Протоереј Андреј Дудченко
Црквата е разгранета како и самиот живот. Таа по својата природа не може да не биде универзална, отворена за секој кој бара средба со Бога и полнота на животот. Во Царството Божјо, чијашто икона на земјата е токму таа, нема „ни елин, ни јудеец“. Сите наши вообичаени земски поделби – етнички, културни, општествени, политички и др. – се надминуваат во Христа. А тоа значи, дека секој човек, кој доаѓа во Црквата, треба да ја почувствува како своја. Како големо семејство од христијани, собрани од сите краишта на земјата.
Дарот на разнообразност, без кој Црквата никогаш не би станала универзална, бил испратен во апостолската заедница на денот на Педесетница. Собраните на празникот во Ерусалим од сите краишта на Римската империја се чуделе: „Ние – Партјаните и Мидјаните, Еламитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и од Азија, од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, па и дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и новообратените, Критјаните и Арабјаните – како тоа сите да си го слушаме својот роден јазик?“ (Дела 2,8-9).
Дарот на проповед на други јазици, толку неопходен за Црквата во времето на нејзиното раѓање, со текот на вековите престанал. А во последните векови тој веќе нема да биде ни толку потребен: христијанските заедници многу брзо се појавиле во секој и најмалку важен град на империјата и во нивната околина. Но дарот на разнообразност, чија што делумна форма може да се смета дарот на странски јазици, потребен ѝ е на Црквата и денес. Потребен е не помалку, отколку во првоапостолските времиња.

Различностите може да разделуваат и да обединуваат. Многу зависи од нашето примање на тој прост факт, дека сите ние сме луѓе, од Бога создадени, секој како уникатна личност – разни. Ние сме различни – и таа вистина може да биде и благослов и проклетство за човекот.
Разнообразноста е богатство на овој свет. Нашата земја изобилува од созданија. Само еден пример: познати се околу милион видови на пчели, кои денес живеат на планетава – повеќе од било кој вид на сите останати животни и растенија заедно. Што е тоа? Неизбежна неопходност или сведоштво на творечката љубов на Создателот. Разнообразност е вложена од Него во човечката природа.
Педесетница – е противтежа на Вавилон. Тогаш, во зората на пишаната историја, разнообразноста на јазиците ставила граница на гордите мечтаења на обезбожениот човек. Денес, во ерата Христова, разнообразноста на јазиците станува благослов.
Во црковниот живот исто така имало и има разнообразност. Христијаните од разни епохи и народи на различен начин се молеле, различно богословеле и живееле – внатре во едната и во истиот век основана Црква, Телото Христово. Никогаш Црквата не ја сметала еднообразноста како услов на своето единство.
И денес сме различни. И не само во Украина и Индонезија, Кина и Кенија. Две соседни парохии во еден град по нешто се разликуваат. И тоа е нормално. Тоа е признак дека Црквата е жива.
На каков јазик и да се молиш, со каква култура и да се идентификуваш себеси, какви политички ставови и да поддржуваш – Црквата е исто така и за тебе. Ова треба да го разберат оние, кои поради некои причини „не се задоволни“ од постоечката внатрешно-црковна ситуација.
А од друга страна, и ние, црковните луѓе, треба да сфатиме, дека разнообразноста нѐ збогатува. „Има многу живеалишта“ (во рајот). Ќе се најде место и за Украинците и за Русите, за демократите и монархистите, либералите и конзервативците, традиционалистите и „неформалните“, „зилотите“ и „модернистите“, почитувачите на некој си старец, и за оние, кои се однесуваат кон него без почит. Забележителните зборови на блажениот Августин: „Во главните работи – единство, во второстепените – разнообразност, во сѐ – љубов“ – се секогаш актуелни. Да го примаш второстепеното за главно, може да биде толку опасно, исто како и тоа, да го примаш главното за второстепено. Но, се чини, дека веќе сме научиле да стоиме за главното. Сега ни претстои да научиме да му даваме слобода и на второстепеното.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев