Архимандрит Захарија Захару од Есекс
Прашање: Што треба да имаме на ум и што треба да правиме во тековната политичка состојба?
Отец Захарија: Не знаеме сѐ за конфликтите од овој свет, ниту, пак, е неопходно да знаеме сѐ. Едноставно се молиме со сострадално срце за мир во светот и за сите.

Не заземаме страна, бидејќи секоја страна ќе биде одговорна за престапи, и не сакаме да имаме учество во тие престапи и да бидеме осудени. Ако се молиме за оние кои повеќе се виновни, отколку исправни, ја исполнуваме заповедта да ги љубиме дури и непријателите. И ако се молиме за оние кои повеќе имаат право, отколку неправда, пак добро правиме.
Според тоа, не можеме да згрешиме ако се молиме Бог да ги спаси сите и да му дарува мир на светот. Особено за нас, свештениците и монасите, многу значајно е да не бидеме политичари, бидејќи Му принесуваме жртва на Бога, Божествената Литургија, за сиот свет – и доколку сме за едните, а против другите, нашата жртва станува безвредна. Мислам дека кога има војна, не е најдобро да си критичен, туку да имаш сострадание и да се молиш, така што Господ да нѐ избави од маките. Ако мојата Литургија треба да има некоја вредност, никој не би требало да отсуствува од моето срце, и кога стојам пред жртвеникот Божји Му велам:
„Твоите Ти ги принесуваме Тебе, за сите и за сѐ“.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев