Свештеникот: Благословен е нашиот Бог.
Амин.
Цару небесен (или Христос воскресе – во пасхалниот период)
Трисвето. Отче наш.
Господи помилуј (12 пати)
Пријдете да се поклониме на нашиот Цар и Бог!
Пријдете да се поклониме на Христа, нашиот Цар и Бог!
Пријдете да се поклониме и да паднеме пред Самиот Христос, нашиот Цар и Бог!
Псалм 139
Спаси ме, Господи, од лукав човек и избави ме од неправеден човек; тие смислија зло врз срцето свое, секој ден се подготвуваат за борба; ги изострија јазиците свои како змија; под устите им е аспидин отров. Запази, ме, Господи, од рацете на грешник. Избави ме од луѓе неправедни, кои смислија да ми подметнат нога. Горделивите тајно поставија стапица, и распнаа примки од јажиња за мене; на патот ми поставија соблазна. Јас Му реков на Господа: Ти си Бог мој: услиши го, Господи, гласот на моето молење. Господи, Господи, сило на моето спасение! Ти, Кој во денот на битката ја засолни главата моја, не предавај ме, Господи, на грешникот против мојата желба; не давај да постигнат, што намислија за да не се возгордеат. Главата своја да не ја подигнат оние што ме опколија, нека падне врз нив злобата на нивната сопствена уста. Нека паднат врз нив жарени јаглења; да бидат фрлени во оган, па од маките да не станат. Човек иноверец нема да се одржи на земјава; злото ќе го одвлече неправедниот човек во погибел. Разбрав дека Господ ќе покаже правда за угнетените и милост за сиромасите. Да, праведниците ќе го исповедаат името Твое, и непорочните ќе се населат пред лицето Твое.
Псалм 75
Познат е Бог во Јудеја; големо е Неговото име во Израилот. Во градот на Мирот е Неговото место, а Неговото живеалиште – на Сион. Таму Он ја порази силата на стрелите, штитот и мечот и војските. Светлината Твоја е чудесна од вечните гори. Се збркаа сите неразумни по срце; заспаа богатите луѓе и ништо не најдоа во рацете од богатствата свои. Од Твојата закана, Боже Јаковов, задремаа коњаниците. Ти си страшен, и кој ќе Ти се спротивстави Тебе? Оттаму е Твојот гнев. Од небесата се чу глас дека ќе судиш; земјата се уплаши и се смири. Кога Бог стана да суди, за да ги спаси сите кротки по земјата, бидејќи мислите свои луѓето ќе Ти ги исповедаат: а и остатокот од нив ќе Те прославува. Заветувајте се на Господа, вашиот Бог, и исполнувајте ги заветите; сите, што сте околу Него, принесувајте дарови, Страшниот, Кој ги скротува духовите и кнезовите, пострашен е од земните цареви.
Слава и Ниње… Алилуја, Алилуја, Алилуја, слава Ти, Боже.
Бог Господ ни се јави нам, благословен е оној кој доаѓа во името на Господа.
Стих: Благодарете Му на Господа зашто е добар, зашто е вечна Неговата милост.
Бог Господ ни се јави нам, благословен е оној кој доаѓа во името на Господа.
Стих: Ме опкружија моите непријатели, но со името Господово ги протерав.
Бог Господ ни се јави нам, благословен е оној кој доаѓа во името на Господа.
Стих: Од Господа е тоа и чудесно е во нашите очи.
Тропар, глас 3:
Боже, во Тебе е мудроста, силата и мирот, секојдневно просветувај ги нашите души за Твојата волја и дарувај ни сила да ја исполнуваме, та да живееме во мир и спокојство во целиот живот.
Слава: Духу Свет, Ти си здравје, радост и убавина на сѐ што постои во светот, преку Тебе се создаде сѐ што живее и диши на земјата, покажи ни го патот кон мирот, којшто е Твое сепобедно присуство, и дарувај ни на сите преполна чаша од Твојата љубов.
И ниње: Царице на мирот, наша застапничке, разруши го ѕидот на непријателството, кој ги разделува сите луѓе и поскоро ослободи нѐ од власта на оние кои вршат насилство над нас и над други луѓе, Ти Која си Го родила Оној Кој го обединува целото човештво во едно семејство, и Кој стана наш мир, со својот покров соедини нѐ сите нас во едно тело.
Символот на верата
Верувам во Единиот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, и на сè видливо и невидливо;
И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови;
Светлина од Светлината, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, единосуштен на Отецот, преку Кого сè станало;
Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек;
И Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше и беше погребeн;
И Кој воскресна во третиот ден, според Писмото;
И Кој се вознесе на небесата, и седи оддесно на Отецот;
И Кој пак ќе дојде со слава, за да им суди на живите и на мртвите, и Неговото царство не ќе има крај;
И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, Кој со Отецот и Синот е почитуван и славен, и Кој говорел преку пророците;
Во едната света, соборна, и апостолска Црква;
Исповедам едно крштение, за простување на гревовите;
Го чекам воскресението на мртвите;
И животот во идниот век. Амин.
Голема ектенија за мир:

Ѓаконот:
Во мир да се помолиме на Господа.
Народот: Господи, помилуј.
За небесен мир и за спасение на нашите души, на Господа да се помолиме.
Народот: Господи, помилуј.
За мир во целиот свет, стабилност на светите Божји цркви, и за соединување на сите, на Господа да се помолиме.
Народот: Господи, помилуј.
За овој свет храм, и за оние што со вера, побожност и страв Божји влегуваат во него, на Господа да се помолиме.
Народот: Господи, помилуј.
За блаженејшиот архиепископ наш (името) /високопреосвештениот митрополит наш (името), за чесното презвитерство, во Христа ѓаконството, преподобното монаштво, за сиот црковен клир и народ на Господа да се помолиме.
Народот: Господи, помилуј.
За благочестивиот и христољубив народ наш и за православните христијани, да им помогне и да одолеат на секој непријател и противник, на Господа да се помолиме.
Народот: Господи, помилуј.
За овој град (или: ова село; или: оваа света обител), за секој град, земја и за оние што со вера живеат во нив, на Господа да се помолиме.
Народот: Господи, помилуј.
За благорастворување на воздухот, за изобилие на земни плодови и мирни времиња, на Господа да се помолиме.
Народот: Господи, помилуј.
За оние што пловат, патуваат, боледуваат, страдаат, што се заробени, и за нивно спасение, на Господа да се помолиме.
Народот: Господи, помилуј.
Да се искорени од нас омразата, зависта, љубомората и сите други страсти, кои ја уништуваат братската љубов, и за да се зацврсти љубовта кон ближниот низ целиот свет, на Господа да се помолиме.
Со благодатта на Светиот Дух да се разгори во нас горешта љубов кон Господа и кон нашиот ближен и да ги изгори во нас корењата на страстите, на Господа да се помолиме.
Со силата на Светиот Дух да се избавиме од страста на себељубието и да ја најдеме за возврат добродетелта на братската љубов, на Господа да се помолиме.
За да се одвоиме од приврзаноста кон светот и сѐ што е светско, а да стекнеме љубов кон Бога и кон Неговата слава, и кон сѐ што е добро и полезно за нашите ближни и за нивното спасение, та секогаш да гледаме кон сѐ што е добро и подготвено за нас на небесата и од сето срце да се стремиме кон него, на Господа да се помолиме.
Со силата, дејството и благодатта на Светиот Дух да се преиспитуваме и да се смируваме пред Бога и пред луѓето, никогаш не осудувајќи ги нашите браќа и сестри, туку да ги љубиме како себеси, на Господа да се помолиме.
Со силата, дејството и благодатта на Светиот Дух да успееме да го следиме примерот на првите христијани во нивната горешта љубов кон Бога и кон ближните и да бидеме нивни наследници не само на изглед, туку и на дело, на Господа да се помолиме.
Да нѐ сочува Бог во чистотата на вистинската вера, во мир и единство со горешта љубов и во напредување во сите добродетели, и да нѐ огради Он со силата, дејството и благодатта на Светиот Дух, од сите развратни страсти, на Господа да се помолиме.
Да се избавиме од секаква тага, гнев и опасност, на Господа да се помолиме.
Народот: Господи, помилуј.
Боже, заштити, спаси, помилуј и запази нѐ, со Твојата благодат.
Народот: Господи, помилуј.
Спомнувајќи ја Пресветата, Пречиста, Преблагословена, Славна Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија со сите Светии, самите себе, еден друг и сиот наш живот на Христа Бога да го предадеме.
Народот: Тебе, Господи.
Свештеникот:
Зашто Тебе Ти прилега секоја слава, чест и поклонение, на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови.
Прокимен глас 4:
Ќе ги прековаат мечовите свои во плугови, а копјата свои – во српови.
Стих: Народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна.
Од Посланието на светиот апостол Павле до Римјаните – ќе се чита.
Браќа, благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги, но не и да ги колнете. Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите! Бидете помеѓу себе едномислени; не мислете за високи работи, туку држете се смирено; не мислете дека сте мудри; и никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе. Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: „Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам – вели Господ“. И така, ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го; оти, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова. Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро.
Алилуја (3 пати).
Ќе се чита од Светото Евангелие според Матеј.
Сте слушале дека им било речено на старите: „Не убивај! А кој убие, виновен е пред судот“. Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот; а оној што ќе го нарече брата си „празноглав“, ќе биде виновен пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече „будала“, ќе биде виновен за во пеколот. Сте слушале дека е речено: „Око за око, заб за заб“. Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две. На оној што бара од тебе, дај му, и не го одбивај оној што ти сака нешто на заем. Сте слушале дека е кажано – „Љуби го својот ближен и мрази го непријателот“. А Јас, пак, ви велам: љубете го непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните. Оти, ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците? И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците? Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.
Слава Ти, Господи, слава Ти.
Свештеникот ја чита ова молитва:
Господи Исусе Христе, Боже наш, Ти си им рекол на Своите ученици: Мирот Свој ви го давам вам, но не како што го дава светот. Ние стоиме пред Тебе во смирение и просиме, Твојот мир кој е над секое разбирање, да слезе на сите народи во светот, особено на оние, кои сега се наоѓаат во конфликти и во војна. Поттикни ги народите кон меѓусебно разбирање, разбуди копнеж за мирен живот во сите оние кои се исполнети со омраза кон ближните, згасни го секој раздор и изгони ги сите соблазни и несогласувања. Дарувај им мудрост на оние кои се на власт, ослободи ги заробените, заштити ги сите кои се опасност, утеши ги сите кои страдаат и останале без дом.
Всели во нас страв Божји пред Тебе и утврди нѐ во меѓусебната љубов, за да Те прославиме заедно со ангелите, воспевајќи: Слава на Бога во висините, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја.
Зашто Ти си Цар на мирот и Спасител на нашите души, и Тебе слава Ти вознесуваме, со Твојот беспочетен Отец и со Светиот, Благ и Животворен Дух, сега и секогаш, и во сите векови.
Амин.
Отпуст:
Христос вистинскиот Бог наш, по молитвите на Својата Пречиста Мајка, на пожртвуваните маченици, на оние кои Те исповедале подложувајќи се на разни насилства и воени дејства, по молитвите на светите миротворци Мојсеј, Акакиј, Марут и свети Николај Мирликијски, и по молитвите на сите богоносни отци наши, дај ни го Твојот мир и помилуј нѐ.
Амин.
По молитвите… (или Христос воскресе… – во пасхалниот период)
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев