Нарцисоидност и љубомора

Spread the love

Loading

Ема Шпедт, психолог

Љубомората е крајна форма на егоизмот, кога едниот од партнерите бара другиот да го сака само него, и не прифаќа отстапување од поставените правила.

Љубомората може да се манифестира на различен начин: од чувствата кои ги доживува измамениот љубовник, немирот, кој го доживува човекот, кој забележува дека неговиот љубен/а добива големо внимание од страна на друго лице.

Поводите кои предизвикуваат љубомора може да бидат различни: како нормални, така и патолошки, кои постојат само во фантазијата на љубоморниот, кој го преувеличува или лажно го толкува однесувањето на објектот на својата љубов.

Во основата на љубомората секогаш лежи една и иста причина: стравот, дека љубениот може да претпочита некој друг.

Љубоморниот е апсолутен егоист, кој го смета својот љубен како предмет, кој нема право ни на слобода, ни на личен живот. За да го задржи тој предмет, тој се стреми да го смести во ментален затвор од закони, правила и закани, со чија помош се надева дека ќе ја задржи психолошката тиранија.

Љубоморниот човек е емоционално неурамнотежен. Неговото однесување изразува неспособност да љуби, бидејќи во стварноста тој не го љуби оној другиот, кон кого чувствува страст. Тој само бара психолошки слуга, благодарение на кого ќе добива енергија, и контролирајќи го неговото однесување, чувства и дејства, ќе си добие илузија за увереност во себе.

Љубоморниот – е човек без самодоверба со опустошено Јас, кој мора да го потполнува својот внатрешен свет со емоционалниот живот на другиот човек.

Љубовта на љубоморниот човек, наместо да биде насочена кон другиот, општо кон луѓето или кон целиот свет, фокусирана е само на него самиот.

Однесувањето на љубоморниот човек – тоа е класична пројава на нарцисоидност, т.е. инфантилно однесување, кое претставува фиксирање на раните стадиуми од развојот на детето.

Тој е уверен дека светот постои само за задоволување на неговите потреби. За нарцисот постои само единствената реалност – неговите сопствени мисли и потреби. Тој не го восприема светот објективно, туку го приспособува на себе според своите сфаќања.

Нарцисот не може да љуби никого, дури ни себеси, бидејќи вистинската љубов кон себе, како што вели Ерих Фром, е спротивна на егоизмот.

Нарцисот/љубоморниот го гледа својот партнер како идеален слуга, чие ропство ги допира не само физичката и сексуалната сфера, туку исто така и емоциите и фантазиите.

Љубомората ја убива љубовта, бидејќи ни насилникот, ни жртвата не се сакаат еден со друг. Можно е жртвата на почетокот да била заљубена, но прекумерните барања на насилникот на крајот ја истоштуваат и опустошуваат, уништуваќи сѐ што таа чувствувала.

Љубомората е деструктивно чувство. Љубоморниот никогаш не размислува, како да ги подобри односите, неговото срце е исполнето со одмазда и омраза, а разумот со мисли за самоубиство и престапи. Тој страсно би сакал да го казни партнерот, да го измачува или да се самоубие. Таквите мисли не може да се појават кај човек, кој вистински љуби.

Кога има љубов, човекот сака да го запази својот партнер од проблеми и страдања. Некој може ќе приговори дека целта на самоубиството од љубомора е стремеж да му се ослободи патот на партнерот, но всушност, друг е внатрешниот мотив. Самоубиецот е далеку од алтруизам, неговата вистинска цел е засекогаш да му го затруе животот на својот „љубен“, обидувајќи се да го казни со својата смрт.

Оној кој стапува во брак со љубоморен човек, се изложува на ризик, бидејќи не ги знае сите опасности поврзани со тоа психичко растројство, кое може да биде незначително или многу сериозно.

Кога започнуваат да се градат односите, човекот повеќе се грижи за својот имиџ и ја потиснува љубомората, за да не го расипе впечатокот, но подоцна, кога тој веќе се чувствува како домаќин во амбиентот, маската паѓа и стануваат очигледни вистинските чувства.

Излез од љубомората:

1.Да си го наполниме опустошеното Јас самите со себе, а не за сметка на партнерот.

2. Емоционална зрелост, формирање на личноста.

3. Јасно сфаќање за тоа што е тоа љубов, а што не е љубов.

Подетално на оваа тема да се прочита: „Уметноста на љубовта“, од Ерих Фром.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *