Еднаш авва Иларион имал видение од еден демонски собор, каде што пред Сатаната доаѓале сите демони за да му раскажат кој, како и колку души погубил.
Првиот демон ги учел луѓето да одат во црква, да прават добри дела, но да одат и во кафеани, да се опиваат, да пушат цигари, да блудствуваат. Но за ова бил казнет, бидејќи ако одат во црква, кога-тогаш ќе се вразумат и покајат.
Вториот демон ги учел дека нема ни Бог ни ѓавол, дека нема рај, ангели, вечност, туку дека сѐ е овде, да не си го трошат времето на вера и црква. Но и тој бил казнет, бидејќи од многу гревови често во луѓето се бунтува совеста, која е глас Божји и кога ги тера да одат во црква и да се исповедаат.

Третиот демон ги учел луѓето дека има време за сѐ. Да не брзаат. Има време за постење, не мора во младоста да се мачат, не мора во црква баш сега да одат, не мора да се молат, има време и за исповед и причест. Тоа е за на старост, сега додека се млади да си го проживеат животот, па на крајот од животот да се исповедаат, па секако ќе добијат прошка и спасение. И на овој начин погубил најмногу души. Одложувањето на покајанието најмногу души погубува. За оваа лукавост овој демон бил пофален пред сите демони, како најуспешен во погубувањето на душите.
(Врз основа на раскажувањето од старец Клеопа, од книгата „Пат на небо“)
Подготвил: Свештеник Јани Мулев