(4.Царс. 2,23-24)
Свештеник Јани Мулев
Во библиската историја за пророкот Елисеј, кој од својот учител пророкот Илија го доби кожувот и двојна благодат, читаме дека тој изврши многу чуда, народот му се восхитуваше од сите негови големи и пречудесни дела. Во една прилика, додека одел по патот, голема група од деца се пуштиле по него, и почнале да го исмеваат затоа што бил ќелав. Пророкот ги проколнал и веднаш од гората се симнале две мечки и заклале 42 деца од нив.
Зошто Бог допуштил да се случи ваков масакар? Кој е гревот на овие деца?
Преку секојдневни примери во Светото Писмо, преку некои симболи ни се предаваат големи вистини за денешниот живот на христијаните. Преку оваа голема трагедија Бог сака да ги поучи сите родители правилно и во побожен дух да ги воспитуваат своите деца. Овие 42 деца, кои биле заклани, и кои никогаш не биле сметани за маченици, доживеале таква несреќа, затоа што од нивните родители биле воспитани да хулат на Бог, и на сето она што е свето, па се дрзнале да хулат и да си играат мајтап со светиот пророк, па затоа и ги стигнала таква казна, бидејќи казна за гревот е смртта. Кој греши, самиот отпаѓа од благословот Божји и самиот се предава во рацете на ѓаволот.

Хулењето на Бога, навредувањето и клеветењето на свештенослужителите на Црквата отсекогаш се сметало за голем грев. Во житијата на светителите сретнуваме безброј примери, каде што богохулниците завршувале трагично, со тешки последици за нив и за нивните семејства.
Нашиот народ со децении наназад редовно е напаѓан од разни демонски обвинувања и клевети против Светата Црква, и тоа уште од најмала возраст, преку разни детски емисии, како што се проклетите Македонски народни приказни, кои ниту се македонски, ниту се народни, затоа што не го изразуваат традиционалниот народен дух на Македонецот, туку се правени по нарачка, со тенденција против Светата Црква и нејзините свештенослужители, како што имаме прилика да слушнеме од самите автори и актери, кои за пари стануваат послушници на богоборците. Ако едно дете уште од најмали години прима такви информации против Црквата и клирот, ако родителите (особено татковците и дедовците) никогаш не се молат дома, никогаш не се крстат пред јадење или пред спиење, туку напротив, хулат на Бога и на Светата Црква, ги пцујат и навредуваат свештениците, тогаш огромна е веројатноста дека и нивните деца ќе тргнат по тој пат. Авторот на овие редови сведочи за неколку случаи, кога млади луѓе доаѓаа во црква, кои го бараа Бога, но само поради богохулствата и пцовките кон свештениците кои редовно ги слушале дома, не можеа да се ослободат од тие ментални бариери, и не можеа да „фатат корен“ во Црквата, па завршија на улица, во устите на современите мечки: зависностите, блудот и развратот, бесмислата, депресијата и очајот, и на крај во устата на самоубиството. А кој е виновен за сето ова? Нивните богохулни родители. Со жалење гледам многу млади души, кои ги носи вртлогот на улицата, кои веќе го чувствуваат смртниот здив на современите „мечки“, и кои сигурно би се спасиле, само кога би се воцрковиле, кои би примиле благодат од Бога и љубов и поддршка од духовниците на Светата Црква, но поради тие проклети богохулства и навреди кон клирот од нивните родители, самите деца пропаѓаат и се уништуваат, и телесно и духовно.
Гревот на богохулството е еден од најголемите. Секој богохулен збор и пцовка и навреда кон клирот е како камен фрлен кон небото. Но од ниту еден камен небото нема да се расцепи, ниту Бог ќе биде повреден или навреден, туку како бумеранг, со голема сила ќе падне врз главата на оној кој ги искажал тие зборови, но за жал, ќе ја расцепи не само неговата, туку и главите на неговите деца.
Да внимаваме на својот јазик, да не бидеме брзи во зборовите, да се пазиме од хулење и пцовки кон клирот, дури и на ниво на помисла, а не, пак, на дело, а доколку сме го направиле овој страшен грев, да поитаме кај своите свештеници и да се исповедаме, да се покаеме и никогаш повеќе да не го повториме.
Православна светлина бр. 62