Свештеник Јани Мулев

Пред да одиме на исповед, најпрво да размислиме за нашето минато, за сите гревови од младоста или од последната исповед, па потоа, без одложување да отидеме кај нашиот свештеник. Да ги исповедаме гревовите кои сме ги направиле со дело, најпрво најтешките, па потоа со зборови и со помисли. Не треба да криеме ништо од духовникот, но не треба и формално да набројуваме гревови, без никакво покајание. Да ги кажуваме гревовите според нивното име, а не општо и нејасно. Не треба да се откриваат имињата на оние со кои сме грешеле заедно. Не треба исповедта да се претвора во секојдневен разговор, не смее да трае долго, туку кратко и јасно и конкретно, а не со себеоправдување, префрлање на вината, или со заобиколување. На исповед ги кажуваме нашите гревови, а не туѓите, не треба ниту да го обвинуваме ѓаволот. Не смееме да раскажуваме долгометражни приказни, туку да бидеме конкретни и да ги исповедаме личните гревови. Не треба да раскажуваме приказни за своите роднини, колеги, колку се лоши кон нас, туку нашите грешки и гревови во односот кон нив. Телесните гревови треба да се исповедаат внимателно, да се исповедаат секој според своето име (на пр. едно е блуд, друго е прељуба), но без раскажување детали. Исповедта не смееме да ја одложуваме со бесмислени себеоправдувања. Да се исповедаме со понизност, срам, и да бидеме подготвени за можна епитимија, мерка за поправање, на пример, повеќе молитви, некакви подвизи, давање милостина, или поправање на грешките или извинување. И да се причестуваме тогаш кога ќе процени духовникот. Не смееме да мериме кој колку се задржува на исповед, тоа не е тема за размислување и дискутирање. Споредувањето со било кого има лоши последици и покажува дека имаме нездрава духовна состојба.
Православна светлина бр. 73