За една теологија на свештенството

Loading

Отец Филотеј Фарос

(Авторот е атински свештеник, некогашен психијатар и семеен советник, автор на повеќе од 20 книги.)

Најголемиот дел од несреќата која го измачува нашиот црковен живот денес се должи на искривувањето на нашето црковно предание, кое го имаше како последица искривувањето на етосот (морал, карактер) на нашиот народ. Како последица на ова искривување, денешниот етос е израз на едно религиозно предание туѓо и често спротивно на нашето црковно предание.

Една област на нашето црковно предание во која искривувањето одигра одлучувачка улога во денешната несреќа на нашиот црковен живот, е учењето за свештенството на нашата Црква.

Мисионерите кои дејствуваа пред и по Револуцијата во нашата земја, беа вистински протестанти, веруваа дека придонесот на клирикот зависи исклучиво од неговите лични способности. Со други зборови и во оваа тема применија и се разбира продолжуваат да ги применуваат нивните човекоцентрични убедувања, кои во крајна линија се израз на една брутална идололатрија, штом го укинуваат суштински Бога и го заменуваат со човекот.

Врз основа, се разбира, на тие нивни сфаќања, протестантските мисионери, го мереа приносот на клириците со мерката на нивните лични постигнувања, како што е дијалектичната мудрост, или надворешната побожност и многу често и англо-саксонската љубезност, која во нивниот систем на вредности имаше главно место.

Овие сфаќања на протестантите мисионери влијаеја длабоко во етосот на нашиот народ, бидејќи главно ги прифатија со фанатизам нашите интелектуалци. Тие почнаа да се срамат од нашите клирици кои не зборуваа со „Вас“ и со „Вие“, кои јадеа лук, кои не користеа „мадам“ кога им се обраќаа на … госпоѓите и пред сѐ, кои не знаеја да ја користат маската на англосаксонската љубезност за да ја скријат нивната човечка деградација.

Овие сфаќања, кои наметнуваат во човечкото искуство една сосема несомнена идололатрија, така ни го вообличија етосот, така што сега мнозинството од нас да ја изгубиме секоја надеж, бидејќи идолите повеќе не убедуваат, и некои од нас „благочестиви“ да бараме дури некој „добар клирик“ кој „добро служи литургија“, „добар маслосвет“, или кој е „добродетелен“, за да се осигураме дека не е сѐ изгубено и да почувствуваме утеха.

Се разбира, за обработка на таа клима, беше создадено едно цело движење, кое располагаше и уште располага, со исклучителни и горешти пророци, кои, задоволни самите од тоа што се вклучени или се вклучуваат во хоровите на „добрите“, принесуваа и продолжуваат да се принесуваат себеси со смирено самозадоволство, за да бидат обожувани од мноштвото и гo изразуваат нивното незадржливо одвраќање од сите оние недостојни клирици, чие постоење го замрачува блесокот на нивната исклучителност.

Се разбира нашето спасение не се должи ниту на човечките работи, ниту на луѓето. Царството Божјо го создаде Бог и Он му го принесува на човекот. Не го создава и не му го принесува (на Бога) клирикот. Но, клирикот може да го олесни или да го попречи влезот во него, како што правеа книжниците и фарисеите на кои им рече Христос: „Го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат“ (Мат. 23,14).

Исто така факт е дека клириците можат случајно да ја отежнат нашата комуникација со Бог, дека можат да се замешаат помеѓу нас и Него, колку со нивната злоба, толку и со нивната „добродетел“.

Се разбира ако злобата на клирикот може евентуално да ни ја скрие глетката на Бога, неговата „добродетел“ може да нѐ дезориентира толку, така што да го гледаме овој или оној добродетелен човек, наместо Бога и така да се најдеме во една навистина голема духовна опасност.

Вистински добродетелен клирик е тој што не го крие од луѓето Христа со неговата „добродетел“. Вистинската добродетел Го славослови Бога, кому вистински се должи, а не на човекот, кој само станува нејзин носител.

Сепак, она што има одлучувачко значење е да се увериме дека Спасител и Избавител наш е Исус Христос, Кој може да нѐ спаси дури и кога е изгубена секоја надеж од страна на луѓето. Бидејќи „Бог може и од овие камења да му издигне чеда на Авраама“ (Мат. 3,9) и „бидејќи кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот“ (1.Јн. 2,1) којшто „може и за вечно да ги спаси оние, што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив“ (Евр. 7,25).

Ако не ја стекнеме оваа увереност, задолжително ќе ризикуваме да бидеме во голема опасност, затоа и христијанското предание разви една теологија на свештенството, која може да нѐ запази од таа опасност.

Значи, согласно оваа теологија на свештенството, штом наш избавител е Христос и штом клирикот е само носител на благодатта која извира од избавителното дело на Христа, би требало да го почитуваме клирикот со уверување дека го почитуваме Исус Христос, а не човечкото лице на клирикот и дека од Христа преку клирикот добиваме спасение. „Почитувај ги свештениците со усрдност како добри распоредители. Оддајте им ја должната почит кон нивната служба и не ги испитувајте нивните дела. Што се однесува до нивното служење свештеникот е како ангел, што се однесува до неговите дела, тој е еден човек. Со милоста Божја станува еден посредник помеѓу Бога и човекот[1]“.  

Личниот живот на клирикот и Божествената благодат

„Нека го слушнат ова оние кои ги презираат свештениците… Нека научат да не осудуваат, ниту одговорности да бараат од нив, но да се потчинуваат и како што прилега… Од една страна ти не го знаеш животот на свештеникот, и дали е некој порочен и невнимателен, но тој Давид точно знаеше сѐ што беше сторил Саул, и покрај тоа го почитуваше поради власта која му беше дадена од Бога. Бидејќи дури и да знаеш точно, тоа не те оправдува, ниту ти дозволува да ги презираш настојателите, и да не ги слушаш нивните зборови, слушни дека оваа препорака ни ја извлече Христос со она што го вели во Евангелијата: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите. Затоа, сè што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте“ (Мат. 23,2-3). Гледаш дека оние чиј што живот беше толку расипан и според тоа требаше да бидат критикувани пред нивните ученици, поуката не ја презре, ниту учењето нивно го отфрли? Не го велам ова затоа што сакам да ги осудувам свештениците, не дај Боже, бидејќи и вие сте сведоци на сето нивно побожно однесување, туку за да им оддадеме ним бескрајна чест и почит. Со тоа не им правиме полза толку ним, колку самите на себе. „Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда“ (Мат. 10,41). Ако не ни дозволил да го судиме однесувањето еден кон друг, многу повеќе не дозволува да го судиме однесувањето на отците“[2].

„Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души“ (Евр. 13,17). Гледаш колку опасна одговорност има тој а ти не сакаш да го послушаш поради неговото однесување? Бидејќи дури и неговата состојба да биде добра, сѐ додека ти се наоѓаш во лоша состојба, тој има духовна борба, има двојна одговорност. Размисли како е да си одговорен и да се бориш за секој од оние кои се наоѓаат под твое раководство. Која чест ќе сакаш да му ја оддадеш, која служба е рамна на оваа според опасноста? Нема да кажеш ништо достојно. Бидејќи ти нема да го дадеш својот живот за него, но тој го принесува својот живот за тебе: дури и ако не го принесува тука, кога ќе изискуваат околностите, ќе го изгуби таму, но ти не сакаш да го послушаш дури ни на зборови? Ова е причината на сите зла, авторитетот на водачите е потценет, не постои ниту почит, ниту уважување.

Вели „покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни“. Но, сега сѐ е отфрлено и помешано. Не го велам ова во корист на водачите, бидејќи што фајде имаат тие од почитта која им ја оддаваме, освен тоа толку колку што ги слушаме, но за наш интерес. Бидејќи долгорочно нема да имаат полза од честа која ќе им се оддава, но ќе биде поголема нивната осуда; ниту конечно ќе претрпат штета од злоупотребата, но ќе имаат повеќе оправдувања. Но сето ова сака да се случува заради вас. Бидејќи кога водачите имаат почит од народот, а тоа се смета против нив, како што му велеше Бог на Илија: Нели те земав од татковиот ти дом (1.Цар. 2,27), кога беа злоупотребувани, како случајот со Самуил, кога Бог му рече: Не те отфрлија тебе, туку Мене (1.Цар. 8,7) така што навредата за нив е придобивка, а честа – тежина. Па така, не го велам тоа заради нив, туку заради вас. Оној кој го почитува свештеникот ќе го испочитува и Бога, оној, пак, што се научил да го презира свештеникот, со текот на времето, ќе го напаѓа и Бога. Вели: Оној кој вас ве прима, Мене Ме прима (Мат. 10,40) и „почитувај ги моите свештеници“.

Јудејците научија да Го презираат Бога, затоа што го презреа Мојсеја, когошто сакаа да го каменуваат. Затоа што кога некој има побожен однос кон свештеникот, ќе има многу повеќе такво расположение кон Бога. Дури и ако свештеникот е порочен, Бог, гледајќи дека од почит кон Него го почитува и оној кој не е достоен за почит, ќе те награди. Бидејќи оној кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда (Мат. 10,41), тогаш оној кој го почитува и му се покорува на свештеникот и го слуша, ќе добие награда. Бидејќи во случајот со гостољубието, кога не го знаеш посетителот, земаш толку голема награда, многу поголема ќе земеш ако го послушаш оној што треба да го послушаш. Вели: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите. Затоа, сè што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат“ (Мат. 23,2-3). Не знаеш што е свештеникот? Тој е ангел Божји. Можеби негово е она што се вели: Ако го презираш, не го презираш него, туку Бога кој го ракоположил. Но, велиш, од каде се гледа дека Бог го ракоположил? Но, и ако немаш такво убедување, тогаш твојата надеж е без содржина. Бидејќи ако Бог не прави ништо преку него, тогаш ни крштение имаш, ни учество во таинствата, ниту примаш благослови: па не си ни христијанин. Тогаш, значи, велиш, дека сите ги ракополага Бог, па и недостојните! Бог не ги ракополага сите, но дејствува преку сите, дури и ако тие се недостојни, за да се спаси народот. Бидејќи ако разговарал преку едно магаре и со Валаам, еден валкан човек, заради народот, многу повеќе преку свештеникот. Бидејќи, навистина, што не прави Бог за нашето спасение? Преку кого не дејствува? Ако дејствуваше преку Јуда и преку оние кои пророкуваа на кои им рече: „Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела“ (Мат. 7,23) и други „кои изгонуваа демони“, многу повеќе ќе дејствува преку свештениците. Бидејќи ако требаше ние да го испитуваме животот на нашите водачи, ќе бевме ние ракополагачи на нашите учители и сѐ ќе се поремети и нозете ќе беа горе, а главата долу. Слушни го Павле што вели: „За мене сосема малку значи што мислите вие за мене, или што мислат другите луѓе“ (1.Кор. 4,3) и пак: „А ти, зошто го осудуваш братот свој!“ (Рим. 14,10). Ако не треба да го осудуваш својот брат, многу повеќе тоа важи за твојот учител. Бидејќи штом тоа го заповедал Бог, добро е ако го правиш, а грев е ако не го правиш, но ако се случува спротивното, не се дрзнувај да го правиш, ниту да се обидуваш да ги погазуваш границите. Се побунија Кореј, Датан и Авирон против Аарон, кога го направи златното теле, и што? Не беа погубени? Секој нека си остане во својата област. Зашто ако неговото учење е искривено, дури и да е ангел, не му верувај; но ако учењето му е правилно, не гледај на неговиот живот, туку на неговите зборови. Го имаш Павле кој ти го покажува исправното и со зборови и со дела. Но, велиш, не им дава на сиромасите и не управува добро. Од каде го знаеш тоа? Пред да дознаеш не осудувај, бој се од одговорноста. Многу осудувања се случуваат врз основа на сомнежи. Подражавај Го Владиката (Христос), слушни како вели: „Затоа ќе слезам за да узнаам и да видам дали така се прави, како што повикот доаѓа до Мене, или не“ (1.Мојс. 18,21). Но, дури и ако си дознал и имаш испитано и имаш видено, почекај го судијата; не грабај го тоа право на Христос. Он има право да испитува, а не ти; ти си последен слуга, не си господар; ти си овца; немој да бидеш љубопитен за пастирот, за да не станеш виновен за она што го осудуваш. Како ќе ме поучува мене за нешто што и самиот не го запазува – ќе речеш. Не ти го вели тој; ако го послушаш, нема ли да имаш награда? Христос ти ги дава тие забелешки. И што велам? Ниту Павле не треба да го слушаш ако зборува нешто од себе, нешто човечко, туку апостолот кој го има Христа во себе да зборува. Да не се судиме еден со друг, туку секој самиот себеси, испитај го својот живот. Но тој треба да биде подобар од мене, велиш. Зошто? Затоа што е свештеник. И нема ли повеќе од тебе? Нема ли повеќе труд, опасности, борби, измачувања? Значи, ако ги има сите овие работи, како не е подобар од тебе? Но, ако не е подобар од тебе, ти ќе се уништуваш ли себеси? Тоа се зборови на безумство. Зашто, од каде заклучи ти дека тој не е подобар од тебе? Штом краде, вели, и од светите места. Од каде знаеш, човеку? Зошто се туркаш себеси во провалија? Ако ти каже некој дека тој и тој има порфира[3], дури и да знаеш дека е тоа вистина и можеш да го осудиш, затни ги ушите, избегни да осудиш и прави се дека не знаеш, бидејќи не сакаш да влезеш во непотребна опасност; овие зборови се неодговорни; слушни го Христа кој вели: „За секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден“ (Мат. 12,36). Се сметаш себеси подобар од другите и не лелекаш, не се удираш во гради, не ја наведнуваш главата, не го подражаваш цариникот? Тогаш се уништуваш себеси, дури и ако си подобар. Подобар си? Не осудувај за да останеш подобар; ако проговориш, губиш сѐ. Ако го помислиш тоа – не; ако не го ни помислиш, си заработил многу. Бидејќи ако оној кој беше грешник, бидејќи го исповедаше тоа, си замина дома оправдан, што нема да заработи оној кој е помалку грешен и го прифаќа тоа? Испитај го твојот живот. Не крадеш? Но грабаш, вршиш притисок, и уште илјада такви работи вршиш. Не само што не го велам ова за да го оправдам крадењето, Бог да чува, и многу тагувам ако некој навистина е виновен за тоа; но не верувам. Невозможно е да се каже колку големо зло е светотатството (крадењето од свети места и на свети предмети); но вас сакам да ве заштитам. Бидејќи не сакам да пропадне вашата добродетел со осудувањата на другите. Кој беше полош од митникот, кажи ми? Вистина е дека беше виновен за милиони зла бидејќи беше митник (цариник). А фарисејот само со она што го рече: „бидејќи не сум јас како овој митник“, изгуби сѐ. Ти кој велиш за свештеникот „не сум како овој крадец на свети работи“, нема ли да изгубиш сѐ? Имам потреба да го кажам сето ова и да се занимавам со оваа тема, не затоа што ми е гајле толку за нив, но бидејќи се плашам за вас, да не ја изгубите вашата добродетел со ова фалење и осудување. Зашто, слушни што советува и што вели Павле: „Секој нека си ги испита делата свои, и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред друг“ (Гал. 6,4).

Кажи ми, ако одиш во болница бидејќи имаш рана, нема ли да го оставиш лекарот да стави лек и да ја излечи твојата рана, или ќе се интересираш дали има и тој некоја рана? Па и да има, тоа не те интересира, бидејќи и да нема не значи дека нема да ја лекуваш твојата, и да велиш дека тој, штом е лекар мора да биде здрав; па бидејќи не е здрав, ќе ја оставам и јас мојата рана неизлечена? Зошто за верникот е оправдување тоа што свештеникот е лош? Воопшто, но ќе поднесе одредена казна; и ти исто така ќе поднесеш полезна и потребна казна, бидејќи сега учителот пополнува само едно место. Зашто е речено: И ќе бидат сите од Бога научени (Јован 6,45; Иса. 54,13) и нема да речат „познај го Господа, зашто сите, од мал до голем меѓу нив, ќе Ме знаат“ (Евр. 8,11). Зошто тогаш е водач – ќе речеш. Зошто е над нас? Ве молам да не ги злословиме учителите и да не бидеме строги кон нив за да не си наштетиме на себеси. Да се испитаме себеси и да не кажуваме лошо за никого. Да го почитуваме денот во кој нѐ просветлил. Ако некој има татко, дури и да има илјада лоши работи, сето тоа го покрива. Бидејќи вели: „Не барај ја својата слава во срамот на својот татко, зашто срамот на твојот татко не може да биде чест за тебе“ (Мудр. Сирах. 3,10). „Ако неговиот ум ослабнал, биди снисходлив кон него“ (Мудр. Сирах. 3,13). Ако ова не треба да се зборува за телесните татковци, многу повеќе важи за духовните отци. Почитувај го оној кој ти служи; секојдневно се грижи за читање на Писмата. За тебе го уредува храмот, за тебе бдее, за тебе се моли, за тебе стои и го моли Бога, за тебе прави молења, за тебе е целото негово богослужение. Почитувај ги сите овие нешта, размисли за сето ова и пристапи му со голема побожност. Кажи ми, дали е порочен? И што од тоа? Можеби оној кој не е порочен ти принесува поголеми дарови? Воопшто, сѐ се случува според твојата вера. Ниту праведникот ќе ти користи, ако ти не веруваш, ниту порочниот ќе ти наштети ако си верник. Бог дејствуваше преку воловите со кивотот кога сакаше да го спаси народот. Можеби животот на свештеникот, можеби неговата добродетел ти принесува толку многу? Она што го дарува Бог не е такво та да може да биде последица од добродетелта на свештеникот; сето тоа е од благодатта; негова обврска е само да ја отвори устата, додека сето друго го прави Бог; тој (свештеникот) е само еден символ. Размисли колкво растојание постои помеѓу Исуса и Јован; слушни го Јован како вели: „Јас треба од тебе да бидам крстен“ (Мат. 3,14), и „јас не сум достоен да му ги одврзам ремењата од обувките Негови“ (Јован 1,27). Иако имаше толку големо растојание, Духот слезе, когошто Јован не го имаше. „Од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат“ (Јован 1,16). Но, не слезе пред крштевањето; ниту тоа го направи Јован да слезе Духот. Значи, зошто се случи тоа? За да научиш дека свештеникот е еден символ. Ниту еден човек не се разликува толку од друг човек, колку Јован од Исуса, но преку него слезе Духот за да научиш дека во сѐ дејствува Бог, дека Бог прави сѐ.

Ќе кажам нешто чудно, но да не се изненадите, да не кревате врева. Што е тоа? Приносот е ист, било да го принесува еден обичен човек, или Павле, или Петар; истиот е оној кој Христос им го даде на своите ученици и истиот ни го принесуваат сега свештениците. Тој принос воопшто не е помал од оној тогаш, бидејќи и овој не го осветуваат луѓе, туку Оној кој го освети и оној принос. Зашто, како што и овие зборови што ги кажа Бог се исти со оние кои ги изговара свештеникот сега, така и приносот е ист, и крштението што ни го даде. Така сѐ е преку верата. Веднаш слезе Духот врз Корнилиј бидејќи претходно го имаше послушано неговиот совет и ја принесе верата. И тоа е значи тело; оној, пак, кој мисли дека тоа е помало од она, не знае дека и сега Христос се наоѓа тука и дејствува“[4].

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев


[1] Ефрем Сириски, За покајанието том 13.

[2] Јован Златоуст, Слово за света Ана, второ, Migne 54,648-9).

[3] Поданикот од царството кој има во заточение порфира, која е царска облека, се смета виновен за крајно предавство.

[4] Јован Златоуст, Беседа 2 на Тимотеј, Migne 62, 609-612.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *