Во секој случај, вистината е една, и покажувајќи различно, не можат сите да ја говорат вистината.
Истото тоа може да се каже и за религијата. Нормално, религијата е – највисока точка на човековиот дух, и затоа верувајќи христијанинот никогаш нема да се потсмева на туѓа религија, па колку и да е таа примитивна. Но тоа е едно. Од друга страна, ако тоа теозофско тврдење е толку лажно, надворешно, повторувам, се гледа доволно привлечно. И ете авторот на таа книга, теозофот, говори: „Успеавме да ги обединиме претставниците на речиси сите религии, пред сè речиси на сите христијански вероисповеди, со исклучок на една тврдоглава – Православието. Православието никако не сака да се согласи на такво гледиште. Тоа говори дека не бара вистина, туку веќе ја поседува во полнота, дека нема што да бара. И затоа таа вистина може да му ја предложи на секој кој сака, кој со душата своја боледува за неа. Православието нема што да бара, тоа е религија која ја содржи богооткриената вистина. А бидејќи вистината е една, следи дека ни со една друга религија Православието не сака да се соедини“.
Потполно вистинито. Во православието тоа е и навистина вредно, дека тоа ја исповеда својата вера, онаа боготкриена вистина, која не ја измислиле луѓето во своите нагодувања со Бога и со верата, туку која од небото на земјата ја донел Господ Исус Христос, воплотениот Син Божји, Божји разум, Божја сила, Божја премудрост. Затоа со тоа се одредува вечноста, истрајноста и постојаноста на нашата православна религија верна на себе, нашата православна вера, тоа автентично, вистинско христијанство. Господ Исус Христос на Своите апостоли им зборувал: „Сè што слушнав од Отецот свој, Ви објавив вам“. Ете зошто и апостол Петар своевремено рекол: „Сè што ни е потребно за живот и побожност дарувано ни е од Господа“. Со тие зборови Спасителот не противречи на Другите Негови зборови, кои се изречени на таа Тајна Вечера, кога рекол: „Уште имам многу да ви говорам, но за сега не можете да се носите со тоа“. Овде не се работи за тоа дека им била речена непотполна вистина, туку само тоа, дека тие не можеле во полнота да ја прифатат“. А кога ќе дојде Духот Утешител, Он ќе ве потсети на сè што Ви реков, и ќе го озари вашиот ум за тој да ја сфати вистината, да ја прими во сета нејзина полнота“.
Црквата секогаш и учи дека полнотата на вистината, полнотата на знаењето припаѓа во суштина на целата Црква Вселенска, а не на еден човек, каков и да е. Следи дека содржината на нашата вера веќе е дадена. Таа е формулирана на Вселенските Собори, накратко заклучена во исцрпниот Символ на Верата. Понатаму Црквата говори дека содржината на верата се открива во својата длабочина во историјата на Црквата, во делата на Светите Отци, да се усвојува како спасувачка вистина од страна на секоја човечка душа во животниот подвиг, во изучувањето, во побожното прифаќање на она што Црквата го нуди како богооткриена вистина. Повеќе не може да се додаде ништо друго, (што би било) сосема ново.
На тоа цврсто стои нашата Православна Црква. Основа на таквото сфаќање во свое време, предупредувајќи, дал апостол Павле, кој им пишува на христијаните од Галатија: „Но дури и ние, или ангел од небото да ви благовестеше нешто друго од она, што ви благовестевме ние, нека биде анатема!“ Затоа, ако пред вас се открива вистина на нов начин, тогаш, за да може христијанинот да го прифати тоа разјаснување тој, пред сè, мора да се погрижи тоа да биде во потполна согласност со онаа вистина, која веќе постои во нашата Православна Црква. Тоа не смее да биде некаква новотарија, туку мора да произлегува од она што Црквата го нуди, да биде разјаснување на она што е веќе дадено. И ете во тоа е, повторувам, постојаноста, верноста, силата и истрајноста на нашето Православие.
Некогаш кај нас во Русија живеел оригинален мислител, философ, Василиј Василевич Розанов, многу оригинален. Човек, кој не само што понекогаш мислел на не потполно црковен начин, туку во сè, во крајна линија, потполно нецрковно се изразувал. Изговарал парадокси, понекогаш едноставно го напаѓал христијанството, говорејќи дека христијанството ја одзема светлината на животот, дека му ги одзема радосните страни и го прави мрачен, потполно нерадосен за душата. Но ако велат дека кај рускиот човек умот и срцето не се во склад, тоа е всушност кај Розанов. Неговиот ум често отворено станувал против христијанството, а перото одело по умот и пишувало многу за тоа што христијанин не би требало да пишува. А ете, неговото срце се пружало кон Црквата, кон Православието. Тој самиот говорел дека сака пред смртта, кога ќе умира да повикаат свештеник, та пред крајот да се исповеда за целиот свој грешен живот.
Еве како овој оргинален мислител говорел: „Зошто кога одам во храмот, мојата немирна душа чувствува спокој? Зошто, кога влегувам во најмалата, некоја селска црква, таму црковникот-чтец од певницата нешто чита и пее, можно е и самиот тој понекогаш да не ги сфаќа зборовите кои ги пее или чита, стариците стојат и со побожен трепет се молат, а дури тие тешко дека и половина од она што се чита и пее го сфаќаат – но зошто таков мир и спокој на душата? Затоа сме влегле во атмосферата на вечноста, затоа што тука е силата на нашата вера, нашето Православие, значењето на нашата Православна црква?
Ете тој смирен служител на Црквата – чтец, слуга Божји на своето место нешто таму чита и пее, и знам, дека до тогаш, стотини години истото тоа се пеело и читало. Црквата тоа го пеела и читала, Црквата тоа го пружала на своите чеда. Нас ќе нè снема, по нас во Црква ќе доаѓаат други, и тие ќе го слушаат истото, ќе ја чувствуваат истата благодатна атмосфера. Па што ако и тие старици, можеби не разбираат сè? Тие се хранат овде, тие ја чувствуваат таа благодарна атмосфера, тие живеат со неа. И мојата грешна душа“, вели тој, „исто така ја чувствува животната сила на таа духовна атмосфера, чувствува камен, чувствува карпа на која можеш да се потпреш, на таа постојаност, на таа неизменливост“.
Тоа постои, како што тој правилно забележал, само во Православната Црква. Надвор од црковниот праг понекогаш се случуваат најпотресни промени. Поколенијата ги менуваат поколенија, држави исчезнуваат и на нивно место се појавуваат други. А црквата го работи своето дело онака како што тоа го правела во апостолско време, како што го врши сега и ќе го врши до крајот, додека не се заврши оваа земна историја на родот човечки.
Ако со вас поминеме сега на инославното вероисповедание на римокатолицизмот, ние знаеме, дека неговите чесни и искрени претставници отворено признаваат дека токму Православната Црква ја чува вистината каква што таа била во времето на Апостолите и Вселенските Собори, а дека римокатолицизмот ì додал нешто ново. Тие сметаат дека овие додатоци се боговдахновени, ги сметаат за догмати, но признаваат дека само Православната Црква ненарушено го чува она што во неа постои. А римокатолицизмот, како што знаете, измислил многу новини. Немаме време за тоа подробно да говориме, вие сами знаете многу точки по кои римокатолицизмот се оддалечил од Православието, се оддалечил од вистинското христијанство.
Тоа е само почеток на несреќата. Допушти нешто ново, некаква новост, и како да си затркалал камен по ридот; а животот покажува колку е тоа страшно, колку е опасно. Страшна трагедија со римокатолицизмот гледаме сега. Некогаш философот, ми се чини Вишеславцев, пишувал, сеќавајќи се на страшните години на животот во Советскиот Сојуз, во првите години по револуцијата: „Многу декрети издала советската власт, многу наредби издала. Како сме живееле? Живеевме само тогаш кога ги заобиколувавме, кога не ги исполнувавме, да ги исполнуваш – значеше да загинеш“: и на тоа цело време се сеќавам, кога се случува да чујам, дека благочестивите римокатолици, воспитани во верата на отците, некако и се обидуваат да го сочуваат претходното и да живеат со некакво благочестиво стремење, оти никако не ги прифаќаат новотариите на римокатолицизмот, оној разорен, поврзан со таканаречените новотарии на истиот оној таканаречен римски првосвештеник.
Вие и сами гледате што се работи таму, ја гледате трагедијата на римокатолицизмот, кој како што се чинело, бил неразрушлив ѕид. Тие порано на нас секогаш гледале од висина, говорејќи дека ние постојано имаме некои немири, дека немаме единство, а дека тие се цврсти како карпа. Ете како се расипала таа карпа, или во крајна мера, почнува сега да се распаѓа.
Што се однесува до протенстатизмот, кој се појавил како протест против оние, ќе кажам дирекно, гнасотии, кои го посрамотиле римокатолицизмот уште во времето на средниот век, и тој се појавил како здрав протест против сите тие изопачувања на вистината. Али, се случило така што тој протестирал и протестирал, па отишол на друга страна од вистинското христијанство, подалеку од Православието отколку што римокатолицизмот отишол. Ако себеси се претставиме како исправено и мирно висечко клатно (тоа е Православието), римокатолицизмот се оттиснал некаде настрана од него, а протенстантизмот направил застранување на друга страна, но не застанал таму каде што е Православието, туку одлетувајќи, се нашол уште подалеку.
Протенстатизмот прекинал со многу нешта што се чувале сè уште во римокатолицизмот. Во протенстантизмот нема ни преемство на ракополагање, ни многу Свети Таинства, а оттаму и резултатот, при такво отсуство на внатрешна верност на апостолското учење, при толкаво самоволие протенстантизмот да се дели и дели на секти, на правци, на разноразни ограноци и поделби, кои меѓусебно понекогаш речиси се исклучуваат и во своите крајни заклучоци доаѓаат речиси до потполно одрекување на христијанството, до одрекување на неговите основи. И Мајката Божја тие не ја почитуваат, па дури и се сомневаат во Божеството на Господ Исус Христос, то ест во суштината своја се оддалечуваат од христијанските начела и верувања.
И ете, тие трагедии на инославните вероисповеданија ја родиле и таа појава која денес како отровна соблазна стои пред многу души, кои се слаби или недоволно ги сфаќаат нештата. Тоа е она кое денес се нарекува „екуменизам“. Уште еднаш ќе повторам дека немаме можности овде за него да говориме детално. Но ќе кажам, пред сè, ќе се потрудам со неколку зборови да укажам на главната точка на неговата недоследност. Екуменистите велат: ние повикуваме на обединување, да се слијат во едно сите христијански вероисповеданија. Секое од тие вероисповеданија има дел од вистината, тие различно учат, различно говорат. А ако тие се слијат, ако се соединат вистините, а своите заблуди ги отфрлат, тогаш ќе се добие нова Црква, вистинска христијанска во полно единство.
Тоа е повторно некако прилично привлечна перспектива. Но погледнете по која цена ни се предлага? Нам, како и на сите други вероисповеди ни говорат: вие поседувате дел од вистината! Дел! Тоа значи дека во нашето вероисповедание, во нашата света спасоносна вера ние мораме да признаеме само дел, а останатото да го објавиме за заблуда. Ете и јас прашувам: која православна совест, кое срце, која душа на православниот човек може да се согласи со нешто слично? Во таа спасоносна вера, со која живееле луѓето во древните времиња, живееле Светите Отци, нашите побожни претци, за кои говорел отец Јован Кронштатски и големите наши праведници, да објавиме само дел од вистината, а останатото за заблуда? Никогаш, се разбира, свеста на православниот човек, православната душа нема да се согласи со ништо слично.
Задржувајќи се уште малку на таа схема, со вас можеме да ги увидиме парадоксите на екуменизмот, кои повторно укажуваат на неговата недоследност во некаква божемна надворешна привлечност. Со што пред сè тоа е предизвикано? Нормално, со фактот дека светот преживува епоха на разноразни потреси и колебања. За спокојно сето тоа да го преживееме треба да имаме духовен темел. Разореното христијанство, посебно разорените ограноци на протестантизмот, потполно го изгубиле единството, ја изгубиле силата, го изгубиле чувството на можната поврзаност со триумфалната небесна Црква, за која тие и не мислат, свртувајќи ги своите погледи кон земјата, сите толкуваат дека на земјата ќе го устројат Царството Божјо. Наоѓајќи се во таа преспектива, тие, како што самите знаете, не можат да ја најдат вистината, затоа што таа не се наоѓа така.
Тие мислат, ако се слијат раздробените, малодушни, маловерни, различни ограноци и исповеданија, тие заедно во единство ќе створат нешто силно и духовно, додека, пак, познато е дека колку и да додаваш нули – тоа повторно ќе биде нула. Екуменизмот се гради на тврдењето дека сите вероисповеданија се само делумно исправни и се изведува заклучок дека ако тие се соединат, ќе се добие ново учење, вистинско христијанство. Но тоа е парадоксално и невистинито. А освен тоа, уште повеќе е лажна основната идеја од која екуменизмот произлегува, дека на земјата, меѓу човечкиот род, нема никаква во потполност вистинита Црква. Оти ако таа би постоела, тогаш никаков екуменизам не би бил потребен, и едноставно сите би се слеале во таа Црква. Екуменизмот затоа го проповеда своето учење и смета дека не постои никаква вистинска Црква, која вистински ја поседува нејзината полнота, туку постојат само вероисповеди, групи на луѓе, кои поседуваат парчиња, делови од вистина. Повторувам: за православната свест потполно е неприфатливо такво поставување на прашањето.
Сакам да ви кажам уште нешто. Ако ние со вас, нормално, како православни, како деца на Црквата, и не помислиме некогаш да му се приближиме на тој екуменизам, кој говори дека вистината ја имаме само делумно, а дека во останатото сме во заблуда, сепак, како идни пастири, ќе се сретнувате со оние кои поинаку мислат. Запамтите, ве молам, ако имате прилика да разговарате со оние кои поинаку мислат, неопходно е на ум да се имаат неколку околности. Од една страна, како што укажуваше покојниот владика Антониј, говорејќи за нашата вера и предложувајќи ги нејзините вистини на оние кои поинаку мислат, неопходно е да ја изнесувате нашата вера таква каква што е таа навистина, никако не смалувајќи ги нејзините строги и точни барања и високи начела поради угодување на било кој – дали на својот собеседник или на некои владеечки токови.
Владиката Антониј некогаш укажувал дека таканареченото прилагодување на римокатоличкото духовништво на нивната паства го објаснува фактот дека тоа не ја подигнува својата паства во височина, туку дека својата вера ја спушта до неа. А тоа никогаш не треба да го прави православниот пастир, мисионер, воопште оној кој треба да говори за верата.
Излагајќи ја таква каква што е, во својата нејзина вистина, во својата нејзина чистота, во својата нејзина светлост, но и строгост, не намалувајќи и не отцепувајќи ништо, повторувам, поради угодување на било кого.
А од друга страна, разговарајќи со оние кои поинаку мислат, секогаш е неопходно да се разговара со извесна топлина, предусретливост, изнесувајќи го сето тоа токму во духот на љубовта. Како што говорел владиката Антониј: „Отклонувај по можност сè што може да го навреди соговорникот, да го повреди, отргне. Вистината на верата изложувај ја каква што е, но да биде загреена со топлина и искрена добронамерност“.
Еден црковен писател пишува: „Неодамна бев на една расправа на православен со секташ“. Православниот мисионер го надговори својот соговорник на триумф и радост на православните слушатели. Но“, говори раскажувачот, „отидов со најтешко чувство. Двата противника баратаа со текстови од Светото Писмо и се тепаа еден со друг со текстови по глава, како со стапови. Со некаква недобронамерност, со суровост, со злонамерни коментари. Тоа токму и била борба. Не христијанско, братољубиво разгледување на спорното прашање со цел вистината да се разјасни, да се открие пред заблудените, туку токму желба да се победи по секоја цена, и затоа тоа бил вооружен прекршок. И неизвесно е што би се случило, забележува раскажувачот, „кога секташот би бил подобро подготвен за полемика, да бил повеќе начитан, појак во дијалогот и логиката. Прашање е што би се случило. А неопходно е соговорникот, кому вие му објаснувате, да почувствува дека од Православната Црква и на него се излива светлост и топлина“.
И ќе им кажам уште едно на православните пастири. Посебно сега душата тагува за младината, која се наоѓа под удар на различни ветрови против-црковни, против-религиозни, анти-морални влијанија. Од сите страни на младата душа тоа се нафрла како ураган. Што може на тоа да се спротивстави? Не само интелектуалната ученост. Неопходно е децата, младите, младината да ја чувствуваат топлина и светлост околу Црквата. Постои таква младина, ние ја имаме, таа се наоѓа секаде, каде што нашата Црква има свои места и гнезда. Кога младината би почувствувала топлина и светлост околу Црквата – таа е веќе наша. Но неа ја има сосема малку. И пастирите мораат да се погрижат токму во тоа да ја привлечат младината и не просто нешто логички да ì докажуваат, туку младата душа која цути, повторувам, во Црквата да се чувствува удобно, да се чувствува како дома, да ја почувствува таа светлост и топлина, која Православната вера и Црква ја шири околу себе. И кога младата душа ќе го почувствува тоа, повторувам, таа е наша, затоа што оној кој ќе почувствува слатко, нема да посака горко.