Избраникот Божји Сампсон

Loading

Свештеник Јани Мулев

Израилците, по којзнае кој пат, повторно правеа зло пред Господа, и отпаднаа од Него, па Бог ги предаде во рацете на Филистејците, и беа во нивно ропство цели четириесет години. Во тоа време живееја Маној и неговата жена, која беше неплодна. Ангел Господов ѝ се јавил и ѝ ветил дека ќе роди син, кој ќе биде посветен на Бога, односно ќе биде назореј, нешто како денешните монаси. Потоа ангелот им се јавил и на двајцата, па тие кога принеле жртва виделе чудесен настан, како ангелот заминал кон небото заедно со жртвата. Сфатиле дека тоа бил вистински ангел и дека ќе се исполни ветувањето. Навистина, жената зачнала и родила син, кого го нарекле Сампсон. Благословот Господов бил постојано со детето, и како што растело, Духот Божји почнал да дејствува преку него.

Кога станал младич Сампсон посакал девојка од Филистејците, кои биле нивни непријатели и поробувачи. Додека Сампсон одел на пат кон Тамната, каде што живеела девојката, во пресрет му излегол еден млад и силен лав, и го нападнал. А Сампсон, иако немал никакво оружје во раце, само со силата Божја, му ја раскинал устата на лавот со голи раце и така го фрлил на земја мртов. По неколку дена кога се враќал по истиот пат, го нашол лавот умрен, а во утробата негова имало мед, и тој зел од медот и јадел и се насладувал од неговата блажина. Ја зел Филистејката за жена, но потоа нејзините родители ја омажиле за неговиот другар, а тој од гнев им ги запалил житниците, сите полиња со овошје и зеленчук. Кога разбрале Јудејците што направил Сампсон, се исплашиле и сакале да го предадат на Филистејците. Го врзале и така врзан го предале кај Филистејците, но Духот Божји слегол на него и јажињата сами отпаднале, па тој нашол еден магарешки череп и со него убил илјада души. Се преморил од војувањето и ожеднел, па со последни сили се помолил на Бога да му даде вода, и Бог направил од карпата да потече вода и тој се напил и му се вратила силата. Така тој раководел со Израилот како судија цели дваесет години.

Сампсон се заљубил во друга девојка, филистејката Далида, која била многу подла и лукава жена. Филистејците ѝ ветиле дека секој од нив ќе ѝ даде по 1100 сребреници, доколку таа дознае во што се крие тајната на неговата сила. Три пати лукаво го потпрашувала во што е неговата сила, а тој три пати ѝ давал лажни одговори. И таа секој пат се обидувала да му ја одземе силата и да го предаде, а тој толку бил острастен кон неа, што не можел и не сакал да сфати дека таа си игра со него. Најпосле, после три неуспешни обиди за да ја дознае тајната на силата, Далида го искористила секое женско лукавство и упорност и постојано го обвинувала дека тој не ја сака нејзе, и толку го вознемирувала со тие зборови, што „душата негова се натажи до смрт“ (Судии 16,16). Не можел повеќе да го издржи притисокот од неговата љубена и конечно си го отворил срцето пред неа, и ја открил тајната Божја која не смеел да ја кажува. Далида го успала, му ја истрижала косата, т.е. седумте плетенки на неговата глава, Духот Божји го напуштил, и тогаш дошле Филистејците, ѝ ги дале сите сребреници, а него го ослепеле и така поразен како роб го фрлиле во затвор, каде што бил впрегнат во вериги за да ја врти мелницата. Времето поминувало, косата повторно му пораснала, а тој во затворот горко се каел за тоа што станал предавник на тајната Божја, поради што и Духот Божји го напуштил, а сега веќе, Бог му го простил гревот поради покајанието.

Еден ден се собрале сите водачи и кнезови филистејски, вкупно околу 3000 души, мажи и жени, за да се провеселат и да го прослават заробувањето на силниот Сампсон. Го извеле Сампсон, со синџири го врзале меѓу столбовите на палатата, и сиот народ го гледал, го исмевал и се забавувал. Сампсон се помоли на Бога, да му даде сила за да им се одмазди на Филистејците, и навистина со двете раце ги повлекол носачките столбови и сета палата се срушила, па така, додека бил жив убил 1000, а сега веќе мртов, убил 3000 души. Бил погребан во гробот на неговиот татко Маној.

Како да ги разбереме овие настани? Како е можно да се јаде мед од мртов лав? Каква смисла има сето ова?

Во духовниот живот, но и во животот на секој човек, доаѓаат многу искушенија, и сите сме повикани да се бориме со нив. Да ги препознаеме како искушенија, кои Бог ги допуштил за наша полза. Да не се плашиме, да не се сожалуваме себеси, да не кукаме оти ни е само нам тешко, туку со „голи раце“, потпомогнати од благодатта на Светиот Дух, да се бориме со оружјата на Црквата: постот, молитвите, воздржувањето, смирението, покајанието и Светата Причест, и со нив не само што ќе ги победиме сите искушенија, туку и ќе добиеме нова смисла во животот, ќе вкусиме нова сладост. Сите искушенија, сите страдања, сите болести, лишувања и загуби не смееме да ги доживуваме трагично, или како казна, туку како скалило кое треба да го искачиме, или како испит кој треба да го положиме, и да одиме понатаму, на потежок испит и повисок степен. Кога без негодување ги прифаќаме сите работи во животот, па ако се научиме дури и да благодариме на Бога во сите наши неволји и несреќи, тогаш ќе добиеме сладост поголема и од онаа од медот, а ќе го наследиме и вечниот живот, ќе станеме жители на рајот, заедно со сите ангели, пророци, апостоли, светители, маченици и сите знајни и незнајни жители на рајот, радувајќи се од гледањето на Бога, Кој ќе биде сѐ во сѐ.

Како да го сфатиме настанот со Далида?

Сампсон бил од Бога избран, уште од утробата на мајка си, и Духот Божји бил постојано со него и го укрепувал, но тој бил сладострасник, кој не можел да се воздржи ниту од вино, ниту од похотлив живот, и оваа приврзаност кон гревовите го довела до тој степен, да стане предавник на тајната Божја, поради што Духот Божји го напуштил, не како казна, туку како воспитна мерка, па ја изгубил силата, бил ослепен и конечно поробен.

И денес многумина се одлучуваат да се посветат на Бога, чувствуваат призив да се запишат во богословско училиште или факултет, некои одат директно во манастир за да станат монаси, но на патот неочекувано ќе запознаат некоја „филистејка“, девојка која е далеку од верата и нормалниот живот, па откако ќе паднат во нејзините ласкави мрежи, опијанети во нејзините сладострасни предлози, забораваат на повикот Божји, забораваат на благодатта која ја примиле при крштението, забораваат на монашкиот постриг, па се предаваат целосно на сладострасното вино, од кое набрзо ќе бидат опијанети до бесвест, па ќе станат плен на демоните, кои ќе им ги врзат и рацете и нозете, па да не можат да направат ниту еден чекор, ниту еден гест кон Бога, и најпосле ќе бидат дури и ослепени од демоните, во чија власт самите допуштиле да паднат. После ослепувањето, остануваат без благодат, како паднати во целосно помрачување, ја забораваат „првата љубов“ (Откр. 2,4), од која отпаднале со многу последици, па не можејќи ни да се покајат, ја бараат вината во друг, во Црквата, почнуваат да негодуваат, да се противат, да обвинуваат, и на крај како тотално заслепени, ќе почнат и да хулат на Бог, да го негираат Неговото постоење, само за да си го оправдаат гревот и отпадништвото.

Оној кој е повикан за свештенство, нека не се врти назад кон Содом и Гомор, за да не стане солен столб, како жената на Лот; нека не бега од тежината на свештенството за да не доживее духовен и телесен бродолом како Јона; нека не паѓа на убавината на либералните филистејки, за да не го изгуби благословот Божји та да не биде ослепен од демоните, слично на Сампсон; нека не го напушта богатиот дом Божји, за да не дојде ред да проси за една чинија помија, како блудниот син.   

Оние кои го избрале патот на монаштвото или свештенството, нека внимаваат по кој пат одат, нека ги изминуваат „филистејките“ на патот кон Бога, нека ги чуваат заветите од крштението/монашењето, и нека ја умножуваат благодатта која им била дадена од Бога за да ја разгорат во себе и преку нив да се спасуваат илјадници луѓе. Да не го презираме дарот Божји, туку да го умножуваме и пак на Бога со голема полза да му го вратиме.

Што означуваат седумте плетенки на главата на Сампсон?

Во книгата на пророк Исаија (11,1-3) наведени се седумте дарови на Светиот Дух, кои ги поседувал избраникот Божји Сампсон, и кои му давале сила. Тоа се: Мудрост, разум, совет, сила, знаење, побожност, страв Божји. Без овие дарови, тој останал обичен слабак. На крајот, како што видовме, колку и да згрешиме, ако се освестиме навреме, па се исповедаме и се покаеме, Бог ќе ни прости и ќе ни ја врати поранешната благодат која поради многу гревови сме ја изгубиле. Таа ќе ни ја врати и духовната сила и ќе ни ги отвори очите, за да можеме да одиме по патот Божји.

Православна светлина бр. 63

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *