Заблуди околу личните документи

Loading

(Извадоци од писма, испратени до разни личности од страна на отец Јован Крестјанкин)

Драга во Господа Л.!

Јас, навистина, Ви велам, дека треба да се придржуваме до благословот на Црковното свештеноначалие, бидејќи во Црквата има соборен ум. Но, ако некој има можност да не зема картичка, нека не зема.

Но не знам, чие срце ќе биде спокојни, доколку само тој еден од семејството ќе биде „праведник“ без (платежна) картичка и истовремено ќе јаде леб, добиен преку таа картичка од блискиот човек кој гине.

Уверен сум дека Господ нема да ги искушува оние кои Го љубат и Му се верни повеќе од нивните сили.

А печатот ќе може да му го стават само на оној кој непокајано живеел во грев и кој со својот живот се откажал од Господ. Пред печатот на антихристот умот ќе биде запечатен од гревот.

*

Драг во Господа В.!

Како одговор на Вашето писмо Ве прашувам: „Со што, документот што сте го добиле, е полош или подобар од пасошот, кој сите досега го имаме?“ И механичко, неосновано одрекување не може да има, само нашиот личен однос кон Бог може да нѐ спаси и да нѐ погуби. А вас за вашата вероисповед никој не ве прашал.

Бог да Ве умудри.

*

Драг во Господ В.!

Уште од апостолските времиња се зборувало дека веќе се појавиле многу антихристи. Но, животот си врви. Христијанството наполни веќе 2000 години.

И луѓето се спасуваат, и ќе се спасуваат до последните денови на светот. И луѓето живеат, се трудат, некои по законот Божји, а некои по стихиите на овој свет. И не треба да се седи на прозорот, во исчекување нешто да се случи. Ќе бидеш осуден заедно со неверниците поради мрзливоста и затоа што не си стигнал да го умножиш од Бога доверениот дар. А за новите документи јас тебе веќе ти пишував и нема пак да повторувам. На Господ му е потребно нашето срце, кое Го љуби.

Бунилото, заблудата и безредието ги сее истиот тој ѓавол, и поради тоа многумина ќе заминат од Црквата. Ете и вие го направивте првиот чекор кон тоа. А тоа е чекор кон погибелта.

*

Слугинко Божја Т.!

Она поради што се подготвувате да побегнете, секаде ќе Ве најде. И во пустелија, и во главниот град: новиот систем на евиденција стапува на сила. Не треба да бегаме од компјутерите (тоа е техника), туку од своите лични гревови. Но, ете, ние си ги негуваме, си ги гоиме до безобразлук и живееме насладувајќи се од гревовите.

И Светото Писмо ги предупредува луѓето, дека ќе настапат тешки времиња, дека луѓето ќе бидат горди, надмени, среброљубиви, повеќе отколку богољубиви. А за опасноста од технологијата таму ништо не е кажано. Но тоа, дека ќе побегнат од запад на исток, и од исток на запад, исто така е навестено, и сето тоа ќе се изврши под раководство на ѓаволот. А Бог е насекаде: и во Луга, и во Костром, и на своите чеда секаде ќе им помогне.

Бог да Ве умудри!

*

Драг отец Н.!

Да, настапува време најзбунувачко, ѓаволот ја расколебува и се труди да ја сруши Црквата. Во клирот влегоа многу сосема нецрковни луѓе, па дури и неверници, и тие си го вршат своето дело. Но, со нас е Бог и ние треба да го вршиме делото Божјо.

Простете ми великодушно. Ви го испраќам своето видување на современите проблеми: над секоја Вавилонска кула има Божја сила и власт, а денешното компјутерско страшило – ѕверот, навистина, уште не е толку страшно, така што бавно Господ ќе ја уништи таа безнадежна „архива“. А ќе дојде време, ќе ги растури Господ сите тие стравови, кои ги зел за свое оружје непријателот на човечкиот род.

Ние треба да стоиме во верата и да не се плашиме од ништо, освен од гревот.

Ги просам Вашите молитви.

*

Драг во Господa С.!

Христос Воскресна!

Во однос на новите документи, кои минат низ компјутер, сѐ е кажано од страна на Патријархот и нашиот Синод.

Сега овие документи во таа форма и со такво поднесување за нас не претставуваат опасност. Но, несомнено дека тоа е една од етапите за подготовка кон идниот страв.

С., запомни и разјасни си ја волјата Божја: „Сине, дај ми го твоето срце“ – ни пасош, ни пензиско, ни платежна картичка, туку срцето. Ете на што треба да пазиме постојано и грижливо – кому му служиме во животот и како живееме.

Љубовта, радоста, мирот, милосрдието – во било какви државни уредувања нема да бидат посрамени од Бога. А ако човек го заборави Бога и живее неправеден живот; молитвата и Црквата од животот дури и на свештениците ги изгони телевизорот и разните безобразни глетки, тогаш, верувај ми С., дека печатот веќе стои кај многумина, дури и оние кои имаат стари документи. Ете преку тој безобразлук со што се наполнува современиот човек, при што, самиот, доброволно, со љубов и копнеж, веќе не може да влезе и да излезе ништо божествено од него. Нашето противење на идниот страв е едно и единствено – нашата вера во Бога, нашиот живот по верата. А сите тие заблуди, бунила и безредија за тоа колку силно влегуваат во животот, и затоа влегуваат, бидејќи нема жива вера, нема доверба во Бога. И сето тоа ѓаволско го истиснува спокојот на духот и добрата надеж. Живеј спокојно, моли се на Бога и имај доверба во Него.

Не знае ли Господ, како да ги сочува Своите чеда од лоша година, само нашите срца да Му бидат верни. Да бараме прошка, затоа што ни дале некаков број – тоа нема да го правиме, а ако тоа се случи без наша волја, тогаш нема да се противиме. Па во свое време добивме пасош и сите беа во системот на државата, така е и сега. Ништо не е сменето. Царевото на царот, Божјото на Бога.

Ете погледни – компјутер, кој го направија плашило на нашето време. Тоа е обична железарија, и без човекот тој е ништо. А еден човек со помош на тоа железо го наполнил светот со богослужбени книги, а друг, пак, со безобразни. Кој и како ќе одговара пред Бога? И ќе му суди Бог според човечката волја. Ете за што се работи.

Во врска со војната, мене ништо не ми е познато, освен тоа, како секој човек живее секојдневно.

Треба да се молиме, тоа е училиште за молитва. Тоа теоретски нема да ти го објаснувам. Суровиот живот најмногу нѐ учи на молитва. Во затвор имав вистинска молитва, и тоа бидејќи секој ден бев пред смрт. Невозможно е да добијам пак таква молитва во вакви спокојни денови. Иако опитот на молитва и жива вера, стекнати таму, ми останаа за цел живот. Работата не е во количината, туку во живото обраќање кон живиот Бог.

Верата е во тоа, што Господ е кон тебе поблиску, отколку било кој од твоите најблиски, дека Он го слуша не шепотењето од твоите усни, туку го слуша молитвеното биење на твоето срце и со што е тоа наполнето во моментот на твоето обраќање кон Бога. А ти си семеен човек и за секој член од твоето семејство одговараш пред Бога, значи, за сите треба да те боли срцето. Бог да те умудри!

И почни со исполнување на советот од преп. Серафим Саровски: „С., радост моја, стекни смирен дух, и не само твоето семејство, туку илјадници ќе се спасат околу тебе“. Ете, тоа е сѐ. Погледни како нѐ учи животот. Сакаш да бидеш задоволен и среќен – живеј во Бога, а ако не сакаш – нема да имаш ни среќа.

Навистина Воскресна Христос!

*

Драг о. С.!

Во кампањата, која Вие ја предлагате, јас нема да учествувам. Самиот дух на такви активности, каде што има многу егоизам, врева и надеж не на Бога, туку на човек, а и критизерскиот однос кон Свештената власт на Црквата, што е клучно во вашите барања, ми го забранува тоа. Истото веќе го видов во дејностите и духот на обновленците, кои се кренаа против најтивкиот патријарх Тихон, а фактички против Самиот Господ и Неговата Црква. Писмото, кое толку не Ви се допадна, не е фалсификат, туку е напишано од мене до конкретно лице, и по волјата Божја доби многу широк одзив независно од мене, што значи, дека така треба да биде.

Простете великодушно, но методите кои Вие ги предлагате не се по мојот дух.

*

Драг о. А.!

За крајот на светот не можам да кажам ништо подобро од она што го кажа митрополитот Венјамин Федченков. Само ќе дадам од мене една забелешка, дека многумина се возбудуваат од оваа тема, но од оние, кои за неа зборуваат и хистерично размислуваат, малкумина се оние кои почнале да живеат според тие зборови, и малкумина се оние кои мислат за спасението на својата душа. А тие зборови токму кон тоа и повикуваат и обврзуваат (веќе е близу, пред вратата). Ако утре треба да застанам на судот Божји и ако утре треба да дадам одговор на прашањето, како сум живеел, со што живеев, и дали живеев со Духот Божји? – Тогаш какви грижи за собирање богатство, за градење? А сега во основа за тоа сите размислуваат, а по Духот Божји живеат само единки, дури и во Црквата, дури и од оние, кои служат пред престолот, дури и од монасите.

Загледајте се во себе – дали стравот Божји раководи со нашите мисли, постапки?

Дали во основата на нашето битие лежи љубовта кон Бога и кон луѓето?

Ете, драг о. А., оној печат, кој секојдневно ни го става нашиот начин на живеење, кој си го ставаме самите во својата душа, срце и ум, го приближува или оддалечува времето на доаѓањето на антихристот. А неговиот печат само сведочи за она, што самите веќе сме си го поставиле. Без нас самите, не може ни да бидеме спасени, ни да бидеме погубени.

Телевизорот и видеото навлегоа веќе и во манастирските ѕидини, а кој и како ќе го уништи тој печат, штом самите доброволно сме го поставиле, со копнеж и љубов. Нема да нѐ погуби антихристот. До неговото доаѓање ние веќе ќе се определиме во својата духовна ориентација и ќе направиме избор.

Поитајте со Бога низ манастирите и кај старците, доколку е тоа за полза на душата, која бара спасение.

Но за полза ли е?! И за спасение ли станува збор при поглед низ калеидоскопот на животот? Ова прашање самите разрешете го. За полза ли?

Прозбата за молитвата ќе ја исполнам.

Драг, отче, погледнете си го својот живот:

заради ќелијата, заради школувањето, заради лажна помош на луѓето…

(а од еден монах кој нема имот не се ни бара материјална помош, а и духовна не можеме да дадеме, бидејќи и самите сме бедни по дух). Да не го изгубиме она, поради што облековме на себе параман и мантија. Прости ми за ова таговно писмо.

Немој да го изгубиш главното и не ги заборавај заветите, кои си му ги дал на Бога.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 59

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *