Епископ Данило Будимски
Не постои жива парохија без мисија. Нејзината мисија е да сведочи за Царството Небесно и со својот ентузијазам за Христовото Евангелие да биде и привлечна училница за нови студенти на Распнатиот и Воскреснат Богочовек. Опкружена од морето на разбеснети страсти и демонско насилство, парохиската црква треба да биде остров на мирот, оној небесен мир којшто нашите политичари не можат да го дадат на овој свет. Тука разочараниот човек треба да најде едно вистинско прибежиште на искрено братство и многовековно единство во Христа.
Успехот на заокружена катихезата ќе се види во животот на целата парохија. Добриот вероучител ќе има околу себе возрасни соработници, советници, членови на Верските добротворни старателства, хорови, разнесувачи на весници, женски секции – а не само многу деца на часовите по веронаука.
Нормално, дека катихезата и аскезата одат заедно.
Педагошки најлесно е да ја пренесеш тајната на верата на децата од предшколска возраст. Малку е потешко со младите луѓе и возрасните атеисти, и најтешко е да се пренесе пламенот на верата кај антитеистот, кој сиот е смрзнат од омраза кон Бога. Наше е да ги лечиме сите оние кои доброволно сакаат во нас да видат исцелители на душата.

Како пастир и педагог, парохискиот свештеник мора да обрне големо внимание на „домашната црква“ – семејството. Никој не може да биде против тоа, родителите да се грижат што подобро материјално да го обезбедат својот дом, но, сепак, парохискиот свештеник како духовник мора постојано да ги потсетува на најглавната работа, умножување на добродетелите и талентите за добивање на Царството Небесно. Треба да ги учи дека не треба да работат во неделите и на празници, туку да доаѓаат на богослужби во црква. Треба да ги советува да се молат пред малите деца, да го палат кандилото и да ја покадуваат куќата, така што од почеток да се внесе во душата на детето атмосфера на светост во домот. Исто така децата често да се причестуваат. И постепено да се навикнуваат на пост.
Најважна и најтешка работа на парохискиот свештеник како вероучител – тоа е работата со секој поединечен верник, бидејќи секој човек е свет за себе и очекува посебно внимание од својот духовен отец. Најважните работи, често, може да се кажат само во четири очи. Ова значи дека пастирот, за да може да има ефикасност во негувањето на сите души посебно, парохијата не смее да биде голема и преполна со луѓе. Во големите парохии, свештеникот само претрчува низ парохијата за време на Водосветот и физички не може да стигне во секој дом, а камоли да разговара со секој парохјанин. Големите парохии, во кои верниците едвај се познаваат, се студени. И поради тоа студенило многу луѓе отпаѓаат во секти, бидејќи таму наоѓаат човечка топлина и непосредност. Но, за еден протоереј од типот на Јован Кронштатски, и големата градска парохија пламтела од божествена љубов, затоа што светиот протоереј го имал тој оган во себе и знаел да го пренесе на сите души во храмот.
Треба да му се каже на секој поединец дека тој е член на Народот Божји и дека нашето Богослужение, кое започнува во храмот, продолжува во секојдневниот живот, и дека секое добро дело направено заради Христа е продолжување на Литургијата, и дека секој мирјанин станува активен член на царското свештенство само кога учествува во храмовото богослужение, во коеа началстува неговиот парохиски свештеник или неговиот Епископ.
Според зборовите на протоерејот Павле Флоренски, храмот е „синтеза на сите уметности“.
Добар катихет е оној кој умее да го воведе секој член на парохијата во богатството на мистичниот живот на целата вселенска Православна Црква преку животот на својата парохија. Како што единството на Света Троица се одразува во единството на автокефалните цркви, така таа тајна на единството во Бога се одразува и во поединецот, во добро воспитаниот верник, бидејќи и неговата душа блеска со „троичното единство, свештенотаинствено“. Како што во капките роса се одразува целото сонце, така и во добро воспитаната православна душа се одразува целото Божество на Света Троица. Тоа е нашата идеална цел. И ова не може да се постигне со сила. Нашата минимална цел е да го сееме семето на „здравата наука“, па кај ќе падне, нека падне. Наше е барем да ја кажуваме вистината, а кој ќе нè послуша нас, тоа е тајна на слободата. Важно е ние постојано да растеме духовно, да се богатиме со Бога, бидејќи не можеме да го дадеме на друг она што и самите ние го немаме. А нашите недостатоци ќе ги надополни Бог, Кој преку Своите ангели стигнува онаму каде што ние, пастирите, не можеме.
Сета ова наша катихетска работа ние не ја правиме против некого, туку од пастирска љубов за секоја душа. Ние го даваме на „царот царевото“, но исто така, знаеме дека во Делата на светите Апостоли се вели ова: „треба повеќе да му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“.