(Беседа на старец Никон Светогорец, одржана во 2012 година)
Денешната наша тема е за молитвата. Бидејќи молитвата, сите знаеме, не очекуваме да ја научиме сега, овде ќе изложиме неколку нешта по еден редослед, за да запомниме подобро. Има два вида на молитва – заедничка и лична. Заедничката молитва е онаа која ја правиме сите заедно во црква, во храмовите, каде што има потреба. Личната молитва е онаа која може секој да ја извршува секогаш и секаде. Оваа молитва има одредени услови (часови) и одреден простор за извршување. Личната молитва може да се врши секогаш и секаде. Првообраз за оваа тема ќе ни биде нашиот Господ Исус Христос. Како и во сѐ ќе го имаме Него за пример. Бидејќи гледаме дека Он извршуваше и заедничка молитва, одеше во храмот, ги запазуваше часовите на собирање во храмот, но кажуваше и лична молитва.
Молитвата е една голема тајна. Врз оваа тајна се базираат сите други таинства. Како се извршува венчавката, крштевањето – нема ли да се помоли свештеникот? Нема ли свештеникот да каже некоја молитва за да се изврши крштевањето, миропомазанието, венчавката, свештенството? Сѐ, ама баш сѐ, целиот живот на Црквата се базира врз молитвата. Толку е значајна што, некој од отците на Црквата рече дека „подобро да запре дишењето, отколку молитвата“. Подобро да престанеш со дишење, отколку со молитвата. На молитва не може да нѐ научи некој друг. Зборуваме за личната молитва. Никој не може да ти каже како да се молиш. Тоа го учиш сам. Никој не може да те научи на тоа, како што никој не те учи како да гледаш. Никој не те научил како да слушаш. Самиот лично го учиш тоа. Ако ти каже некој како да се молиш, како што правиме сега, тоа е едноставно само еден поттик за да почнеме да ја живееме молитвата. И од прва рака ќе научиме како треба да се молиме.
Сите добродетели нѐ подготвуваат за да се соединиме со Бога. Тоа е целта на нашиот живот – единство со Бога или обожение, како што велат богословите. Сите добродетели. Со молитвата се случува нешто друго, страшно. Молитвата е таа што нѐ соединува. Не нѐ подготвува, бидејќи таа нѐ соединува. Затоа, пред да се сретнеме со Бога, ќе треба да бидеме подготвени. Ќе треба да научиме како да стоиме. Тоа не е нешто безначајно, молитвата не е само нешто духовно, тоа е претпоставка на душата – не. Еден многу образован човек ми велеше, какво значење има тоа, како седиме? Какво значење има, како стои душата? Она што не го знаеме, а го вели еден светител на Црквата е, дека „душата се сообразува со телото“. Душата го зема ставот на телото. Не можеме да седиме во поза на лотос, како што прават Хиндуистите, и да велиме „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Не. Ќе седнеме со прекрстени раце, ќе се прекрстиме, и ќе се молиме. И телото треба да научи да се моли, а не само душата. На ова да си спомнуваме за да можеме да го користиме, на пример, кога немаме расположение за молитва. Може да сме уморни, да сме западнале во недејственост (мрзливост), или влегол лукавиот кој ни внесува досада, тага, духовна суша. Што ќе правиме тогаш, кога немаме расположение за молитва? Ќе се прекрстиме, ќе кажеме „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, ќе клекнеме и ќе направиме една метанија, па ќе се исправиме. Повторно ќе се прекрстиме, ќе кажеме „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, ќе клекнеме и ќе направиме една метанија, па ќе се исправиме. И телото ќе ја поведе душата. И душата ќе почне да прави метании. И душата ќе почне да паѓа и да станува заедно со телото. Поради ова да се подготвуваме да стоиме правилно.
Тоа е прво. Но пред да почнеме да се молиме, да заборавиме сѐ што ни направиле. Ако за време на молитвата си спомнуваме на некој кој нѐ натажил, нашата молитва ќе пропадне. Да немаме злопамтење. Секој ден да сме без злопамтење, особено за време на молитвата. Знаете што вели Светото Писмо: Оној кој злопамети, се убива себеси. Затоа, да заборавиме сѐ што ни имаат направено. Еден отец на Црквата вели „семе врз камен е молитвата на злопамтивиот“. Колку што ќе никне семето врз камен, толку ќе се вкорени, и ќе порасне и ќе даде плодови и молитвата на оној кој има злопамтење. Што велиме во Отче наш: Остави ни ги нашите долгови, како што им простуваме и ние на нашите должници. Знаеме ли што велиме? Прости ни, како што проштеваме и ние. Тешко нас! Затоа е толку важно она што го рековме за нашата подготовка, прво, да се научиме како да стоиме правилно, и второ, да го заборавиме секое зло што ни го направиле, и потоа ќе започнеме со нашата молитва.
На три нешта да внимаваме. Да почнеме секогаш со благодарење. Пред сѐ да Му благодариме на Бога. Пред да направиме било што, пред да кажеме било што, најпрво да Му благодариме на Бога. Зошто да Му благодариме со сето она што се случува, со сето она што го тргаме, со сите страдања, болести, зошто, имаме ли нешто за да Му заблагодариме? Ајде размислете. Обично го гледаме она што ни недостасува и добро правиме, за да се бориме да го стекнеме. Но, сме размислиле ли, колку нешта веќе имаме за кои треба да Му благодариме на Бога? Кога бев студент, слушнав дека овде, во Солун, во училиштето за слепи, имаат потреба од студенти, за да им читаат, бидејќи се приближуваше времето за испити. Тие беа слепи и имаа потреба од помош. Си реков, ајде, јас ќе одам. Отидов, и управничката на школото ми кажа на што да внимавам со детето, на коешто требаше да му читам, тоа беше едно 17-годишно дете, препаметно, кое беше ослепело пред една година, на 16 години, и учителката ми вели, тоа не може да прифати дека никогаш во животот нема да прогледа. Отидов, се сретнав со детето, се поздравивме, позборувавме малку, и почнав да му читам, Хемија. Мене хемија и математика никогаш не ми одеа добро. Читав, и во еден миг застанав и му реков: Го разбираш ти ова што ти го читам? Да, да, горе-долу. Продолжив да читам, и по малку, бидејќи не разбирав ништо од она што го читав, му велам пак: Го разбираш ова? Тој ми вели: Да, да, не е тоа ништо. Завршив со лекцијата, се поздравивме. Едно многу талентирано дете, препаметно, и излегувам во дворот за да си одам, и таму доживеав шок, таков шок што ќе го памтам додека сум жив. Две групи слепи деца играа фудбал. Како ја гледаа топката? Слеп едниот голман, слеп и другиот голман. Како ја гледаа топката? Беа ставиле во топката едно ѕвонче. Кога ќе ја шутнеа, голманот го слушаше ѕвонењето, и знаеше дали е блиску или далеку. И така ќе ја фрлеше, сите викаа, се слушаше ѕвончето, и успеваа. Си реков: де застани малку. Зошто јас да гледам? Зошто ние да гледаме, толку ли сме ние добродетелни, што ни даде Бог очи за да гледаме? Колку добродетели имаме, ние си знаеме… Толку ли гревови имаа овие деца, та беа слепи? Се разбира, не, бидејќи голем дел од нив беа родени слепи. Зошто Бог ни даде очи, ни должеше ли Он нешто? Кажавме ли некогаш, „фала Ти, Господи, што гледам“! Зошто да гледаме, не можеше ли и ние да се родиме слепи? Зошто Бог ни го даде тој дар, не сторивме ништо. Се родивме гледајќи, не научивме. За тоа што можеме да гледаме, сме кажале ли некогаш благодарам?
Во една друга прилика отидов во школото за слепи. Таму ја најдов директорката, една жена херој, бидејќи државата ги остави училиштата, како и многу други значајни нешта, државата има пари за друго, а за ова како и секогаш нема пари, па затоа оваа жена мораше самата да чисти, да џогира, да ги брише тоалетите… Оваа жена ни објасни дека овие деца, глувонемите, не се неми, би можеле да зборуваат, но не зборуваат затоа што се глуви, не знаат дека постојат звуци кои излегуваат од нашата уста. И потоа ни објасни како успеваат да им покажат на децата дека постојат звуци кои ги испуштаме ние од устата. Повика едно малечко, шестгодишно детенце, му ја зеде раката, и му ја стави едната страна од раката под нејзиното грло. Другата рака му ја стави под неговото грло. И детето почна зачудено да ја гледа госпоѓата. Таа ја отвори устата и кажа „А“. Детето ја погледна. Таа пак повтори. Конечно детето ја сфати, бидејќи овие деца се паметни, дека таа бара од него да го повтори истото што го прави и таа, секогаш кога ја отвора устата. Госпоѓата се разочара, не беше тоа она што го бараше. Пак ја отвори устата. Детето сфати дека кога таа ја отвора устата, на нејзиното грло се чувствува треперење, и сфати дека таа бара од него, и тој да произведе такво треперење во неговото грло. Ја отвораше устата, пробуваше, пробуваше, и во еден миг кажа „А“. Првото „А“ во неговиот живот. Успеа да го постигне треперењето во грлото, како што бараше госпоѓата. Го прегрнуваше, го бакнуваше, му даваше чоколади, бонбони, а тоа трчаше со радост викајќи „а-а-а-а-а“, ја беше научило буквата „А“. Потоа требаше да ја научи „о, е“. Не можете да замислите – ни рече госпоѓата – колку е тешко да ги научиме да прават разлика меѓу „г“ и „х“, „д“ и „т“. Колку е убаво што ме слушате. Колку е убаво што слушаме музика, кога можеме да комуницираме со пријателите, да зборуваме, колку убавина и топлина во животот. Сте се запрашале ли некогаш, зошто Бог ни дал слух? Ни должеше нешто? Не можеше ли и ние да бидеме едно од овие деца? Што направивме за да се удостоиме за овој дар Божји? Му кажавме ли некогаш, „Ти благодарам, Господи, што слушам“? „Ти благодарам што зборувам“. Не! Како Он да беше должен тоа да го направи. Повторно, кога бев студент гледав еден филм, кој покажуваше колку е трагичен животот во други места на светот, покажуваше кошмарни моменти. Филмот предизвика шок, имаше голем успех, но сценаристите беа уапсени и ставени во затвор, затоа што покажаа страшни работи. Во еден момент, јас доживеав шок од филмот поради една сцена. Немаше ништо страшно. Тоа беше гранка од еден кактус. Во неа спровираа едно цевче и во него имаше 3-4 капки течност, а во длабочината гледаме дека тоа е пустина со многу кактуси. Како што го спровираа во кактусот, така се лизгаа капките во конзерва. Потоа гледаме една африканка со конзерва и сценариото вели: ете вака, капка по капка, собираат вода од секој кактус за да може семејството да пие вода. И потоа таа оди уште десетици метри, за да најде нов кактус, па и од него да извади неколку капки вода. Додека сум жив, никогаш нема да го заборавам тоа, секогаш кога пијам една чаша вода, се сеќавам на таа жена. Колку пат требаше да помине таа жена, натоварена, измачена, по жештината, за да собере не половина, туку цела една чаша вода, што јас ја имам? Зошто е тоа така? Толку е грешна таа жена што толку се мачи за да добие една чаша вода? А јас толку ли сум свет што во секое време имам една чаша вода? Кога сме кажале „благодарам“ за она што го имаме?
Видете. Апостолот Павле вели, благодарете во сѐ. Значи ни вели, благодарете и за несреќите што нѐ снаоѓаат. Во сѐ благодарете. Пропаднавме дотолку што не Му благодариме на Бога дури ни за Неговите дарови и си замислуваме дека сме христијани, и тоа добри христијани. Да гледаме што ни недостасува и да се трудиме да го добиеме, но да Му благодариме и за она што веќе го имаме. Бог, оние кои Му благодарат, благодарните, ги привлекува кон Себе, кон Својата љубов, им го дава она што го бараат. На благодарниот човек Бог веднаш му го дава она што го бара од Него. Бидејќи Бог знае, дека таквиот нема никогаш да се оддалечи од Него. На неблагодарниот, на оној кој не знае да вели „Слава Ти, Боже“, кој не научил да благодари за даровите кои ги добил, Бог бавно ги исполнува неговите молитви. Значи, неблагодарниот се моли, се моли, долго време, а Бог бавно му ги услишува молитвите. Намерно го прави тоа за да го задржи што е можно повеќе во своја близина. Сакаме ли да нѐ услиша Бог? Да започнеме со „Слава Ти, Боже“ за тоа што слушам, за тоа што гледам, што имам куќа, што имам облека, што имам кревет за спиење, што имам пријатели, што зборувам, што слушам, и потоа ќе отидеме на второто ниво на молитвата – исповедта. Да ги исповедаме нашите гревови. Бог ги знае, но да ги осознаеме и ние. Бидејќи ни се допаѓа да ги забораваме нештата што сме ги направиле. Секогаш се гледаме себеси подобри отколку што сме и затоа не ги примаме критиките од другите. Значи, после благодарењето – исповедање, па дури после молби (барања). Дури после да велиме, дај ми, Боже, ова, она… помогни ми да успеам во ова, да го стекнам тоа и тоа… Самиот Христос нѐ поттикнува на тоа, „барајте и ќе добиете“, вели, не е ништо лошо, Бог нѐ поттикнува на ова, но ни кажува и на кој начин да бараме, на кој начин да се молиме. Прво, да имаме предвид дека треба да се молиме и за другите. Да не велиме, „кој сум јас та да се молам за другите, јас имам потреба од молитвите на другите за мене“. На друго место така да викаме, со тоа лажно смирение. Да се молиме за другите, како што бараме и ние од другите да се молат за нас. Секогаш да си спомнувате на тоа, кога апостолот Петар беше во затвор, во која куќа имало долги молитви за него. Сите се молеле во своите домови. На чудесен начин апостолот Петар бил ослободен од затворот со помош на ангелот, отишол во една куќа, тропнал на вратата, излегла слугинката, прашала „кој е?“, а тој ѝ одговара „јас сум, Петар“. А таа од радост не му ни отвора, го остава пред врата и истрчува горе викајќи „Петар е, Петар е“. Еден апостол – чудотворец имал потреба од молитвите на една слугинка. Зарем немаме ние потреба од молитвите на други луѓе? И ние ќе се молиме за другите, но и од другите ќе бараме да се молат за нас. (продолжува…)
Православна светлина бр. 47
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Преводот е направен од видео снимка.
One thought on “За молитвата I дел – старец Никон Светогорец”