Не плашете се, победата на верата Христова е посилна и од темелите на вселената!
Свети Владика Николај
До Братството „Свети Јован“
Нешто малку сте уплашени. Го читавте Откровението од св. Јован, па ве опфати страв. Веројатно според вас, тие најголеми стравови опишани таму се однесуваат на нашето време. Некој ви протолкувал дека оние страшни змејови и ѕверови веќе се дојдени во светот: црвениот змеј во вид на социјализмот, црниот десеторог ѕвер во вид на масонството, двоглавиот ѕвер во вид на ересите. И сите такви чудовишта во борба против христијанството!

Токму така и да е, браќа мои. Токму и во наше време пеколот да ги подигнал сите свои војски против Христос, вистинските христијани треба без бојазност да гледаат напред со силна вера и доверба во Единствениот и Непобедливиот. Нели Господ им рекол на Своите следбеници, тогаш кога биле една рака во средината на огромното римско царство: Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот отец е вам да ви го даде Царството (Лк. 12,32). Тие пророчки зборови се остварени. Следбениците Христови го надвладеале Римското цраство, и многу царства на земјата, стекнувајќи го со тоа најважното Царство – Небесното.
Апокалипсата е книга, која мислам, има пророчко значење за целото христијанско поколение до крајот на времето. Затоа секое поколение ја применувало смислата на таа книга во своето време. Бидејќи во секое време против верата Христова се кревала по некоја аждаја. Со оклоп и со оружје на сѐ што е земско и безбожничко, секоја аждаја се кревала, се наметнувала, труела со отров, но на крај секоја се распрснувала и се растурала како пепел. На крај семоќниот Христос останувал победник над секое појавено апокалиптично чудовиште.
Така се случувало низ вековите, па така ќе биде и во последниот век, пред Судот Божји. Читајте внимателно, што зборува апокалиптичниот пророк: како сите ѕверови, сите аждаи и сите началници на лагата ќе се дигнат против Јагнето Божјо, и како Јагнето Божјо сите ќе ги победи. Тие ќе се борат против Јагнето и Јагнето ќе ги победи. Бидејќи тоа Јагне е Господар над господарите и Цар над царевите.
Што сакате повеќе од тоа сведоштво за победата Христова? Христос тука е претставен како Јагне. Во земната војна за територија и држава никогаш однапред не се знае кој ќе победи, но, сепак, многу војници на двете страни се борат храбро и со надеж. А ние водиме духовна војна, која од Самиот Бог ни е загарантирана победата, и пророкувана, и претскажана и потврдена од многумина, со многу досегашни победи на непобедливиот Христос над сите лажни апостоли и организации на темнината.
Дали е ова последно? Кој може тоа да го знае? Бидејќи Он рекол: А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец. Дали ова е последна војна за Христос и против Христос? И последна да е! Ако е последна, токму затоа да се радуваме и да се веселиме! Иако во последната војна битката ќе биде најжестока, но и венците на славата ќе бидат најсветли. Последната битка ќе значи и последна и највеличествена победа на Јагнето. Кој од христијаните од срце не би посакал, да биде учесник во таа победа над победите?
Не плашете се, победата на верата Христова е потврда и загарантирана од темелите на вселената. Он по Своја волја ја одложува последната победа, можеби за да, што поголем број очи на намножени луѓе можат да ја видат, од небото и земјата, и што повеќе срца да се веселат и радуваат на таа победа.
Извор: „Мисионерски писма“, 115. Писмо
Превод: Протоереј Игор Пармачки
Православна светлина бр. 58