
Доколку лесно се соблазнуваш од другите, тоа е така затоа што немаш покајание; не се занимаваш со своите грешки и страсти, туку попрво се занимаваш со грешките на другите.
Не е виновен другиот за тоа што ти се соблазнуваш. Виновен си ти, кој си подготвен да осудиш.
Лесно ја префрламе вината на другите. Тоа е само едно својство на нашиот егоизам, на нашата надменост, на нашата суровост, на нашето непокајание.
Некој може да направи грешка и да згреши. Не е твоја работа да се интересираш за неговиот живот.
Твоја работа е да си ги видиш твоите грешки и гревови и да се обидеш да се поправиш. А прв чекор во овој обид е да сфатиш дека твојот духовен напредок и спасение поминува преку твојот ближен, се определува според твојот однос со другиот човек, па кој и да е тој. Ставот на твоето живеење, твоето однесување, твоите помисли кон другите го откриваат квалитетот на твоето срце и на твојата душа.
Не се лажи себеси, твоето спасение не се оценува според твојата индивидуална морална чистота или од запазувањето на некои индивидуални правила; бидејќи не е доволно да живеам морално со постење и одење во црква, со молитви и коленичења, штом останувам суров кон другите, кога судам и осудувам, кога не простувам и ги понижувам другите.
Подвигот е потребен за да најдеме едноставност и љубов, очистени од нашите страсти, а главно од нашиот егоизам. Затоа и подвигот треба да е рожба на послушанието; бидејќи вистинското послушание се исполнува преку смирението.
За да видиме дали нашиот подвиг е богоугоден, потребно е да ги видиме неговите плодови. А плодови на подвигот се: нашиот љубовен однос кон Бог и кон нашиот ближен. Ако некој од овие односи страда, тоа значи дека нашиот подвиг е егоистичен и себељубив.
Како што велеше еден старец: не ми кажувајте колку постите и бдеете. Кажете ми колку сострадувате, дали простувате, дали поднесувате неправди, дали љубите, дали останувате спокојни кога ве навредуваат и ве фалат, дали живеете со едноставност без да станете пречка и измачување во животот на некој човек.
Архимандрит Павлос Пападопулос
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
One thought on “Не е виновен другиот што ти се соблазнуваш”