Одлики на вистинскиот духовник

Loading

Свети Филотеј (Зервакос) Постариот, укажува на тоа какви се одликите на еден вистински добар духовен отец – исповедник, наведувајќи го како најдобар пример за тоа, свети Арсениј од Парос (1800 – 1877). Меѓу тие одлики пред сѐ, се вбројуваат: смирение, внимателност, трпение, способност за проникнување, сочувство и пред сѐ, љубов. Тој нагласува, дека сите овие добродетели свети Арсениј евидентно ги поседувал. Тој понатаму вели дека „свети Арсениј секого го примал со чиста љубов и со татковска наклонетост и разбирање, откривајќи го притоа ,лекот‘, кој неопходно треба да се применува во терапијата за таа одредена душа“. Како најважни од сите ,лекови‘ кои тој им ги препорачувал на сите, се издвојуваат посебно два, а тие се: покајанието и Божјата несебична љубов. Тој ги поттикнувал сите да се покајат искрено и да не очајуваат поради своите гревови, туку да веруваат во Божјoто неизмерно сочувство и љубов, нагласувајќи дека Бог ги прима грешниците што се каат. Како доказ за неизмерното Божјо сочувство, тој ги набројувал примерите за: изгубениот син, блудницата, митарот, како и многу други. Љубовта и несебичната посветеност на свети Арсениј, ги натерала многумина искрено да се покајат. Отец Филотеј Зервакос, продолжува понатаму, објаснувајќи како свети Арсениј Помладиот дејствувал како исповедник: Една девојка од островот Сирос (недалеку од островот Фарос), отишла на празникот „Преображение“ до манастирот каде што била замонашена нејзината сестра. Некој ја известил претходно монахињата, дека нејзината сестра малку застранила од правиот пат. Но, штом на таа монахиња ѝ јавиле дека сестра ѝ е дојдена во манастирот да се види со неа, таа почнала да вреска: „Оди си, оди си подалеку од манастирот, зашто ти си осквернета и ќе ги оскверниш сите овде!“ И придружена од уште неколку монахињи, таа излегла надвор од манастирот, да се види со сестра ѝ. Штом ја здогледала како седи до портите на манастирот, наместо да се сожали над неа и над раните на нејзината душа, нанесени од страна на жестокиот, но невидлив непријател, наместо да ја прегрне и во своите прегратки со љубов да ја ублажи нејзината болка, наведувајќи ја на тој начин полека да тргне по патот на покајанието и ,исцелението‘, таа уште пожестоко почнала да вика по неа. Потпомогната од другите монахињи, таа во еден момент силно ја удрила сестра си по лицето, ѝ ја раскрвавила главата и со силно викање и мавтање по неа, ја избркала од манастирскиот имот.

„Бегај од тука, никаквице, зашто ти го посрамоти името на нашето семејство со твоето недолично однесување. Оди си од тука и да не те видам повеќе!“

„Знам, јас многу згрешив, но зарем ни најмалку не ја чувствуваш мојата болка“?

„Не, повикала монахињата, јас не сакам да знам повеќе за тебе, и ти веќе не си моја сестра, ти си обична блудница и грешница!“

„А каде да одам јас сега“, – повикала расплаканата сестра?

„Бегај од тука, оди и убиј се, само да те нема повеќе овде“, – одговорила немилосрдната сестра-монахиња.

Расплаканата сестра, со рани по главата и крв што ѝ се слевала по лицето, го напуштила манастирскиот имот, плачејќи и тажејќи над себеси. Недалеку оттаму, таа горко липајќи, седнала на еден камен, повикувајќи со сиот глас: „Што ќе биде сега со мене, бедната, јас побрзав кај сестра ми, во манастирот, да побарам помош и утеха, а таа ме истепа и ме избрка со најголеми навреди, и ја исполни мојата душа со очај! Навистина, мене не ми преостанува ништо друго, освен да се фрлам во морето и да се удавам! О, Боже, помогни ми на мене бедната“!

Но според таинствената Божја промисла, според која Он не сака ни еден грешник да загине, туку секој да се спаси преку покајание и исповед, се случило токму тогаш таму да помине свети Арсениј кој одел кон манастирот.

Кога ја здогледал ранетата и толку потресена девојка, како седи и горко плаче на глас, тој се сожалил над неа и застанал до неа, прашувајќи ја: „Што се случува со тебе, дете мое, зошто толку многу плачеш и кој вака те повредил“?

„Мојата постара сестра, заедно со неколку други монахињи!“

„А зошто тие ти го сториле тоа?“

„Затоа што еден лош човек и една жена, ме прелагаа, ме заведоа и јас тргнав по лош пат станувајќи блудница. Ама јас тоа не го сакав, и побегнав оттаму, сакајќи да најдам помош и засолниште кај сестра ми во манастирот. Затоа дојдов до манастирот, а еве, гледате и сами што ми сторија тие, наместо да ми помогнат. Па зарем вака треба да се однесуваат монахињите; зарем тие се одрекле од светот за спас само на нивните души?“

„А што сега вие ќе ме посоветувате, старче, зарем навистина треба да отидам и да се удавам во морето, или, пак, да скокнам во некоја провалија?“

„Не, дете мое. Јас те љубам тебе како свое дете, и никогаш не би ти дал таков совет. Јас ќе те земам со себе, и ќе се обидам да ти ги исцелам сите рани, и телесните и душевните“.

„А каде ќе ме однесете, старче?“, – запрашала уплашената девојка.

„Во манастирот, дете мое“!

„Не“, – повикала исплашената девојка!

„Ве молам, старче, не носете ме таму, зашто таму е мојата сестра и оние зли монахињи, кои ми рекоа дека ако ме видат пак ќе ме убијат, и навистина не сакам да одам пак кај нив. Вие сте добар човек, старче, но тие се толку подли, како вистински криминалци да се!“

„Ајде со мене, дете мое, и не плаши се, никој нема да те убие, зашто јас ќе те предадам на Христа, и никој повеќе нема да може да ти наштети на било кој начин. Ајде, не плаши се, ни јас не се плашам од нив, зашто од Христа нема никој посилен, треба тоа да го знаеш“!

Откако ја охрабри и утеши девојката, свети Арсениј ја фати за рака и ја поведе со себе кон манастирот. И според вистинското значење на зборот „добриот Самарјанин“, по пат тој ја наведувал и бодрел да се исповеда и покае. И откако таа конечно му се исповедала со чисто срце, тој ѝ ги „измил и превил“ раните и на телото и на душата. Така очистена и облечена во чиста облека на покајание, тој ја вовел во духовната „одаја“ на манастирот, придружувајќи ја кон своето духовно стадо. Таа толку напреднала во монашкиот живот, во поглед на постење, самоконтрола, бденија, молитва, како и во сите други монашки добродетели, а пред сѐ во почитувањето на сите Божји заповеди, што успеала да ги надмине сите други монахињи. На тој начин на дело се покажало она што го рекол одамна светиот апостол Павле: „Таму каде што преовладува гревот, милоста треба да навладее“! Сакајќи да ги натера да се поправат оние сестри коишто многу лошо се однесувале кон неа, старецот ги повикал сите сестри внатре, и остро ги укорил посебно оние кои физички ја нападнале девојката, посебно нејзината сестра, велејќи им: „Во параболата за добриот татко, се вели дека, откако тој го здогледал оддалеку својот син-расипник, којшто сиот свој живот го проживеал расипнички, како се враќа дома, тој побрзал да го пресретне, го прегрнал, го бакнал, и го одвел во својот дом, каде што откако се измил, бил облечен во чиста облека и нови обувки. Тој бил восхитен, бидејќи неговиот син го сметал за мртов, а ете, тој оживеал; и бил изгубен, но бил повторно најден. Христос не слегол од рајот за да им помогне на праведниците, на коишто тоа и не им е толку потребно, туку токму на оние грешните. Он дојде за да го спаси своето изгубено стадо. Он се мешаше со најразлични луѓе, блудници, фарисеи, престапници и многу други, кон кои Он ја покажал својата огромна приврзаност и разбирање. Токму на ваков начин, покажувајќи им ја Неговата љубов, Он ги спасил. А што сторивте вие“, – повикал старецот кон сестрите? „Зарем вие не го сторивте токму спротивното? Иако знаевте дека нашиот бестелесен непријател, ѓаволот, веќе ѝ беше наштетил на нејзината измачена душа, наместо да се сожалите над неа, да ја прегрнете и прифатите како вистински сестри, за да спречите понатаму таа да му се предава на гревот, вие со омраза се нафрливте врз неа, и дури побрзавте да ја убиете! Но бидејќи не успеавте во тоа, сакавте да ја натерате таа самата да си го одземе животот, фрлајќи се во морето! А сега слушнете што ќе ви речам јас, вашиот духовен отец: „Вие не сте монахињи, вие не сте ни христијанки, па вие дури не сте ни човечки битија! Да имавте вие своја овца која ако се најдеше на работ на некој амбис, готова да падне и настрада, вие без двоумење ќе потрчавте да ја спасите, нели? Зошто? Само затоа што тоа е животно? Ако вие можете да покажете толкава загриженост за едно животно, зар не требаше на таков начин да постапите и со оваа ваша сестра, која не е животно, туку човечко суштество, и којашто има душа што вреди повеќе отколку сиот свет!? Таа стоеше на работ на провалијата, готова да падне и пострада, а сепак дојде кај вас да побара помош, а вие побрзавте да ја турнете во провалијата, за таа да падне и да загине што поскоро! И бидејќи ја лишивте од вашето сочувство и хуманост, вие станавте нејзини убијци. Поради тоа јас ве лишувам вас од Светата Тајна Причест во времетраење од 3 години, доколку не се освестите и не признаете каков грев сторивте. Покајте се, согледајте го, и исповедајте го овој ваш голем грев, заплачете горко и побарајте прошка пред сѐ од Бога, од мене вашиот духовен отец, и од оние ваши сестри кои не сакаа да учествуваат во тој грешен чин што вие го сторивте“.

И штом монахињите по искреното покајание и исповедта, горко заплакале, барајќи прошка како што им беше речено, свети Арсениј им простил, и им ја ублажил нивната епитимија. На сестрата на нападнатата монахиња, којашто била водач на таа побуна, старецот ѝ наложил забрана за Света Причест во времетраење од една година, додека на останатите сестри/монахињи кои зеле учество во тоа грешно дело, тој им наложил да бидат лишени од Причест во времетраење од 6 месеци, како соучесници во едно такво грешно дело. Овој расказ е наведен во благословената книга на отец Филотеј Зервакос за „Животот, однесувањето и чудата на нашиот отец Арсениј Новиот“ која за прв пат била печатена во 1960 година, а потоа доживеала уште неколку изданија. Јас го преведов овој расказ на англиски, за да го вклучам во мојата книга „Свети Арсениј од Парос“, и да го презентирам на сите, затоа што претставува многу значајна и поучна лекција, посебно за свештенството, и тоа пред сѐ во поглед на таинственоста што во себе ја крие покајанието, кое треба да им се наметнува на грешниците, како примарен дел од нивната духовна терапија. Во една друга од неговите книги, блажениот Филотеј потенцира колку е важна и улогата на добриот исповедник: „Главните одлики на добриот исповедник се: ведрината со која зрачи неговото лице, татковската приврзаност со која тој ги прима грешниците, слаткиот говор со кој им се обраќа на таквите, храброста која им ја влева на срамежливите, укрепувањето кое им го нуди на оние што сториле многукратни гревови и се чувствуваат очајно, наведување низа примери колку покајанието им овозможило на многумина да бидат спасени, а сето тоа заедно води кон искрено покајание и исповед на грешниците“! Токму на таквите духовни отци т.е. ,лекари на душата‘, грешниците треба да им ја подарат својата доверба, за исцеление на нивните души! Не може да се зборува соодветно за свештеници кои дејствуваат како исповедници, a да не се напомене и можноста тие да бидат негативно погодени во сето тоа. Во Стариот Завет се вели: „Со свет човек и ти ќе станеш свет, со совршен човек, ќе станеш и самиот посовршен, а со изопачен човек покрај себе, ти ќе станеш уште поизопачен“! Принципот што се пројавува овде, можеме слободно да го наречеме „Принцип на асимилација“. Современата психоанализа го нарекува „Принцип на идентификација“, барајќи притоа внимание т.е. соработка со други инстанци, каде што примената на ваквиот принцип, влијае многу негативно.

Превод од англиски јазик:

Станка Биковска, дипл. електроинженер

Православна светлина бр. 59

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *