Елефтериос Елефтеријадис, психолог
Последен елемент на паничното растројство се паничните напади. Што се тоа панични напади?
Тоа е еден вид вентил на стресот.
Најсилниот, можеби и најнасилниот, најструктурираниот во врска со претходните видови на вентили на стресот. Општо веќе реков дека во оваа книга ќе избегнувам списоци од симптоми, но и покрај тоа, овде, кај паничните напади, ќе направиме еден исклучок.
Симптоми…
Паничните напади се сочинети од тринаесет конкретни симптоми. Кои се тие:
Притискање во главата.
„Грутка“ во грлото.
Тежина во градите.
Тешкотии при дишењето.
Тахикардија или аритмија.
Треперење на рацете или нозете.
Трнење на рацете или нозете.
Стегање во желудникот со нагон за повраќање или дијареа.
Чувство на жештина или студ.
Потење.
Страв од смртта.
Чувство на беспомошност.
Чувство дека полудуваш.
(Неодамнешните категоризации изложуваат помалку симптоми – 12 на број. Лично, и од клиничкото искуство, настојувам на проширена категоризација на 13 проширени симптоми. Нема големо значење. Одиме понатаму.)
Потребно е да се појават барем четири од овие симптоми истовремено за да зборуваме за панични напади. Може да се појават и пет. Може и шест. Може осум. Може десет. Може и сите заедно. Може четири секој пат. Може четири различни секој пат. Може еднаш четири, другпат пет, потоа осум, потоа десет. Но, како и да е, барем четири мора да има.

Времетраење…
Паничните папади, наспроти сите претходни опуштања имаат и конкретно времетраење. Траат од неколку секунди до петнаесет минути.
„Но, јас чувствувам дека преживувам паничен напад цел ден“ – ќе рече некој.
Не. Секој паничен напад е кулминација.
Сѐ што доживуваме претходно и сѐ што доживуваме по таа кулминација се само психосоматски симптоми и страв.
На пример, може некој да има тахикардија и потење цел ден, но, во некој миг, сета таа напнатост да кулминира, да пукне во еден паничен напад, и потоа да се смири…
Бројка…
Не постои определено колку панични напади може да доживее еден човек во текот на еден ден. Може да преживее еден, може и повеќе. Но никогаш постојано.
Зошто не?
Бидејќи нападот е едно насилно испуштање на насобраниот стрес. Затоа при секој напад човекот, може да речеме дека, некако „се одзатнува“. Треба пак да насобере стресови, и пак да се одзатне, за да се опушти пак.
Агорафобија (страв од отворен простор со многу луѓе)…
Паничните напади може да се појавуваат со или без агорафобија.
Агорафобија е силно чувство на немоќ да се излезе на места каде што има многу народ.
И уште нешто…
Некогаш, паничните напади, се појавуваат со губење на свест. Некогаш, но не често. Ако не се појави во првата година од првиот напад, најверојатно нема никогаш да се појави.
Како се појавуваат?
Како се појавуваат паничните напади? Психосоматски? Стравови? Опсесии? Притисоци?
Би рекле на три начини.
Првиот начин е неочекуван. Тогаш кога ти е добро – или подобро – се крие еден паничен напад. Тоа е опсесија. Еден страв.
Вториот начин е поврзан со некоја дразба. Секогаш кога се изложуваш на некоја дразба се појавуваат некои од погореопишаните симптоми.
На пример, секогаш кога влегуваш во автобус, добиваш паничен напад. Секогаш кога одиш на прошетка. Секогаш кога се оддалечуваш од сигурното место итн.
Третиот начин е поврзан со некоја дразба, но без да се претпостави изложеноста на неа. На пример, бидејќи утре мислиш дека треба да патуваш, уште од денес те фаќа тахикардија, стегање, потење итн.
Опасно ли е? Колку се опасни сите овие симптоми?
Воопшто.
Може ли да пострадам од нешто?
Не.
Ако ги имам повеќе време?
Нема никаков проблем.
Ако ми се појавуваат повеќе симптоми?
Никаков проблем.
Сите се безопасни. Колку на телесно, толку и на психичко ниво.
На телесно ниво, не постои ниту еден човек во светот кој нема претрпено барем малечок паничен напад, од наметливи или опсесивни мисли. Можеш да имаш десет напади во денот, но нема да претрпиш апсолутно ништо.
„Но ако имам некој здравствен проблем, ако имам проблеми со срцето, ако сум бремена?“
Може да имаш хируршка интервенција на отворено срце, секој ден да имаш панични напади, и цел ден и пак нема да претрпиш апсолутно ништо лошо од нив.
На психолошко ниво, може ли да полудам? Да го изгубам разумот?
Ништо.
Цел ден, секој ден да имаш напади, не постои никаква опасност. Истото важи и за останатите.
Или поскоро…
Ако сакаме да бидеме точни, постои нешто.
Постои една и единствена опасност од сите овие…
Ако се исплашиш, ако ги оставиш, ако дозволиш, ќе ти го уништат квалитетот на твојот живот.
Зошто сега?
„Зошто сега, кога сум добро? Зошто сега, бидејќи немав ништо?“
„Бидејќи до денес бев силен. Одлично ми одеше“.
„Но и други работи сум поминал во животот и никогаш не се скршив…“
„Зошто сега?“
„Не бев ваков. Не се препознавам себеси“.
Ова се неколку од размислувањата кои ги слушаш од луѓе на кои за првпат им се појавува во нивниот живот некое стресно растројство.
Малку од мислите кои ги слушаш од луѓето кај кои, за првпат, паничните напади, психосоматските болести, опсесивните мисли и стравови чукнале на врата.
Овие „зошто“ измачуваат многу луѓе.
Но, постои објаснување. Види вака…
Човекот е како еден сад.
Еден празен сад, кој во себе собира определена количина вода.
Овој сад започнува празен, и речиси празен е на крајот од краиштата неговиот пат.
Но, како што мине времето, согласно опитот, искуството, настаните, овој сад почнува полека да се полни со вода.
Водата е стресот.
Најсилните состојби, присилните, под притисок, го полнат садот со многу вода. Едноставните, секојдневните проблеми го полнат малку, со мали капки.
Истото се случува и со нашиот живот. Истото е токму и со луѓето.
Силните настани го полнат човекот со многу стресови, додека малите, секојдневни збиднувања го полнат помалку.
Поминува време, поминуваат денови, месеци, години, и садот сѐ повеќе се полни, и следствено, нивото на вода во него претекува.
Така е и со луѓето. Поминува времето и човекот собира многу стресови и натрупува работи во себе…
Сѐ додека стигне на крајот некој момент кога нивото на водата ќе стигне до горе, до врвот на садот.
До „амин“, како што викаат.
И таму, на таа точка не мора веќе да се случи нешто големо и силно. Доволно е една капка за да претече садот.
Така е и со луѓето…
Собираат, собираат во себе стресови и грижи, сѐ до оној момент кога ќе стигнат до крајот. И тогаш доволно е еден мал повод за да го води човекот кон крах. Кон исфрлање на стресот.
Затоа гледаш луѓе по цели години да стојат како карпи пред тешкотиите и во еден момент од никаде пукаат.
Затоа гледаш луѓе силни да се рушат.
Од друга страна, пак, пази го во умот следново: Примерот со бремената жена.
Жената кога треба да роди се измачува.
Се бори. Една борба за да донесе бебе на светот.
Кога не излегува бебето, таа не се откажува. Знае дека не може поинаку. Знае дека не смее.
Нејзината љубов ја тера да ја надмине секоја телесна болка и да продолжи понатаму.
Турка, вика, се бори, крвари и има болки. Но, не запира.
Не запира сѐ додека не го чуе првиот плач.
И потоа запира. Се опушта. Се разлева.
Дури потоа се ослободува себеси.
Така е и во животот.
Многу пати луѓето, кога се бориме во тешкотиите, кога се соочуваме со големи тешкотии, не си даваме можност за одмор. Не дозволуваме ослободување. Таму сме. Исправени пред нападите и се бориме.
Додека да заврши алармот. Претпазливост. Додека да ја постигнеме целта.
И кога ќе помине бурата, се опуштаме. Се ослободуваме. Доаѓа моментот кога ќе паднеме истоштени.
Ова се двете причини кои одговараат на тоа „зошто сега“.
Или затоа што „сега“ се преполнил садот, или затоа што „сега“ имаме комоција да престанеме да бидеме јунаци од историјата.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 74