За една чинија леќа

Loading

Исав и Јаков

Во Стариот Завет имаме многу настани и личности, од кои, ако сме мудри, можеме многу да научиме. Еден од тие е и настанот, со браќата близнаци Исав и Јаков. Исав бил првороден и со тоа благословот Божји и наследството му припаѓале нему. Тој бил силен, воинствен, а Јаков бил кроток и мирен. Кога Исав се вратил дома гладен, а неговиот брат близнак, второродениот, имал зготвено леќа, ги искористил гладот, лакомоста и ненаситноста на својот брат, кој требало да го добие благословот Божји, и го условил, ако сака да јаде леќа, најпрво да се откаже од своето првородство. Исав размислувал со својот стомак и веднаш прифатил. Заради една бедна чинија леќа, го изгубил благословот Божји.

Детето и војникот

Додека учевме во Богословија, на едно предавање беше присутен еден од основачите и први професори на Богословијата, професор Борис Бошковски. Човек скромен и побожен, кој никогаш не прими свештенички чин. Ни раскажуваше еден потресен настан, од Втората светска војна, во време на сиромаштија и глад, кога тој како војник, поминувал низ едно село, и видел едно дете полуголо и босо, очигледно изгладнето. Веднаш извадил парче сланина, и му ја подал на детето. А детето кога ја видело сланината, веднаш со гадење извикало: Пу, католик! Тогаш бил период на Великиот пост и детето, и покрај гладот, покажало христијанско достоинство и слобода од желбите на стомакот. Професорот, и после толку години, со плачење ја раскажуваше оваа приказна од неговиот живот.

За една торба урда

Од историјата познато ни е дека целиот Балкан бил под турско ропство, и во тој период се вршеле разни обиди за исламизација на православното население. Кога се обидувале насила да го наметнат, многумина покажувале сила и надчовечка цврстина и попрво би ја изгубиле главата, отколку да сменат вера. Читајте ги житијата на света Злата, свети Агатангел Битолски, свети Ѓорѓи Кратовски и другите маченици од тој период. Но имало и многу лукави обиди, кога со ласкање, со лажни ветувања, со поткупување, многумина се прелажале и го прифатиле исламот. Така и во Македонија една група православни Македонци се исламизирале, и народот ги нарекол торбеши, затоа што за една торба урда си ја продале верата. До ден денес тие си остануваат муслимани, подложни на национална асимилација.   

Примерот во Украина со младите свештеници

После Втората светска војна во Украина со воз се враќале многу млади завршени богослови, кои требало да станат православни свештеници. Но, на железничката станица биле пречекани од луѓе на Римокатоличката црква, кои им понудиле плати, неколку пати повисоки од просечната. Многу од тие деца се излагале по парите, и денес, поради нивната лакомост, во Украина постои голема Римокатоличка заедница, од која трпи штета Православната црква.

Современи торбеши

Последниве години со жалење гледам како многумина православни христијани, се лажат по едно пакетче, или за едно кило брашно, и одат по разни секташки собиралишта. Не затоа што немаат, туку затоа што се лакомат. А лакомоста, ненаситноста и сладострастието се причини за секоја беда и сиромаштија (свети Григориј Палама). Не ги прави сиромаштијата луѓето такви, туку овие страсти го прогонуваат благословот Божји, и народот запаѓа во сиромаштија. Пред 20 години секташите одеа само во ромските маала, за да ги поткупат и принудат Ромите со едно шише масло или килограм брашно да си сменат верата, а денес стана „модерно“, православни христијани да примаат пакетчиња од секташи, или да учествуваат/донираат во нивните акции. Само за да бидат сликани и да се фалат со својот хуманизам! Ако отидете во Америка, ќе видите такви „хуманитарци“ на секој чекор, и никој не паѓа на нивните евтини финти. Сепак, секташите, затоа што немаат здрав небесен ориентир, како безблагодатни организации, се држат само за земните нешта, и ги залажуваат своите следбеници со задоволување на земните потреби.

Црквата не е хуманитарна организација

Црквата не е хуманитарна организација, иако има свои мисии за ранливите категории. Од искуството што го имаме досега со Црковните кујни видовме дека луѓето донираат само за да се сликаат или да бидат јавно пофалени. Штом го нема тоа, не ни помислуваат да донираат или да помогнат. Ако доброто дело не го правиме заради Господ, тогаш ќе биде од суета, и таквото дело нема никаква вредност. Приоритет во Црквата е вечниот живот, Светата Литургија и учеството во неа. Се подготвуваме да бидеме небесни жители, просветлени и обожени личности, светители, а не хуманитарци. Светите богомудри просветители Кирил и Методиј беа монаси, потоа свети Методиј стана и епископ, и тие во мисијата кај Словените не носеа пакети со храна, туку ја преведоа Литургијата на словенски јазик, како и книгите од Светото Писмо, за да може народот да чита и учи на свој јазик и да ја практикува верата, верата која нѐ учи да бидеме трудољубиви а не мрзливи. „Оној кој не работи, да не јаде“ – вели светиот апостол Павле. Во житијата на светите Климент и Наум, нашите најголеми просветители, оние кои ја насадија словенската лоза на Православието во Македонија, читаме дека, ги учеле луѓето како да ја обработуваат земјата, како да одгледуваат стока, како да ги кројат и калемат овошките – како сами да си го заработуваат лебот. Ако хуманитарноста беше карактеристика на Црквата, зарем тие би ја игнорирале? Не, тие направиле многу повеќе, го учеле народот на работливост, одговорност, воздржливост, на домаќински однос кон светот и природата. Никогаш и никој од нашите православни предци не ја легализирал мрзливоста и сладострастието, како што тоа го прават лажните хуманитарци – секташите. Децата со посебни потреби, според пишаните сведоштва, многу семејства ги носеле да бидат момоци и помошници во манастирите, повторно ги учеле сами да заработуваат, да бидат самостојни, а не да чекаат на готово, некој да им дава на тацна. Таков обичај сѐ уште постои во романските манастири.

Да бидеме внимателни и одговорни. Ако сме православни христијани, да одиме во своите цркви, да си ја сакаме верата, да ја учиме и практикуваме верата, да се учиме на воздржливост најпрво во храната, а потоа и во сѐ друго, и оваа воздржливост ќе нѐ направи луѓе со високо достоинство. Воздржливост и пожртвуваност. Тоа е воедно и една од целите на постот. Ако се лажеме за една чинија евтина леќа, за едно бедно пакетче, тогаш да знаеме дека, како и Исав, ќе го изгубиме благословот Божји, и ние, и нашите семејства, нашиот град, нашата земја.

Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 57

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *