Свештеник Јани Мулев
Нецрковните луѓе најчесто паѓаат во искушението од демоните и се насочуваат општо против целата Црква, особено против свештениците и монасите. Црковните луѓе имаат искушенија и помисли против духовникот од истиот демонски извор, во вид на преголеми очекувања и соодветни разочарувања и ако не ги исповедаат навреме, тие помисли ќе преминат во дело. Не постои духовник кој е безгрешен, без маани и слабости и лични грешки и гревови, но и ние треба да се потрудиме од наша страна да не бараме и очекуваме погрешни работи од него. Особено треба да пазиме и да сме свесни дека:

- Свештеникот не е life coach, т.е. тренер за животни вештини, иако многумина тоа го бараат и очекуваат;
- Не може да ни ги решава сите домашни проблеми;
- Не мора тој да нѐ венча или да ни ги крштева децата;
- Не мора само од него да примаме Причест;
- Не мора да ни честита родендени, имендени, или пак да биде наш редовен гостин на било која прослава (свадби, крштевки, родендени, слави);
- Не може да го товараме со одговорност за нашите грешки и слабости;
- Не треба да се споредуваме со другите, во меѓуличносната комуникација со духовникот, или да гледаме колкаво парче причест или колку парчиња нафора им дава на секого од верниците;
- Не треба ниту него да го споредуваме со други духовници и да му наоѓаме маани и забелешки;
- Не треба да бидеме ни сервилно поставени кон него, ниту да му ласкаме или да му се додворуваме;
- Не треба да очекуваме чуда од него, ниту да го величаме како светител, ниту да очекуваме тој да има одговор на сите наши прашања, ниту решение за сите наши проблеми, ниту да ја знае иднината;
- Не треба да очекуваме дека тој секогаш ќе биде насмеан и расположен, дека никогаш не смее да биде нервозен, расеан или налутен;
- Не треба да се интересираме за неговото семејство или дом, или за личниот живот;
- Не смееме ни телесно ни сентиментално да се врзуваме за него;
- Не смееме да очекуваме ниту да нѐ фали, ниту да нѐ сожалува.
Православна светлина бр. 73