Ерархија или црковна диктатура?

Spread the love

Loading

Јеромонах Саватиј Баштовој

Власта која црковните водачи треба да ја имаат над паствата, за жал, се претвора во диктатура. Намерно го искористив поимот „паства“, а не потчинетите, бидејќи во Црквата иако постои потчинување, сепак нема потчинети. Напротив, според православното учење, единствен потчинет е самиот водач. Христовите зборови се многу остри кога Он вели: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга“ (Мат. 20,25-27). Секој свештеник треба да биде како Него.

Во меѓучовечките односи најгрозна работа е предавството и диктатурата. Да му наредуваш на друг човек, значи да го извадиш од неговата глава венецот на слободата кој му бил даден од Самиот Христос. Бидејќи „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Мат. 20,28). Диктатурата е спротивна на човечката природа, бидејќи ние сме според подобието и образот на Божјата слобода и самостојност. Затоа, Христос, исто така, сакајќи да го сочува ова начело, пред да им даде на учениците власт да врзуваат и одврзуваат, им ги изми нозете, покажувајќи им го начинот на кој тие ќе мораат да ја покажат својата власт.

Евангелието треба да влезе во животот на христијаните; тоа не е само збир од метафори и убави поуки. Во денешно време има такви „Евангелски“ свештеници. Еден од нашите современици од Грција, отец Епифаниј (Теодоропулос, 1930-1989), кој буквално го применувал примерот со миењето нозе. Бидејќи тој беше многу образован и многу отворен човек, многу студенти доаѓаа кај него да ги исповедаат своите гревови, специфични за таа возраст. Но, старецот не им велеше да прават метании, туку ги водеше во својата ќелија, донесуваше леген со вода и им ги миеше нозете, молчејќи. Ова беше епитимијата што отец Епифаниј обично ја даваше за потешки гревови. Некои од овие млади подоцна признаваа дека дури и кога биле поттикнувани од своите другари кон некој грев, тие избегнувале, бидејќи им било срам од тоа, дека старецот може пак да им ги мие нозете.

Ако сите свештеници го запазуваа ова начело кое ни е дадено од Христос, тогаш реформата на Мартин Лутер ќе беше излишна и школите на „научен атеизам“ исто така нема да постоеја. Се разбира, не мора да одиме во крајности, но да најдеме решение, без да го исклучуваме свештенството, бидејќи Христос ни даде слобода, но и свештенство. Поради ова треба да правиме разлика помеѓу власт и диктатура. Власта и моќта им се дадени на свештениците (и на свештениците и на епископите) со цел да го осудат злото и да воспостават добар поредок. Кога власта, дадена од Христа, ќе биде злоупотребена со други цели, тогаш таа се претвора во диктатура. Со предавството на начелата Христови, ние стануваме предавници на Самиот Христос. Како е можно да постојат поредокот и потчинувањето, без да первертираат во диктатура? Љубовта прави сѐ да биде возможно: „Ете, нова заповед ви давам: Да се љубите еден со друг…“ (Јован 13,34).

Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!