Од тоа, како веруваме, зависи целиот наш живот, сите наши сфаќања, сиот наш светоглед и целта на нашиот живот. Колку сме поблиску до вистината, толку поправилен (православен) е нашиот живот, и колку сме подалеку од вистината, толку полош е нашиот живот, и стануваме робови на ѓаволот, а нашиот живот станува острастен, лукав, лажлив, користољубив, егоистичен, деструктивен.
Тоа може да се види и кај луѓето кои нè опкружуваат. Кога човекот има правилна претстава за Бога, за Света Троица, за нашиот Господ Исус Христос, за Пресвета Дева Богородица, за светителите, за Црквата, за Светите Таинства, тогаш тој и својот живот го устројува според тие духовни закони, според кои Господ го устроил светот. И пазејќи ги, трудејќи се да живее праведно, добива соодветни плодови: добродетели и благодатни дарови, а на крајот и светост и спасение.

Знаењето на верата ќе ни даде идентитет на православни христијани, за да знаеме кои сме и што сме, од каде сме и каде одиме, ќе ни даде критериум за да знаеме што е добро, а што зло, што е природно, а што неприродно и противприродно, што е нормално, а што не е, што е здраво, а што болно, што е добродетел, а што грев, да можеме да размислуваме со својот ум, без да паѓаме под влијание на безбожната, агресивна, медиумска кампања.
Знаењето на верата ќе ни даде одговори на сите прашања во животот, ќе ни помогне во нашето лично воспитување и образование, но и во воспитувањето на нашите деца и семејства, на нашите блиски, и ќе нè запази од погубното влијание на разните суеверија (празноверија), бајачи, гатачи и сличните на нив богоборци. На пример, оние родители кои не ја знаат верата, обично ги оболуваат духовно и душевно своите деца, носејќи ги кај разни бајачки и гатачки за да им баат и за најситни работи: ако детето плаче многу, или е нервозно итн., и тие, советувани од своите верски неуки родители, трчаат кај таквите прикриени демонослужители, и со тоа им нанесуваат огромна штета и болести на чистите детски души. Доколку родителите би ја познавале верата, би знаеле дека треба да ги носат децата во црква, на молитва и Света Причест, а не кај бајачи и „баби“. Исто така постојат многу суеверија поврзани со црковните чинови како што се: раѓањето на деца и крштевањето, венчавањето, погребението, и оние кои не ја познаваат верата неизбежно се угушуваат во тие суеверија. Подготвени се да ги згазат најбитните работи, сè само за да ги исполнат суеверијата, кои постојат базирани врз страв и закана: ако не направиш така и така, ќе ти се случи тоа и тоа. Па така ако не ја знаеме верата, не можеме да препознаеме што е црковно, а што демонско, и, наместо плодови, ќе береме само празно лисје. Знаењето на верата ќе нè запази од канџите на разните навидум побожни волци во јагнешка кожа.
Знаењето на верата ќе нè заштити од погубното влијание на многуте богоборни и црквоборни секти кои со својата агресивна и манипулаторска „проповед“ се обидуваат да ги затрујат и погубат душите на луѓето кои не си ја познаваат својата вера. Знаењето ќе ни помогне да се спротивставиме на нивните агресивни напади, но и ќе нè зачува од паѓање во нивните лукави мрежи.
