7. Писмо: До девојката која не може да се одлучи за брак или за манастир

Loading

Штом се колебаш, ќерко, треба да знаеш дека повеќе си за брак отколку за манастир. За монашки живот се оние кои не се колебаат. Светиот Сава не се колебал, ни света Теодора, ни Ксенија, ни Ефимија и многу други, кои биле вистински уметници на монашкиот живот. Затоа ова не можат сите да го примат, туку оние на кои им е дадено.
Ти кажуваш, како често со својата мајка навечер седите покрај огнот и ги набројувате причините за и против. Но, јас ти велам: колку и да има причини тие нема да пресудат на која страна ќе тргнеш, туку ќе пресуди она што те привлекува. Љубовта стои над сите причини. И ако љубовта кон Христа не те одведе во самотната манастирска тишина, тогаш љубовта кон надворешниот свет ќе те задржи и ќе те упати кон брак. Но и во вториот случај ти можеш да бидеш благословена со благословот на Сара и на Рахила, па и на твојата мајка.
Големата љубов кон Бога не го поднесува надворешниот свет, не сака друштво и бара самотија. Таа љубов повикала илјадници души да се тргнат од широкиот светски пат во глувата пустина за да се видат насамо со својот Создател, Кој е целиот љубов и по име и по суштина. Но пред сè за да се удостојат за тоа видение и средба, монасите и монахињите ги примаат и постот и молитвата и понижувањето и бдеењето и сиромаштијата и послушноста и сите останати завети сè со цел да ја достигнат таа духовна средба со својот Создател. На овој тесен пат душата се удостојува за средбата со Господа тогаш кога ќе се ослободи, очисти и украси.
Од што треба да се ослободи душата на осаменикот? Од сите земни врски и приврзаности. Од што треба да се очисти? Од секоја таканаречена љубов, земна и телесна, од љубовта кон телото, кон ближните, кон своето родно место, имотот, јадењето, накитот итн. Со што да се украси душата? Единствено само со љубовта кон Христа, која ги содржи во себе сите останати украси, сите бисери на верата и сите скапоцени камења на останатите добродетели. Испостеното тело на монахот служи како почеток и лесен покривач на оваа бескрајна ризница.
Така ти пишувам не за да те привлечам кон монашкиот живот, но попрво да те оддалечам од него, затоа што ако со колебливост се оддалечиш од светот, желбата за светот ќе се зголеми во тебе, и се плашам дека ќе те совлада. И ти со телото ќе бидеш во манастирот, а со душата во надворешниот свет.
Благодари Му на Бога што покрај тесниот монашки пат покажал и еден малку поширок пат кон спасението и вечниот живот. Тргни, ќерко, по овој широк пат кој повеќе одговара на твојата наклоност. Тргни по тој пат, но сепак со страв Божји и со целосна наклонетост кон Бога, зашто знај дека и тој лесен пат без Бога е неиздржлив.
Благословот Божји да биде со тебе.

Не кради, сподели:

One thought on “7. Писмо: До девојката која не може да се одлучи за брак или за манастир

  1. Неизмерна жртвена љубов за Христа , за целото човештво!
    Молитвата на овој Крст е спасителна за светот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *