ЖИВОТOT Е КРАТОК: ДА БИДЕМЕ РЕВНОСНИ

Spread the love

Loading

Монах Пимен (Влад)

Што значи за нас спасението? Која е нашата цел овде, на земјата? Ние велиме дека нашата цел е спасението, а светите отци пишуваат дека целта е светоста – зашто кон неа сме повикани, кон светоста (1.Сол. 4.2,7). Напишано е уште и тоа дека треба да станеме чеда Божји (Рим. 8). Спасителот, со Своето воплотување, ја примил нашата човечка природа и со тоа нè направи чеда Божји, давајќи ни одреден рок да поживееме овде, на оваа земја. Некој може да замине оттука уште како бебе, друг на 10, 50 или 100 години – но никој не останува овде засекогаш.

Нашата цел е да станеме ангели

Господ ни го дал овој временски рок на земјата за да се подготвиме за вечноста, којашто никогаш не завршува. Бог ни допуштил да поживееме овде за да ги замениме ангелите што паднале од небесата. Тоа значи дека сме повикани да станеме ангели, и кога Он ќе ги пополни сите слободни места, ќе настапи крајот. А ние, секако, го имаме Откровението, кое ги опишува знаците на тие времиња кога тоа ќе се случи: кога човечкиот пад ќе ја достигне дозволената граница.

Ние гледаме дека кога Спасителот слезе на земјата, тогаш исто така владеел гревот и било неопходно Он да дојде и да нè искупи, за да ја примиме благодатта и да продолжиме да живееме. Какви патишта ни даде Бог за достигнување на вечноста? Еве, ние се наоѓаме во прегратките на Православната Црква, и Спасителот, востановувајќи ја оваа Црква, како што е напишано во Светата Литургија на Велики Четврток, ни ги даруваше Светите Таинства на Црквата, за кои зборуваат и светите отци.

Исповедта ни овозможува да го исфрлиме товарот од своите плеќи

Ние го имаме Светото Крштение – без него не можеме да се спасиме. А потоа ја имаме Исповедта, зашто Бог знае дека грешиме; нема човек на оваа земја, без разлика колку и да е велик, кој би можел да каже дека во определен ден не згрешил ништо. Дури и ако не направил нешто со дела, со мисли секогаш паѓа: зашто и самата помисла со која го осудуваш својот ближен веќе е мало паѓање. Затоа ние имаме потреба да се исповедаме во определено време, а ако духовникот ни разреши – и да се причестиме. А ако не се исповедаме, тоа е исто како да не се миеме: можеме цел ден да се обливаме со парфеми, но штом малку се мрднеме, од нас ќе се рашири смрдеа. Така е и без исповедта.

Исповедта ни помага да го спуштиме од плеќите бремето што сме го насобрале. Гледаш дека секој ден собираш гревови, и на грбот ти се зголемува вреќата – полниш и полниш, а таа станува сѐ потешка и потешка, и на крај целосно те притиска. Тогаш почнуваш да ја гледаш само земјата, небото веќе не го гледаш, зашто тежината на гревовното бреме те притиснала кон земјата. А потоа, кога некој ќе те праша: „Како изгледа небото?“, ти ќе одговориш: „Какво небо? Зар не гледаш дека околу нас има само земја?“

Ние се прилепуваме кон оваа земја, се караме за нејзино парче или за нешто што нè врзува за земните нешта, и доаѓаме дотаму што ги гледаме само нив, заборавајќи да погледнеме нагоре и да се зарадуваме на величествената убавина и слободата на небото. Ние стануваме заробеници.

Ајде да се исповедаме поискрено

Кога се исповедаме искрено, кога ја земаме вината врз себе, тогаш нема да речеме: „Да, јас го направив тоа, ама виновна е жената, соседот, или некој друг. Сите се виновни, само јас не сум!“, туку треба да отидеме и да ја земеме одговорноста на себеси: „Отец, јас згрешив, јас го направив тоа! И не е важно кој влијаел врз мене или што направил – тоа е нивно дело; јас бев слаб и згрешив!“

Духовникот ја чита над нас разрешителната молитва, и оттаму излегуваме како на крилја. Погледнете го човекот после искрена исповед: кога излегуваш од таму, сè околу тебе свети, станува убаво, ти леташ и чувствуваш дека таа  тежина повеќе ја нема! Вреќата исчезнала, и многу полесно може да чекориме низ животот. Затоа исповедта има главна улога во нашиот живот.

Да Го гледаме Бога во својот брат

Потоа малку по малку треба да почнеме да правиме добри дела: да дадеме милостина, да помогнеме на некого, да правиме добро со сè што можеме. Народната поговорка вели: „Она што не го сакаш за себе, не го прави на другиот“.

Ти си човек што оди по пат, ти среќаваш други луѓе, имаш пријатели: „Да, ќе се сретнам со овој, ќе се сретнам со оној. Сакам и тој мене да ме поздрави, да ми се насмевне, да зборува со мене пријателски, а не да ме колне, и да ме краде!“ Да, јас го сакам тоа – но дали и јас така постапувам со другите? Зашто секој, пак, истото го очекува.

И така, јас одам по пат, но и другиот чека од мене внимание – поздрав, насмевка, добар збор, а не презир: „Господи, па тој не е на мое ниво – нема скапа облека, не излезе од некоја луксузна кола“. Затоа да го почитуваме, да го гледаме Бога во нашиот брат. Во секој човек има искра Божја, и ако постапуваме така, Бог малку по малку ќе дарува и другите да нè почитуваат нас, како што ние нив ги почитуваме. Зашто е речено: „Со каква мерка мериш, со таква ќе ти се мери“.

Ако си направил зло, кога-тогаш ќе ти се врати. Можеби не веднаш, туку по години, кога веќе си заборавил, и тогаш ќе видиш дека тоа ќе ти се врати. Ако си украл нешто и мислиш дека никој не видел, по неколку години некој ќе украде од тебе десет или сто пати повеќе. Ќе негодуваш, заборавајќи дека и ти некогаш си украл некоја ситница. Така е и со доброто: направи го, и можеби ќе го заборавиш, а по повеќе години ќе видиш дека доброто ти се вратило стократно.

Да не посегнуваме по туѓо, макар и по ситница

Се сеќавам на еден случај. Бев дете (околу десет години), живеев дома со родителите, а една од сестрите на мајка ми беше, да речеме, малку побогата. Нејзиниот маж работеше на една фарма и одеше таму со велосипед, иако фармата беше прилично блиску. Еден ден тој возел и видел жена на која ѝ паднало нешто од џебот – како бела хартија. Се приближил и видел дека тоа се 10 леи. И тогаш започнала борба во неговите мисли: „Да ѝ ги вратам, или да не ѝ ги вратам?“ Тие живееја добро, дома имаа сè, а жената беше многу сиромашна, пешачеше од село до село по два километри. Можеби тие пари ѝ биле последни. Но на крај тој си рекол: „А зарем и мене не ми се потребни?“ – и ги ставил во џеб.

И ете, наскоро, кон крајот на таа недела, тој требало да оди на свадба кај некој, и со жена му отишле во град да купи костум. Тие имаа автомобил – во тоа време во нашето село имаше само три „Дачии“, само побогатите можеа тоа да си го дозволат. И си купил многу убав костум за 500 леи. Но, кога се вратиле дома и посакал да го облече – костумот го немало! Го барале во колата, пребарале насекаде, но костумот како да исчезнал.

И тетка ми раскажуваше дека првата мисла што ѝ дошла во моментот кога откриле дека го нема костумот, била за оние 10 леи што мажот ѝ ги зел три дена претходно. И така, на крај – тетин ми изгуби 500 леи и Бог му покажа што значи да посегнеш по туѓа ситница.

Да се подготвуваме за вечноста, секоја недела присуствувајќи на Светата Литургија

Не е твое – не го земај! А ако и најдеш пари, а не знаеш чии се, наместо да ги потрошиш на себе, подобро купи со нив две векни леб и подари ги на некој сиромав. Употреби ги за нешто добро, и Бог ќе ти врати за тоа. Никогаш не мисли: „Па нека останат за мене!“

Секогаш да внимаваме како постапуваме во животот, зашто животот е краток, а ние ќе застанеме пред Бога и ќе дадеме одговор за сè што сме направиле. И Он ќе ни рече: „Види, човеку, Јас ти дадов 50 години на оваа земја – што направи со нив?“ А ако ние кажеме дека сме немале време, Он ќе одговори: „Јас ти дадов 50 години! Како тоа немаше време? Дали барем еден ден во неделата Ми го посвети? Дали дојде да разговараш со Мене?“

Во недела, кога одиме во црква, на Светата Литургија, ние разговараме со Бога.

Тогаш излегува дека знаеме дека ќе заминеме во вечноста, но немаме време да се подготвиме за неа? Ете, вие дојдовте овде, на Света Гора, и мислам дека секој од дома понел барем два комплета облека: „Одиме на 2–3 дена, на една недела, ќе ми треба нешто за пресоблекување“. За ова два-тридневно патување, зедовте куфер или ранец со повеќе облека. А ако некој оди да живее подолго време некаде – 10, 20 години – тогаш со себе ги носи сите свои работи од дома.

Во вечноста ќе го најдеме она што таму сме го испратиле

А кога се преселуваш во вечноста – тоа е сосема друго, таму ништо не можеш да понесеш со себе. Тоа е како да седнеш во авион, а на аеродромот да ти кажат дека немаш право да понесеш багаж. Што тогаш? Мора да го испратиш однапред. Во вечноста ќе го најдеме само она што сме го испратиле таму. И знаете што ќе најдеме таму? Не она што сме го собирале овде на земјата за себе и своето семејство – сето тоа останува тука. Да ги растеме децата, да работиме – тоа е нашата должност, но од тоа добро ништо не оди на небото. Она што има тежина за вечноста е: дали си подал милостина, дали си помогнал на некоја сиромашна фамилија, дали си рекол добро слово на некого, дали си поддржал некого во мака, дали си се помолил за некого, дали си дал нешто од своето изобилство на семејство со 10 деца? Сето тоа ќе го најдеш на оној свет.

Кога ќе заминеш од овој свет, тоа ќе биде багажот за кој Бог ќе ти рече: „Да, гледам, доволно си испратил за себе. Дојди, имаш со што да живееш, отсега твоето место е овде“. А можеби Он ќе ти рече: „Но ти не испрати ништо овде. Ти си запишан на друго место – оди таму, кај оној кому му служеше“.

Да не служиме, значи, на двајца господари – и на Бога, и на мамона – зашто среден пат нема. И Бог ќе ти рече: „Ти служеше на другиот, а тука ништо не испрати“.

Затоа да се трудиме, зашто животот е краток и наскоро сите ќе заминеме при Господа. А што ни дава гаранција дека ќе го дочекаме утрешниот ден? Сè е во Божјата десница. Затоа никогаш да не си дозволиме да легнеме да спиеме навечер, ако сме во караница со некого – особено со домашните. Без разлика што се случило, прегрни ги, кажи им дека ги сакаш и продолжи понатаму – зашто можно е токму таа ноќ некој од домашните да замине.

Сè се враќа кај нас

Се сеќавам, еднаш бев во село и ми раскажаа за една сирота жена што плачела поради тоа што умрел таткото ѝ. Таа не разговарала со него последните 5–10 години, зашто ѝ оставил помал дел од земјата, а на брат ѝ му оставил повеќе. Оттогаш таа не го преминала неговиот праг. А татко ѝ веќе бил стар, можеби му требала, но таа не сакала да го види. И сега, кога умрел, секој ден одела на гробот и плачела.

Човекот што ми го раскажа ова, додаде дека ѝ рекол на жената: „Па што бараш сега на гробот, кога цели 10 години, додека стар и изнемоштен имаше потреба од тебе, не сакаше ни да му влезеш во дворот, ниту да го погледнеш? А сега – лиеш солзи таму, и тоа попусто, во три потоци!“

Нема никаква разлика од тоа што ќе правиш сега, кога него го нема, ако тогаш, кога бил жив, ти не си отишла кај него, не си седела покрај него и не си го поддржувала независно од тоа што тој ти направил во минатото? Сè се враќа. Ако ти ги презираш родителите за тоа што тебе ти се чини дека тие биле неправедни кон тебе, тогаш не заборавај дека сам ќе доживееш до старост и со тебе твоите деца ќе постапат на истиот начин, и тогаш ти ќе разбереш колку не си бил прав.

Да бидеме усрдни, затоа што животот е краток, и по малку секој ден да се подготвуваме со љубов, со добрина. Бог не казнува со стап, но Он сака да види дали имаме волја. Ќе се исповедуваме, причестуваме, правиме добро и ќе одиме напред, каде што нè чека Бог.

Бог и сите светии да ни помогнат да станеме подобри.

Мене најпрво.

Превод од руски јазик: М-р Александар Ѓорѓиевски

Православна светлина бр. 75

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!