Знаењето на верата ќе нè заштити и од можеби најперфидните непријатели на Светата Православна Црква, а тоа се внатрешните непријатели, псевдо-православните: лажните свештеници и духовници, лажните монаси и лажните аџии и гуруа, разните самозванци кои оперираат главно преку социјалните интернет мрежи, особено преку популарниот Фејсбук или Твитер. Она што се педофилите за децата на интернет, тоа се и овие псевдо-православни измамници за верниците. За жал, тие настапуваат како православни христијани, и со тоа ì нанесуваат огромна штета на Светата Црква. Најголем дел од нив се или расчинети заради морални и финансиски скандали и прогонети од нивните матични Цркви, па тие наоѓаат терен за оперирање токму помеѓу христијаните кои не си ја знаат својата вера и кои лесно може да бидат изманипулирани; а другата група се такви кои воопшто немаат никаков чин, туку лажно се претставуваат како монаси или свештеници. Жртвите на овие измамници најчесто завршуваат сексуално или финансиски злоупотребени и со големи трауми, но за жал, најчесто заради тоа ја обвинуваат Светата Црква, која не само што нема ништо заедничко со овие псевдо-православни групи и поединци, туку и го предупредува народот да се пази од нив. Одговорноста е на секого од нас. Кредибилитет за проповедање на верата имаат само епископите, клирот, монасите, и професорите од богословските институции и вероучителите, се разбира, со благослов од надлежните архиереи. Никакви аџии, самозванци и лажни клирици не смеат да проповедаат, ни духовно да раководат, ниту, пак, треба кај такви да одиме, или да одржуваме со нив било какви контакти, затоа што тие, како по правило, редовно формираат некаква секта, и народот кој им верува го водат во духовна пропаст, одделувајќи го од Христа и Неговата Света Православна Црква. Самото одење на аџилак во Светата Земја, или на Света Гора, или во славните манастири не е никаков показател дека некој човек е нормален. На сите овие поклонички места може да сретнете безброј такви скитници-аџии, луѓе со психички заболувања, перверзници и измамници, кои својот „ацилак“ го користат само за да ги убедат наивните верници во нивната исправност. Имаме доволно духовни луѓе во нашата Света Црква кај кои можеме и треба да одиме, и нив да ги слушаме, а не овие псевдо-православни волци во јагнешка кожа.
Без знаење и живеење според верата не можеме и не смееме да се нарекуваме православни христијани. Но помеѓу народот постои некаков страв дека ако го читаме Светото Писмо, ќе забегаме (!!!). Никој не забегал од читање на Светото Писмо, и токму таквиот страв „да не забегаме“ е показател дека имаме предиспозиции за психичко застранување и разболување. Навистина во црквите има луѓе со разни психички болести, како што има и насекаде, но доаѓањето во Црква не ги направило такви, туку тие си ја носеле својата болест, и тука во црква нашле утеха и мир, а некои и оздравување. Црквата е духовна болница, и секој е повикан во неа, независно дали има некаква очигледна болест, или пак изгледа физички здрав. Исто така, таквиот страв дека ќе забегаме ако читаме, ме потсеќа на времето додека учев во основно образование, и во тоа време често помеѓу децата се ширеа гласини дека некој си забегал од многу учење или читање. Еднаш дури и од возрасен човек слушнав коментар за негов близок роднина дека е забеган, само затоа што имал само десетки во индексот. Каква иднина да очекуваме во една Црква и земја, во која генијалците и интелектуалците се сметаат за забегани, а простите и неписмените се наметнуваат како критериум за нормалност?
За да ја запознаеме верата, не смееме повеќе да ги обвинуваме нашите родители, дека тие ништо не нè научиле, туку потребно е самите ние да почнеме да го читаме секојдневно Светото Писмо (барем по една глава секој ден од Новиот Завет), и толкувањата од Светите Отци на Црквата, но и други книги и списанија издадени со благослов на нашата Света Македонска Православна Црква, кои ќе ни помогнат во изучувањето и практикувањето на православната вера. Светите браќа Кирил и Методиј, знаеле дека без Светото Писмо и Литургијата нема здрав народ, и затоа тие најпрво ги превеле токму книгите од Светото Писмо и Богослужбените книги, и со тоа му дале духовно прогледување и просветлување на народот кој дотогаш седел во мрак и смртна темнина.
Исто така многу значајно е да се навикнеме да комуницираме со својот архиереј, со своите свештеници-духовници, монаси, монахињи, да одиме на поклонички патувања низ нашите живи манастири, и од нив да ја изучуваме верата, и да живееме според таа вера, со нив да се консултираме за сè што нè интересира, и со нивна поддршка и совети да растеме и напредуваме во верата, па не само да знаеме за Бог, туку, откако ќе поминеме низ школото на подвижничко-литургискиот Богоцентричен живот, да се удостоиме со најголемото спасоносно знаење, односно, да Го знаеме Бога лично.