Новомаченичка Марија Гачинска

Loading

исцелителка од депресија, се празнува на 26 јануари (+ 1930 год)

Иван М. Андреев

 

„Како што златото се очистува во огнот,

така и големите жалости, ја очистуваат,

оживотворуваат, утврдуваат

и оздравуваат душата

– Свети Јосиф Петроградски –

            Триесетина милји од Петроград се наоѓа градот Гачина, кој на сите во Петроград им беше познат по своите градини, паркови и палати. Во тој град, пред Револуцијата живеела надалеку познатата монахиња Марија. Матушка Марија Револуцијата во 1917 год. ја дочекала на болничка постела. По прележувањето на енцефалитисот (воспаление на мозокот), заболела од таканаречената Паркинсонова болест. Матушка Марија била неподвижна, телото ì било вкочането, а бледоликото лице повеќе наликувало на маска, отколку на жив човечки лик. Можела да зборува, но со полузатворена уста, преку забите, тивко и со едноличен тон. Затоа на Матушката ì била постојана помош, грижа и нега. Мора да се спомене дека оваа болест често предизвикува и големи психолошки промени (раздразливост, досадува со тврдоглаво повторување на вообичаени прашања, претеран егоизам и егоцентризам и сл.), па таквите пациенти често завршуваат во психијатриските болници. Меѓутоа, мајка Марија, иден целосен физички инвалид, не само што не се изобличила психички, туку во потполност открила необични црти на личноста и карактерот, несвојствени за таквите пациенти. Станала премногу блага, кротка, скромна, повлечена, посветена на непрестајна молитва, и својата тешка состојба ја поднесувала без жалење.

Поради кротоста и трпеливоста, Господ Бог ја дарувал со дар за утешение. Така почнале да ја посетуваат потполно непознати луѓе, оптоварени со тага, жалост, депресија и крајно очајание. По разговорот со Матушката секој наоѓал утеха, чувствувал олеснување од сопствените болки, исчезнување на тагата, депресијата и очајот, смирување на стравот и др. Набрзо за оваа необична монахиња се прочуло и надвор од нејзиниот град.

Матушка Марија живеела во дрвена куќичка на самиот излез од градот. Ја посетив во март 1927. год. Додека чекав да дојде мојот ред, ги разгледував бројните фотографии во приемната соба. Во око ми паднаа фотографиите на митрополитот Венијамин (новомаченик петроградски) и на митрополитот Јосиф (кој набрзо станал водач на јосефитското движење). Митрополитот Јосиф на матушката на сликата ì напишал чувствителна посвета, наведувајќи голем дел од своето дело „Во Отчевата прегратка“, додека митрополитот Венјамин кратко напишал: „На длабоко почитуваната страдалница, матушка Марија, која од многумината расплакани, ме утеши и мене грешниот“.

Имав прилика да присуствувам на чудотворно исцелување на напатени души. Некое младо момче, разочарано поради апсењето на својот татко – свештеник, си заминало од кај матушката со насмевка, одлучувајќи да прими ѓаконски чин. Една млада жена оптоварена со тага, ја заблеска со радост и таа одлучи да стане монахиња. Еден постар човек, кој страшно пател поради загубата на синот, си заминал од кај матушката утешен и охрабрен. Некоја стара жена која дошла плачејќи, си заминала смирена и охрабрена.

Влегов кај матушката и реков дека ме напаѓа страшна депресија, која понекогаш трае и по неколку недели, па никако не можам да најдам начин да се ослободам од неа.

„Депресијата е духовен крст“, – ми рече. „Таа, за корист се дава на грешникот кој не знае како да се покае, т.е., на оној кој по покајанието повторно запаѓа во поранешните гревови… Затоа, постојат само два лека кои можат да ја излечат оваа, понекогаш тешка душевна болест. Човекот мора да се научи на покајание и да ги покаже неговите плодови. Или, пак, да го носи овој духовен крст, со понизност, благост, покајание и голема благодарност на Бога, сеќавајќи се дека Господ Бог носењето на таквиот крст го смета како плод на покајание… Каква голема утеха настапува на крајот, кога човек ќе сфати дека неговата обесхрабреност е неприфатениот плод на покајанието, т.е., некој вид на несвесно себеказнување по отсуството на бараните плодови… Тоа би требало да нè направи кротки, депресијата постепено ќе исчезнува, а ќе се раѓаат вистинските плодови на покајанието…“.

Имав впечаток дека некој, со овие зборови на матушката, направи хируршка интервенција на мојата душа и го оттргна духовниот тумур… Од кај неа си заминав како потполно друг човек.

Во 1930 година матушката беше уапсена. Била обвинета за контра- револуционерна пропаганда и учествување во контра-револуционерно движење, во согласност со 10. и 11. точка од 58. член на Советскиот закон за криминал. Покрај неа, уапсен бил и нејзиниот брат. Спомнатата организација ја сочинувале само две лица, а „пропаганда против комунизмот“ беше нејзиниот дар на утешување. Сведоците на нејзиното апсење, се сеќаваат на застрашувачките слики на навредување и насилство над трпеливата маченичка, оневозможена и неспособна да направи било какво физичко движење. Политичкото злосторство на матушката е зголемено и со нејзиното одбивање да го признае митрополитот Сергиј, по неговата позната Декларација од 1927. година, која довела до раздор во Руската црква.

Апсењето се случило така што двајца Чеси насилно влегле во нејзината куќа, ја зграбиле за рацете, свиткани на грбот, и по подот ја одвлекле од креветот до нивниот автомобил… Свиткувајќи го нејзиното многунапатено, парализирано тело, ја фрлиле во колата и ја однеле. Нејзиниот брат го однеле во друг автомобил таканаречен црна марица (црна лимузина, наменета за транспорт на уапсени во ноќ). На пријателите на матушката им било дозволено во затворот да ì донесуваат скромни пакети. Меѓутоа, по само еден месец, веќе не прифаќале пакети и само кратко велеле: „Почина во болница“. (Таквите беспомошни пациенти најчесто биле убивани.) Нејзиното тело не било испорачано.

По деветмесечна истрага, нејзиниот брат, кој пожртвувано се грижел за својата сестра и ги примал посетителите, е осуден на пет години затвор во сибирскиот концентрационен логор.

Нека Господ ги упокои овие две прекрасни души.

Света новомаченичке Марија, моли го Бога за нас!

 

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *