За религиозната параноја и религиозната хистерија

Loading

Дуригин Д.Н.

            Во ниеден дијагностички прирачник, ниту во регистарот за болести не постои болест која се нарекува религиозна параноја, ниту пак религиозна хистерија. Сепак во реалниот живот овие зборови доста често се употребуваат, означувајќи разни отстапувања на социјалното однесување кај некои личности. Затоа ќе се обидеме да ги следиме основните етапи на појавата и развојот на таквите состојби, кои навистина постојат во нашите животи, потпирајќи се на учењето за „високата нервна активност“ на големиот руски физиолог И.П. Павлов.

            Кога човек за прв пат ќе влезе во Црква, се соочува со дотогаш непознат и апсолутно нејасен свет. Тогаш кај него се јавува таканаречениот диригиран рефлекс или рефлексот – „за што станува збор?“

            Според учењето на Павлов, човекот комплетно се анализира самиот себеси, се активира, за да може адекватно да одговори на очигледно изменетите околности. Таа внатрешна подготвеност за промена на однесувањето е многу важна, бидејќи е потребно да се променат многу работи: начинот на живот, исхраната, однесувањето, начинот на работа, одморот… Интересно е тоа што главно се јавува неопходност човекот да се менува во правец на одрекување и ограничување, а тоа е многу тешко. Тогаш почнува периодот на неофитство. Неофитството е совршено нормален физиолошки процес за новодојдениот верник. Негова цел е да ги усогласи надворешните манифестации на животот, да ги донесе до одредени стандарди кои ќе му овозможат почеток на здрав внатрешен живот. Всушност, внатрешниот живот во иднина ќе го определува животниот правец на тој човек во друштвото на луѓе слични на него, и во верата која ја исповеда.

            Сепак, неофитството како процес на навлегување во суштина на нештата, може да ги промени и патолошките црти. За што поточно се работи? По правило, причината е во „диригираниот рефлекс“ кој заради измените на надворешната средина, очајно бара конкретен образец на однесување и начин на живот во новите услови. Примерот за идеал на тој човек мора да биде човек со голема духовност – духовен старец, многу активен. Меѓутоа, во нашата реалност таквите духовници се доста ретки. Ако нема духовен старец, најдобра варијанта е стекнување на информации од животните примери и поуки на светите отци на Црквата. Но, далеку од тоа дека секогаш се среќаваме со такви варијанти на неофитство. За да може некој да ги чита светите отци, неопходно е време, трпение и голем напор, за да се одржи внатрешната концентрација, а тоа е можно само кај човек со доста стабилен и силен нервен систем. Слабиот нервен систем кај голем број неофити не  е во состојба да го издржи тој напор.

            Тогаш, таквиот човек бара итен пример, знак, символ, едноставно – силна личност. Сепак, најдените символи, знаци и луѓе стануваат објекти на надворешниот свет, тие на одредено време даваат сила за зачувување на надворешното ограничување, но не претставуваат поттик за добар почеток на внатрешен живот. И ете, токму тој недостаток на внатрешен духовен развој, каде што, јасно е дека е неопходно постоење на надворешни ограничувања „одвнатре“ и станува причина за религиозно лицемерие, дволичност, привидна религиозност, формализам, забрани.

            Што се случува понатаму? Понатамошниот развој на неофитот се одвива во однос на тоа во кој тип на „висока нервна активност“ припаѓа. И. П. Павлов експериментално издвоил четири типови на висока нервна активност, меѓутоа нас нѐ интересираат само последните два: силно неурамнотежен тип (одговара на Хипократовиот колерик), и слабо неурамнотежен тип (меланхолик кај Хипократ).

            Колериците се луѓе кај кои интелектуалната активност доминира над емоционалната сфера (мислител, задлабочен во хартии, кој не обрнува внимание на искинатите чорапи, нередот во собата, кафето кое се цеди по шпоретот). Таквиот човек е склон силно и упорно да брани некоја идеја, воздигнувајќи ја до највисок степен – сѐ до поклонување на самата идеја. Овие типови се склони кон преценување на сопствената личност, непоправливо се самоуверени и нетрпеливи за туѓото мислење. Кај нив е остро  изразена чувствителноста во однос на фактите кои им ја повредуваат суетата, склони се кон преувеличување на некои идеи, што доведува до фанатизам. Тоа доведува до недоверба и презир, животот им поминува во непрекината борба со луѓето кои ги опкружуваат, кои се, како што ним им се чини, многу неправедни кон нив.

            Во периодот на неофитство, таквите типови, наместо делата на светите отци, читајќи многу „семоќни“ коментари кои не се напишани по вдаховение на Духот Свет, ами од „големите умови“, преживуваат некои внатрешни потреси, кои како што ним им се чини, им даваат можност да го сфатат она што им се случува. По правило, после таквите читања, се појавува манија на прогонување, според типот на таканаречениот „парафреничен“ синдром, која се манифестира во барање и гледање секогаш само непријатели како што се: Евреите, масоните, компјутерската мрежа, сателитското кодирање, сектите, сатанистите, екуменистите, новинарите итн.

            Да, навистина таквите нешта се присутни во нашите животи, но не во таа мера за да се заборави нормалниот живот и постојано да се мисли за подметнувања од страна на измислени личности. Манијата на прогонување, кога веќе постои, понатаму наведува на помислата – „штом толку упорно прогонуваат, значи тоа не е без причина! Значи во нас постои, а особено во мене, нешто што не им дава мир!“

            Така постепено се формира манија на големина. Кај класичната параноја, може да започне не од манијата на гонење, туку веднаш од манијата на големина – кога човек смета дека баш тој може или знае нешто толку моќно, што може да го спаси светот, дека баш тој на човештвото може да му овозможи големи можности во лечењето на болестите, за добивање на поевтина енергија, за производство на храна, за спасение од „нечистите сили“, да ја спаси татковината итн. Таквите идеи го обземаат целиот човек, поробувајќи го и потчинувајќи ја неговата работа и живот. Сложеноста на тие состојби се состои во тоа што човекот и при такви чувствителни душевно-психички оштетувања, останува апсолутно интелектуално сочуван, способен за работа, побожен понекогаш до фанатизам, до таа мера што никој не се осудува да го промени неговото мислење. Тој, пак, своите сомнежи ги шири на сите страни…

            Исходот од таквата состојба е – или постепена деградација на личноста, или параноидна форма на шизофренија. Духовната позадина е очигледна: во недостаток на вистински внатрешен живот, душевната природа која не трпи празнина, се исполнува со духот на лагата и го води во пропаст.

            Другата варијанта на „високата нервна активност“ се меланхолиците. Тие луѓе се психички доста кревки, чувствителни, сомнежливи. Не поднесуваат поголеми интелектуални, психички и физички напори, поради што паѓаат во депресија, пред сѐ затоа што на беззначајните ситници им придаваат преголема важност – до егзалтација или ефективна екстаза. Кај нив доминира сетилно – емоционалната сфера над интелектуалната.

            Во периодот на неофитството, после искуствата со „знаците“, младостарците-парафреници и параноици, овие личности доаѓаат до состојба на хистерија. Хистеријата е доста различна во своите појави, и нејзиниот интензитет се зголемува со фактот дека на таквите луѓе им е својствена изразената потреба за прекорување и имитација.

            Сугерирајќи им на соседите, тие ги пренесуваат своите стравови заради „кодирањето“, бараат „знаци“, „сигнали од небото“ давајќи им преголемо значење на субјективните чувства и обичните ситници. Тие бројат колку пати ги „обвила благодатта“, во овој или оној храм за време на богослужбата, кај овој или оној свештеник, бараат благодатни свештеници, и наоѓајќи ги токму такви, какви што ги барале, или пак измислени – околу себе шират бучна кампања како тие свештеници треба да бидат канонизирани уште за време на животот. Го ловат секое нивно движење, дури и нивното кивање го толкуваат како „знак од небесата“, со што ги соблазнуваат другите верни и самите свештеници.

            Меланхолиците се личности кои го сочинуваат најголемиот процент на тешки хронични болести, кои по правило, се однесуваат на слабата циркулација на крв во мозокот, внатрешните органи и размената на материите. Сугестивно, за нив станува најважно исцелението пред некоја чудотворна икона, извор, лековито место и сл. Токму меѓу тие луѓе ги среќаваме сите можни чудесни исцеленија, тие и ја сочинуваат главната маса на хронични поклоници (аџии). Со ова никако не сакам да ја намалам моќта на исцеленијата (кои се случуваат) пред чудотворните икони, постоечките вредности и слично, но сакам да укажам дека исцелението само по себе не е цел на човекот. Туку дека постои утеха, поддршка, јакнење на внатрешниот духовен труд, и не се дарува на сите на ист начин, туку според силата.

            За силните типови, сангвиниците и флегмите, премногу би било едноставно само некаде да отпатуваат, да се допрат до нешто и завршена работа – чирот исчезна, раната зарасна, камењата исчезнаа, тие можат и мораат да се потрудат, не да трагаат по „благодатно место“, туку во себеси, тогаш ќе добијат помош независно од благодатта на местото.

            Меѓутоа, од меланхоликот не се бара многу: мала концентрација, мала активност – и резултатот е постигнат. Сепак, и нашите хистерични меланхолици понекогаш претеруваат во ревноста – разумот не се усредоточува на верата, бдението и молитвата, туку на болеста, која прераснува во желба за повторен ефект на исцеление или патење, прдизвикувајќи соучество од средината, потоа потреба за имитирање на свети Серафим Саровски и свети Амвросиј Оптински.

            Меѓутоа, тие не ги имитираат во нивната молитва, туку во нивните болести, посакувајќи си на себеси и на своите ближни нови, потешки болести и заборавајќи дека духовниот подвиг на телесни страдања е дар на мошне мал број луѓе, многу силни луѓе со исклучително стабилен нервен систем, а никако на меланхолици. Сепак, со нивните егзалтирани приказни за користа и неопходноста од постоењето на болестите, па сѐ до нивно активно трагање по нив, преку провокации и осакатување, тие ја доведуваат јавноста во заблуда.

            Тоа се завршува со манифестирање на хистерични напади од типот на привремено слепило, глувост, привремена парализа, нервни тикови или тикови кои личат на епилептични напади со грозница и пена на устата. Духовната позадина на сето тоа е, дека и кај парафрено-параноиците, но во овој случај и опседнатоста – добива друга поинаква, очигледно класична црта.

            Во секојдневниот живот постојано се среќавам како со овој, така и со другите типови. Дијагноза не давам веднаш, а и не би имало ефект: параноикот ќе те смета за свој личен непријател, а нема да се поправи, хистерикот ќе почне да скока, да вика, да крши садови, да удира со рацете и со нозете, само гледаш кога ќе падне и како виножито ќе се завие во грч. Резултатот е ист.

            Затоа ја користам приликава да укажам на некои аспекти:

            Потребно е помалку да се читаат бесконечните серијали на разните коментари од светите отци, додека главен извор на информации треба да бидат автентичните, изворни дела. Читајќи ги светите отци, не треба да се бара укажувања на знаци за „последните времиња“, тука да се бара одговор на следните прашања: Како конкретно да го изградам својот живот? Како да се молам? Кои се критериумите за оценување на исправноста на мојот начин на живот и моите молитви, да не западнам во уште поголема прелест од оваа во која се наоѓам?

            Обиди се да сфатиш дека вистината се открива само во потрагата по внатрешната вистина, а не преку надворешни непријатели или благодатни места и наоѓање во себе принципи за таа внатрешна потрага.

            Сметам дека е неопходно да го завршам овој разговор кој се продолжи, за веќе изморениот читател да не се посомнева во почеток на параноја кај авторот.

(Неофит – човек кој е неодамна крстен, а се користи и за нововоцрковени личности)

Превод: Јаков Илкоски, дипл. инженер по биологија и хемија

Православна светлина бр. 50

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *