Свештеник Јани Мулев
Светото таинство исповед може да го извршува само православен свештеник, свештеномонах или епископ. Доколку нема одредени духовници, тогаш секој свештеник би можел да исповеда, но не секој може духовно да раководи. Добро е пред да почнеме да се исповедаме извесен период да одиме во нашите цркви, да ги запознаеме свештениците, да се молиме Бог да ни покаже каде да одиме, и тогаш со кого ќе успееме да изградиме близок и доверлив однос, кај него да одиме. Тоа ќе ни го каже и нашето срце, доколку имаме искрени намери.
Во Светата црква постојат три нивоа на духовни раководители: исповедник, духовник, старец. Исповедник е оној свештеник кај кого се исповедаме. Тоа сме најчесто ние, брачните свештеници. Слушаме исповеди, даваме совети, поуки од лично искуство, и читаме разрешителна молитва за простување на гревовите на оној кој се исповеда. Често пати еден и ист свештеник за некои луѓе е само исповедник, бидејќи го гледаат само од исповед на исповед, а за други е духовник, бидејќи редовно се во контакт со него и со негов благослов и совети духовно растат и напредуваат.
Духовник е свештеник или свештеномонах кој може да исповеда и духовно да раководи. Најчесто духовници се свештенослужителите со големо духовно искуство, кои слушаат исповеди и духовно раководат, имаат свет живот и очигледна благодат од Светиот Дух, кои водат возвишен и строг духовен живот и затоа се нарекуваат духовници, поради присуството на благодатта на Светиот Дух во нив. Помеѓу брачните свештеници поретки се оние кои можат да го носат крстот на духовното раководство. Во монаштвото има и такви духовници кои немале свештенички чин, не исповедале луѓе, но сепак духовно ги раководеле, како што е во поново време светиот Пајсиј Светогорец. Во историјата на Црквата има примери на луѓе, кои немале ниту свештенички чин, ниту монашки завет, а сепак имале благодат од Светиот Дух, голема мудрост и дар на расудување, па тие им биле духовни раководители на верниците. Но, тоа не биле некои шарлатани како денешните бајачи и гатачи, туку тоа биле луѓе од Црквата, луѓе на Литургијата, кои го собирале народот на Литургија, луѓе кои им помагале на свештениците и епископите во изградувањето на Црквата. Но, за да нема злоупотреби од самоповикани и лажни старци, Светата Црква ги поставила овие служења врз свештенството и монаштвото. Мисијата на духовникот е да ги научи духовните чеда на духовен живот, како да бидат во заедница со Бог и со ближните, да си ја пронајдат и изградат личноста, слободно и љубовно, како да се борат со своите страсти и искушенија во секојдневниот живот, да можат да созреат и без негова помош да го живеат православниот духовен живот.

Старци ги нарекуваме големите духовници, со големо духовно искуство, луѓе кои поминале низ многуте филтри на Црквата, кои поминале низ огнената печка на Светиот Дух, кои ги изгореле и исчистиле гревовите и страстите, и кои стекнале дар на детска чистота, или бестрастие, па Бог ги прославува како свети старци. Брачен свештеник не може да биде старец, ниту да има старец. Старецот е исклучиво духовен раководител на монаси и монахињи, и тој е за нив старец, но не и за верниците кои живеат во светот. За нив е само исповедник или духовник. Во Романската црква секој игумен или игуманија во манастир ги нарекуваат старец/старица, но само од почит, како надлежни за манастирот, а не како свети старци. И во гркојазичните цркви често се користи тој термин за секој игумен или игуманија, па така имаме дури и комични случаи кога триесетгодишни архимандрити, без ниту едно бело влакно на брадата, се нарекуваат себеси старци и си ставаат такви улоги на прозорливи, чудотворци и светители. Таквите т.н. младостарци сакаат да даваат послушанија и на луѓето кои живеат во светот, да имаат контрола врз сите апекти од животот на луѓето, да им одредуваат кој со кого да стапи во брак, стануваат експерти за медицински прашања иако немаат соодветно образование, им врзуваат товари на луѓето кои ни самите не можат да ги носат. За да стекнат углед на старци најчесто користат приказни за разни чуда и виденија, се поврзуваат и фотографираат со познати духовници, па преку асоцијација да покажат дека и тие се рамни на нив. Каде што се гради култ кон личноста на духовникот, таму најчесто се кријат големи гревови. Таквите најчесто манипулираат со емоциите на луѓето, покажуваат нагласена сентименталност во секојдневната комуникација, еуфорија и сензационализам, и кога сакаат да придобијат некого да им поверува, суптилно го наведуваат да ги сожалува и да им поверува на нивното лажно чувство на маченици или прогонети.
Но, исто така, не смееме секој игумен или јеромонах/свештеник кој има изградено добра црковна заедница од завист да го прогласуваме за лажен старец или гуру, само затоа што тој се посветил на тоа служење и успеал да собере монаси и монахињи околу себе, и има многу верници кои доаѓаат во тој манастир/храм. Ако сме неспособни како свештенослужители да го собереме народот во црква, не значи дека оној свештенослужител, кој вложува огромен труд, се жртвува за верниот народ и успева да собере многу луѓе во црква, дека е гуру или лажен старец. Мисијата на секој парохиски свештеник се состои не само во крштевки, венчавки и погреби, туку главна мисија на свештеникот е да служи Литургија, да го проповеда Словото Божјо и да го воведе и врати во верата народот кој традиционално ѝ припаѓа на Црквата, но стои далеку од Бог и од Црквата. И оние кои не успеваат во таа мисија, секуларните свештеници, всушност, се вистинскиот проблем во Црквата, а не оние кои се трудат, кои го жртвуваат своето време и на кои Бог им дава сила да успеваат. Современиот проповедник о. Андреј Ткачов вели: „Оние свештеници кои се посветуваат на верниот народ, кои сострадуваат, кои се жртвуваат, најчесто брзо се трошат и умираат млади. Додека, пак, оние кои не се замараат со народот, туку работат само за личен и материјален интерес, најчесто доживуваат длабока старост, со црвени образи“. Исто така мисија на секој игумен е да има повеќе здрави монаси и монахињи, и ако некој не успева, тоа е негов личен проблем, а не да се префрла вината врз оној кој има способност да собере и организира големо братство/сестринство. Многубројниот народ или монашко братство/сестринство подразбира и голем крст и страдања од страна на духовникот, и секој не е подготвен на таква жртва и подвиг.
Православна светлина бр. 73