Текстот кој следи е едно помагало за оние кои се подготвуваат да пристапат кон спасителното таинство на Светата Исповед.
Исповедта е толку неопходна за секој христијанин, колку што е и Крштението. Бидејќи Крштението нѐ очистува од нашите претходни гревови, додека исповедта нѐ чисти од оние кои сме ги направиле после Крштението. Без Крштение не можеме да се причестиме со Пречистите Таинства Господови. Исто така не можеме да се причестиме ако не сме ги исповедале нашите гревови кај свештеник, бидејќи тие сочинуваат ѕид кој нѐ одделува од Бога.
Гревот е болест на душата, кој, ако остане неисцелен, води кон духовна смрт, кон вечна разделба на душата од Бога. Што правиме кога боледува нашето тело? Неодложно одиме кај лекар, пред кого ги откриваме нашите рани и точно му ги опишуваме нашите симптоми. Тогаш тој ни препишува соодветни лекарства и медицински совети, кои треба да ги следиме за да се исцелиме.
Нешто слично се случува кога боледува нашата душа и копнееме да си го вратиме нашето духовно здравје. Доаѓаме во Црквата, која е духовна болница. Таму бараме духовник, пред кого без срам ги исповедаме сите наши гревови, кои ја повредуваат нашата душа. Потоа тој ќе ни прочита разрешителна молитва и ќе ни даде соодветни совети за успех во духовниот раст. На овој начин човекољубивиот Христос, Којшто е присутен во текот на целата Исповед, ни дава отпуштање на нашите гревови и ни го покажува патот по кој треба да одиме за да се ослободиме конечно од болеста на гревот.
Прв чекор за нашата исповед е чувствувањето на нашите гревови. Тоа е дар Божји кој им се дава на оние кои го бараат со молитва и го постигнуваат со вистинско и често длабоко себеиспитување.

Во тешкиот почеток на себекритика ќе ти помогнат следниве прашања, кои се однесуваат на нашите односи: а) со Бог; б) со ближниот; в) самите кон себе.
А. Ти и Бог
Веруваш ли со цело срце во Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, и во православното учење на нашата Црква?
Се доверуваш ли себеси непоколебливо на татковската Промисла на Бог или можеби во непријатните ситуации стануваш маловерен, негодуваш и очајуваш?
Ја исповедаш ли храбро својата вера, кога околностите така изискуваат, или можеби се срамиш дури и да се прекрстиш, на пример, кога поминаш пред некоја црква?
Дали некогаш си се занимавал со окултизам (маѓии, гатање, баење, астрологија, хипноза, спритизам, гледање на карти, повикување духови, гледање на кафе и сл.), или можеби си се вмешал во некои религиозни движења (јога, гностицизам, теософија, будизам, хиндуизам и други секташки групи)?
Дали веруваш во среќа и во соништа или се занимаваш со урочување и им даваш значење на многу суеверија (на пр. бројот 13, или црна мачка итн…)?
Се молиш ли редовно и внимателно дома (наутро, навечер, пред и по јадење) или во Црквата (секоја недела и на големите празници), најпрво благодарејќи Му на Бога за разните, видливи и невидливи Негови доброчинства кон тебе?
Го читаш ли секојдневно Светото Писмо и други душеполезни книги?
Постиш ли, доколку немаш здравствени проблеми, во среда и петок и во сите посни периоди?
Доаѓаш ли редовно на Света Причест, после соодветна подготовка и со благослов од твојот духовник?
Да не го хулиш името на Христос, на Пресвета Богородица или на нашите светители?
Да не се колнеш без причина или можеби си дал заклетва или ветување на Бог?
В. Ти и ближниот
Ја покажуваш ли на дело твојата љубов кон ближниот, особено кон оние кои страдаат или имаат потреба (болни, сиромашни, затвореници, невработени, сираци, стари лица и др.)?
Им простуваш ли на оние кои ти нанеле штета или можеби чуваш во себе непријателство и антипатија? Имаш ли усрдност да побараш „прошка“ од твојот ближен за некоја твоја грешка?
Да не си извршил сакајќи или несакајќи убиство, или со твоето однесување си помогнал за да се изврши такво злодело?
Да не имаш слабост:
да лажеш
да осудуваш
да клеветиш
да ласкаш
да колнеш
да се гневиш и да пцуеш
да исмеваш и да се потсмеваш
да се препираш и да напаѓаш
да ги испраќаш другите „по ѓаволите“
да бидеш љубопитен за туѓите животи
Да не љубомориш за среќата или завидуваш за богатството на твојот ближен? Или, можеби,се радуваш на неговите несреќи?
Да не си сомничав и веруваш на твоите сомнежи и претпоставки за другите?
Да не крадеш или да не си соработувал во некоја кражба или свесно си примил украдени нешта?
Имаш ли благодарност кон твоите доброчинители или можеби си неблагодарен за доброто што ти го направиле?
Можеби со твоите зборови или однесување го соблазнуваш твојот ближен или го понижуваш поради гревот?
Можеби се занимаваш со личниот, семеен или професионален живот на другите и се вмешуваш без расудување, предизвикувајќи разни проблеми?
Можеби продаваш наркотични супстанци или на некој начин ги водиш другите кон нивна употреба?
Можеби имаш навика да пренесуваш информации или тајни на другите, така создавајќи конфликти меѓу ближните?
На работното место
Дали те укорува совеста за измама, фалсификување, срамна печалба, камата, мито, недозволена трговија и слично?
Можеби при трговија си неискрен, нечесен или подлец?
Дали ги малтретираш, искористуваш или онеправдуваш работниците, службениците или твоите потчинети?
Во семејството
Укажуваш ли почит, љубов и чест кон твоите родители, или можеби се однесуваш со дрскост, суровост и презир? Особено, им помагаш ли во нивната старост?
Твојот однос дома се вдахновува од духот на пожртвуваност, љубов, добрина, меѓусебно разбирање, попустливост и трпение? Или со кавгаџиство, инает или со твоите безумни и егоистични барања го пореметуваш семејниот мир и атмосфера?
Како сопружници
Го прифаќате ли бракот како благослов Божји и се трудите ли секојдневно за усовршување или исполнување на меѓусебната љубов, така што да не се распаѓа таа од некоја друга земска љубов (кон родителите, децата, роднините, професијата итн.)?
Ги почитувате и ги сакате ли родителите на својот сопруг/сопруга?
Имате ли непоколеблива вера и посветеност?
Да не го избегнувате раѓањето деца на разни начини?
Сте направиле ли абортус или можеби сте учествувале во таков грев?
Да не имате вонбрачни врски?
Како родители:
Се молите ли силно за напредокот на вашите деца?
Дали вашиот живот претставува пример за вашите деца?
Или можеби се интересирате само за светскиот напредок на вашите деца? Покажувате ли посебна грижа за нивното христијанско воспитување, посветувате ли за оваа цел соодветно време, некогаш советувајќи ги, а некогаш разговарајќи со нив, некогаш вдахновувајќи ги со внимателност за христијанскиот живот, а некогаш следејќи ги расудливо нивните книги, начини на забава и нивните другари и другарки?
Да не правите разлика меѓу вашите деца или можеби не сте праведни во вашите родителски односи?
Можеби интервенирате ненавремено, тврдоглаво и неоправдано во одлуките на вашите деца или во нивните семејства, поткопувајќи ги така нивните обиди или нивните семејни односи?
В. Самите кон себе
Можеби си приврзан кон животните грижи и светските богатства и рамнодушен си за воспитувањето на душата и за твоето единство со Бог?
Можеби си обземен од гордост, која е извор и родилка на сите зла? Во ова ќе се увериш:
ако бараш слава, почести, пофалби, први места и популарност;
ако се фалиш и зборуваш со величање за твоите лични способности, за твоето добро семејство и за твоите професионални успеси;
ако се обидуваш да им се допаднеш на луѓето;
ако покажуваш голема доверба во себе и со инает настојуваш на твојата проценка;
ако не ги примаш советите на другите или реагираш на укажувањата за твоите грешки;
ако секогаш и во сѐ бараш да бидеш само ти задоволен, или постојано бараш сите тебе да ти служат;
Можеби зборуваш кога не треба, притоа прекинувајќи го или напаѓајќи го твојот соговорник со понижување?
Можеби си среброљубец или алчен?
Можеби живееш во луксуз и безумно ги трошиш парите на игри на среќа, коцкање, кладилници и сл.?
Можеби се облекуваш и се дотеруваш на провокативен начин или можеби твојата облека е несоодветна за твојот пол?
Можеби си стомакоугодник и ненаситник во храна?
Можеби кажуваш многу зборови, дрско и бесполезно, или можеби зборуваш срамни работи?
Покажуваш ли почит кон твоето тело, кое е храм на Светиот Дух, или можеби паѓаш во различни телесни гревови (ракоблуд/мастурбација, блуд, прељуба, противприроден блуд)?
Можеби се изложуваш себеси на разни телесни искушенија (срамни глетки и забави, порнографски списанија, книги и филмови, провокативна музика и песни и сл.)?
Кога ќе те нападнат во умот срамни помисли и фантазии веднаш ги прогонуваш, или можеби ги примаш и ги разработуваш?
Можеби си го расипуваш здравјето, кое е дар Божји, со пиење алкохол, цигари, или со употреба на наркотици?
Можеби си помислувал на самоубиство?
Можеби боледуваш од мрзливост, нетрудољубивост или неодговорност?
Можеби попусто го трошиш твоето време пред телевизорот, со видео игри, или на интернет на социјалните мрежи?
А сега, откако се преиспита себеси, поитај, брате/сестро, без колебање кај твојот духовник. Исповедај ги твоите гревови без да криеш некој, со искреност, кратко и јасно, без да ги раскажуваш твоите добродетели или туѓите гревови. Биди сигурен дека, заедно со простувањето, Бог ќе ти ја даде изобилно Неговата благодат, за да започнеш еден нов живот.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
One thought on “Како грешиме?”