Старец Никон (Лазару)
Ѓаволот знае секогаш каде да удри. Проблемот е, што треба и ние да разбереме дека е потребно да им помагаме на тие луѓе, затоа што како луѓе имаат потреба од човек. Не е важно колку може човек да е свет. Си спомнувам на зборовите на отец Ефрем Катунакиски, кој вели: „Толку многу се повлеков. Многу долго немав видено човек, на крајот отидов на брегот, до скалите, седнав со раката потпрен на брадата и чекав со часови да помине чамец, да помине блиску, за да видам луѓе кои пловат по морето. За да видам луѓе“. А сега замислете, ако такви луѓе со таква светост имаат потреба од човечко присуство, колку повеќе имаат потреба оние кои ја немаат таа светост.
А сега за старец Ефрем, што и да кажеме за него, ќе биде малку, никогаш нема да се каже сѐ, а и подобро е да не знаеме сѐ. Низ какви маки поминале тие светители. Тоа што секогаш нѐ повредува e предизвикано од луѓе, кои се блиску до нас, од луѓе кои ни се соседи. Се разбира во тоа има логика. Кого ќе донесе ѓаволот да се бори со тебе? Некој од Венецуела или Авганистан? Каде ќе го најде? Тој ќе го разбуди соседот. И соседот на кого умот не му е на место, нема да внимава, разбеснет, потонат во интернетот, тој ќе стане твоето искушение. Така како што било со сите, така е и со Ефрем, и со старец Ефрем Катунакиски, но највеќе со Ефрем Филотејски кого сега го нарекуваме Аризонски.
Тие луѓе со тоа се справуваа на конкретен начин, како што се справуваа сите светители. Тргнувајќи од секојдневните работи, за да стасаме до вечните. Започнувајќи од едноставното, за да стасаме до недостижното, кое човековиот ум не може да го собере и кога велиме од едноставното, го имам предвид постот, секојдневната молитва, бдението, трпението во животот со браќата, работи кои се однесуваат и на сопружниците и семејствата. Затоа св. Јован Златоуст вели: „И женетиот и неженетиот маж треба да го прави она што го прави монахот“.

Се разбира во рамките на возможното и допустливото. Затоа што мнозина се заблудуваат и го рушат таинството на бракот. Единственото, кое му е дозволено на световниот човек како женет маж, а на монахот не му е дозволено, е да има сопруга. Сето останато, што го прави монахот, го прави и женетиот маж. Затоа ќе започнеме од едноставните секојдневни работи и нема веднаш да се стремиме кон небото, инаку ќе се сопнеме и ќе си ја скршиме главата, но борбата која што ја водиме ќе ја водиме со одлучност. Ние ќе живееме и ќе умреме за Христос. Тој живееше и умре за нас? Ние ќе живееме и ќе умреме за Него. Така сите правеле. Св. апостол Павле нѐ охрабрува: „Подражавајте ме мене, како што јас – Христа“. Да го подржаваме Христос, да го подржаваме св. апостол Павле.
Сите знаме низ што поминал св. апостол Павле. Кога одлучиле да го убијат, фрлаат камења по него и бегаат, а тој се исцелува, но го сметат за умрен. Го фатиле за ногата и го извлекле надвор, како труп и си тргнале, после се нашол некој Лука и го излекувал, светот го прими апостолот Павле. Истото ќе се случи со секој мисионер, истото ќе се случи и со Ефрем Аризонски, истото се случува насекаде и секогаш.
Кога прв пат отидов во манастир во 1973 г. имаше само околу десетина старци. Дванаесет, не знам точно, не ги преброив. Тие му кажаа на старецот, кој беше блиску до еден скит: „Ние во манастирот сме една рака старци. Вие тука во ќелијата сте повеќе од дваесет души, и сите се млади и многу учени. Земете ги и дојдете во манастирот!“ Старецот ги зедел и отиде во Филотеј, низ што поминаа, подобро да не зборуваме. Најмладиот од старците беше седумдесет години. Останатите беа повозрасни. Седумдесетгодишниот беше најмлад. Манастирот беше запустен, тогаш беше на гости еден Јоргос, за кого се зборуваше дека бил на Тибет, неговата историја е позната, со гуру и сите тие работи. Тој седеше во Филотеј и го гледам еден ден земал змија во рацете и тој се гордееше на тоа.

Му реков:
– Каде ја носиш? Како ја фати?
Змијата беше жива.
– Ох, се научив да ги ловам на Тибет – рече тој.
Змии по патеките низ манастирот. Замислете си колку беше запустен манастирот. Просторијата од која започнуваат столбовите за влез во манастирот, немаа врати. Влегуваше дожд и целиот манастир беше во вода. На четвртиот спрат во ходникот закачив рамки и позади рамките вода се слеваше како дожд. Сите слики што ги поставив се натопија. Имав една ќелија со дрвен под, но даските не се поклопуваа и имаше процеп меѓу нив. Низ процепите го гледав подрумот и дрвата во него, каде што имаше огромна врата, во вид на свод. Вратата ја немаше. Во зима во подрумот влегуваше снег и гледав како дрвата одозгора се навеани и всушност спиев врз карпа, карпа врз снег.
Се будевме во 22.00 часот секоја ноќ, секоја ноќ, секоја седмица, секој месец, сите години. Во 22.00 пред полноќ до 06.00 наутро. Имавме осумчасовно бдение секоја ноќ. Јас ја подготвував печката во текот на ноќта, така што кога станував во 22.00, беше потребно само едно чкорче кибрит за да се стопли тоа место. Скокнував од леглото, се втурнував кон печката, го палев ќибритот, таа беше настрана, земав големи дрва, брзав да си ги измијам очите со вода… Каква вода? Прскав малку вода по лицето, си варев кафе, седнував да го испијам кафето, нешто читав, што ми помагаше за бдението, по кафето ја гасев газјената ламба. Струја немаше. Ја гасев ламбата за да го извршам бдението, да ги правам поклоните. На крај не издржав и отидов кај старецот да се пожалам.
– Геронда, благослови! – му реков. – Кога се будам навечер и го ставам килимчето за да ги правам поклоните, килимчето се вее како тоа на Аладин во „Приказните од илјада и една ноќ“ и јас сум врз него како дух. Не смеам да стапнам долу – му велам. Ветрот сечеше.
– И на крај – му велам – ја местам масата до леглото, од леглото се качувам на масата и започнувам да ги правам поклоните на масата. Потоа – велам – ќе најдам работа во некој циркус. Ќе заработам многу пари. Не смеам да стапнам на подот!
Тој ме погледна со задоволство и ми рече:
– Имаш под?!
– Ох, велам. Зошто зборувам? Зошто?
И за да ме охрабри, ми зборуваше низ што поминал, кога за прв пат се качил на карпите и пештерите на Атон.
– Дедо Јосиф ми даде – вели – еден килим, ми покажа една дупка во карпите и ми рече: „Таму ќе спиеш“. Јас реков: „Нека е благословено!“ Влегов, – вели – го распослав килимот, спиев, ноќта станав за бдение, утрото го земав килимот, излегувам го тресам и го простирав на една карпа, за да може сонцето да го грее целиот ден, ноќта одново, спијам врз него правам поклони, утрото го тресам и го простирам на карпата…
Подот на пештерата бил под вода, но тој не велел: „Каде ми дадовте да спијам?“ тој спиел врз водата. А јас имав под и проговорив?
Следниот пат ме праша:
– Како помина оваа вечер?
Секој ден кога станував тој ни ги следеше помислите. Со што се бореше секој од нас. Секој од нас е различен свет. Јас му раскажував каква војна водам… Најголемата војна на секој од нас во почетокот е како да станеме во 22.00 пред полноќ и да останеме будни до 06.00 наутро. Ако тоа е возможно… Заспиваме во 17.30 ч. спиевме 4 – 5 часа, не бевме лишени од сон, спиевме нормално. По 4 – 5 часа во текот на ноќта и после 06.00 часот спиевме уште 2 часа, или 2 часа и половина. Седум часа се повеќе од доволно. Сите спијат толку. Но бидејќи спиењето беше прекинувано, реално бевме будни преку денот и преку ноќта. Да, обидете се да се разбудите во 22.00ч. и да останете будни до 6.00 утрото и ќе зборуваме. Така отидов еден ден:
– Како беше оваа ноќ?
– Геронда, заспав и се разбудив со клепалото.
– Не – вели тој. – Не треба! Не треба! Јас, – вели тој, – кога ми се спиеше, излегував од пештерата, влегував во снег до градите и седев таму. Еден час, два часа, три часа.
Го погледнав и ништо не реков.
– Друг пат – вели тој, – кога немаше снег, станував, се затрчував и се удирав во карпите.
Се бореше со сета сила. Беше модар по целото тело од ударите, за да го победи сонот, за да не заспие.
– Претпочитаме – велеше, смрт пред сонот на непослушанието.
Логично што сееш тоа и ќе жнееш. Тој на Бог му дал сѐ и Бог му дал сѐ. А кога го викнаа и отиде во Филотеј, постави ред во манастирот… Беше идиоритмичен, го направи општожителен манастир. Какво дело, не можете да си замислите, што направи од таа распадната зграда, за да е како сега? За среќа 5 – 6 од отците беа дрводелци правеа мебел. Други спроведуваа вода. И така Филотеј се претвори во палата.
По неколку години си велам: „Добро ни е тука“. Гледам како се гради, до манастирот има една провалија и до неа една разрушена ќелија, која старецот ја поправаше.
Јас реков:
– Геронда, зошто ја поправаш?
– Сега кога манастирот е во ред, вели тој, мислам да оставам друг игумен и да се повлечам тука и како што го започнав животот во пустина, така и да го завршам тука на оваа падина кон пустината. Да починам во мир.
Да но, „човек планира а Господ распоредува“. Во пустина почина, но во која?
И со каков мир почина, тој и срцето негово знаат. И доколку очекуваше да почине во Филотеј, се одзва да служи во Канада и Хонолулу. Во Хонолулу – да видите, добро е да ставиме кочница на нашето православие и запазување на правилата, затоа што понекогаш запазувајќи ја буквата на законот, го убиваме братот и духот на законот…
Тој служеше на Хаваите, немаше псалт, имаше само еден што знаеше византиско пеење и тој беше Кинез, дури не беше ни христијанин. Не, не беше бел, не беше црн, не беше… Тој дури не беше христијанин. Старецот не знаеше. Тој велеше: „Колку убаво пее! Колку благословена душа!“ Откако му кажале дека не е христијанин, тој за малку ќе паднел. Што ќе кажат другите? „Оди си не те сакаме, затоа што не си христијанин?!“
Поминаа години, 20-те монаси кои отидоа станаа 30, 40, 50, 60, 70, 80, 90, започнаа да прашуваат од други манастири. „Испратете ни, испратете ни“, тој исполни уште три манастири…
Едвај започна да се освестува од тоа што му го приредувавме ние, неговите монаси. Многу пати велам, подобро е да не слушнат колку пострадал тој човек од рацете на неговите послушници. Но после си велам, еден ден тие работи треба да се соберат, инаку никогаш нема да дознаеме колку неверојатна љубов има тој човек во себе. Љубов несфатлива за нас. Љубов надвор од секаков разум. Каква војна, низ што поминал – подобро да не зборувам.
Филотеј е планински манастир во планината, со часови оддалечен од Кареа со патишта пред 50 години. А игумен на друг манастир со друго размислување почнува да негодува:
– Што сакаат да прават со манастирите? Што прави камион на Света Гора?
Камионот минуваше низ месност која припаѓаше на тој манастир и има мост. Манастирот на тој игумен е распослан на брегот од морето. Тој немаше потреба. „Ќе го срушам мостот! Колата нека остане во Кареа, а тие нека си останат во Филотеј“. Колку пострадавме од тој игумен, подобро да не зборувам… Какво оцрнување, колку игри, какви обвинувања…
После тоа и тој доби пет автомобили.
Бог да се смилува над сите, кои Го сакаат и се подвизуваат во Неговата љубов. Многумина Црквата ја гледаме со умот кој го носиме и според умот ни дејствуваат и нашите сетила. Затоа што очите не гледаат, но умот гледа. „Умот гледа и умот слуша“.
Еднаш еден старец на 85 – 90 години беше отиден во Солун, го оперираа, го испративме со кола во светот и бедниот старец се врати на мазга, четири часа одеше напред-назад, додека да стаса до Кареа, низ калдрмите, низ угорнини и удолнини… Кога дојде во манастирот, старецот беше при себе и со право, го видов толку тажен. „Не можам – вели тој – да си претставам такво нешто. Можев да платам за една од колите, кои се во Кареа!“
Бог да се смилува на сите нас и да нѐ заштити од нашите браќа и пријатели.
Ние ги гледаме непријателите и се заштитуваме. Опасни се тие кои ги сметаме за пријатели и браќа, за христијани и православни. Затоа што додале многу нијанси на зборот Православие.
Со годините искушенијата се зголемуваа, венците кои старецот ги добиваше, се зголемуваа по илјада пати. Еднаш кога отсуствувал од Света Гора, еден млад човек со обетка на увото тргнал од селото со полу бојадисана коса, модерна за времето, со ранец на грбот, се нашол во Лариса, се разболел, луѓето, кои се грижеле за него му рекле: „Каде одиш, момче?“ „Сакам да отидам да се искачам на планината Олимп“! И тие му рекле: „Ами ако ти се случи нешто на Олимп, кој ќе те најде?“ Тој бил малолетен, уште немал 18 години, имал 17 години и бил мал. „Ако ти се случи тоа и тоа на Олимп кој ќе те најде?“ „Сакам да се искачам“. „Ќе ти кажеме да отидеш на друга планина“. „На која?“ „На Света Гора“. „Каде е тоа?“ Му кажале како да стаса до Уранополис, како да се качи на бродот, тој дури не ни знаел каде оди. Отишол, го нашол Уранополис, се качил на бродот, сите се симнале од бродот, се симнал и тој. Сите се качиле на автобус се качил и тој. Сите се симнале од автобусот во Кареа се симнал и тој, тој видел некои луѓе како се качуваат во камион.
„Така прават тука“, си рекол тој.
Тој се качил во камионот и се повозил до Филотеј. Се воодушевил. Останал. Испратил известување до роднините: „Ќе станам монах“ Настанало голема бура. Имал брат близнак. Двајца близнаци. Другиот брат рекол: „Немојте да се секирате! Седете тука, ќе отидам и ќе го донесам жив или мртов!“ И тој со 17 години. Оди и тој останува. Не можете да замислите што се случило. Какво обвинение против старецот. Старецот кој во меѓувреме не ни бил во манастирот немал претстава што се случило. „Тој кој заведува малолетни! Тој ги заведува малолетните!“ Доаѓа полиција, доаѓа со обвинител, ги изнеле младите. Само какви обвиненија слушна старецот! Весниците со радост пишуваа за тоа, а игуменот кој го мрази до денес уште зборува „Тоа го прави Ефрем! Така ги заведува младите!“ Старецот дојде по дваесетина дена, се разбира, тој не ги читаше весниците, ниту пак знаеше што се случило. Разбра покасно.
Момчињата се запишале – едниот во Универзитетот во неговиот град, а другото – во Универзитетот на Крит. Следната година, на роденденот, кога станаа полнолетни, едниот тргна од Крит другиот од неговиот град, и двајцата дојдоа и станаа монаси. И денес близнаците се монаси на Света Гора.
Не можеме да ги разбереме некои работи. Еден голем човек со многу дарби, кои ги искористил за големо зло кажал нешто умно: „Идеите се како клинци. Колку посилно ги удираш, толку повеќе се забиваат“. Така и со близнаците.
Така е со сѐ. Колку повеќе се бориш со неговата намера, толку повеќе се труди да ја заштити. Следуваше оцрнување едно по друго.
Еден физичар го напушти светот, дојде и стана монах.
Мајката на момчето, кој што дојде во Филотеј за да стане монах, три години го чекала со пушка старецот: „Ќе го начекам! Ќе го убијам!“ Наоѓа еден новинар и му вели: „Вака и вака направи старец Ефрем, ми го украде детето“. Детето не беше толку многу дете, тој имаше завршено универзитет, беше цело „магаре“, но за мајката и на 70 години, нема значење колку години имаш и на 90 ќе ти рече: „Облечи се, ќе настинеш!“ За неа тој е дете. Новинарот рекол: „Немој да се јадосуваш, такви работи сакаме“. Тој оди во фотостудио, прават фотомонтажа, земаат една слика со оргии, голи мажи и жени, ја тргаат главата на еден маж и ја ставаат главата на старецот. Фотомонтажа од тоа друго време. Ја испраќа на некој новинар од весникот во северна Грција, тој ја зема и ја разгледува: „Такви работи сакаме“ и вели: „Ако имаш уште, донеси ми“. „Немам“, вели тој „таа ми одзема неколку денови да ја направам“. „Мојот весник ќе продаде толку голема бројка како никогаш до сега“ – вели новинарот. Тој ја зема сликата на старецот со оргиите и ја однел на старецот. Бил духовно чедо на старецот. „Геронда – вели тој, – види што прават со тебе“. Старецот се прекрстил и рекол: „Остави, мил мој, фрли го тоа“.
Не може да си претстави човек низ какви маки помина, предизвикани од неговите монаси и од другите луѓе.
Веројатно таков е животот на секој светител. Доаѓа часот на болеста, тој се разболува, многу тешка болест на нозете, не може ништо да направат, многу страдал, го качиле на авион и право за Америка. Како пишувале весниците за него – не можете да замислите. Тие весници, внимавајте, уште не го познавале. Еден кардиохирург ми рече: „Отец, операцијата на ногата траеше шест часа“.
Кога разбраа кој отишол во Америка, луѓето доѓале во групи да го видат. Некој ми рече: „Чекав во редица со часови дури и на дожд“. Јас му велам: „Имаше ли време да исповеда толку многу народ?“ „Какво исповедање, отец?“ – вели – „Се шегувате ли? Да му бакнам рака да земам благослов и да заминам. Илјадници!“
Се врати во Филотеј со авион. Старецот натажен беше во шок. Тој дури не знаеше, дека Америка е жива. Ја виде Грција надвор од Грција. Во коската на ногата му беа поставени две пластики, на коската беа ставени два навои, на нив беа зацврстени пластиките за да ја поддржуваат коската, тој требаше да се врати наредната година и повторно да го оперираат да ги извадат навоите и металот и повторно да го сошијат. Неверојатна мака и страдање. Наредната година тој повторно се врати. Ја направија таа операција… Весниците почнаа да хулат: „Самоповикан! Вели дека му е направена операција! Никаква операција немало!“ Вели да не му го кажувам името на еден грчки лекар: „Или да се извините или ќе поднесам тужба и ќе го затворам весникот!“ Во Америка за некои работи нема шега. Дури и престроги се. Наредниот ден беше публикувана статија, чии наслов ја заземаше целата ширина на весникот: „Ние излажавме“, излажавме за Ефрем. Кој го гледа тоа? Тие кои ги следеа весниците. И така од едно страдание, од една болест, од нешто толку лошо во Америка беа основани дваесет манастири.
Гледате ли како Бог ги устројува патиштата, кои човечкиот ум не може да ги разбере? Ако не се разболеше, никогаш немаше да има дваесет манастири во Америка. Омразата уште продолжува.
Превод: Протоереј Игор Пармачки
Текстот е објавен во Православна светлина бр. 72