Демонизираниот клеветник

Loading

(од житието на свети Исидор Пелусиот)

Кога авва Исидор Пелусиот беше презвитер во скитот, помеѓу браќата имаше и еден ѓакон, многу побожен и добродетелен. Авва Исидор имаше намера да го направи презвитер и да го постави за свој наследник. Но тој, од големо смирение, не прифаќаше ракополагање, велејќи дека не е достоен за да стане свештеник. Овој добродетел брат беше замразен од страна на  некој друг монах од скитот, кој беше победен од страста на зависта, и се обидуваше на било каков начин да му напакости и да шири гласини против него.

Ете што беше подучен од ѓаволот да направи:

Еден ден, зеде една од неговите книги и тајно ја стави во ќелијата на ѓаконот, без тој да биде известен. Потоа отиде кај авва Исидор и му се пожали дека му ја снемало книгата и дека веројатно некој од браќата ја има украдено. Инсистираше да се направи претрес во сите монашки ќелии.

  • Такво нешто, чедо мое, досега не се случило во скитот. Но, за да се увериш, земи уште двајца од браќата и проверете ги сите ќелии.

Така и се случи. Откако ги претресоа некои од ќелиите, отидоа и кај ѓаконот и, нормално, ја најдоа таму книгата. Ја зедоа ја однесоа во црквата за време на вечерната богослужба, кога беа собрани сите браќа, и на цел глас му соопштија на аваа Исидор, за да слушне целото братство, каде ја нашле книгата.

Невиниот ѓакон не се правдаше за клеветата, туку со смирение падна на колена и побара од сите прошка, велејќи им дека згрешил.

  • Простете ми, браќа, затоа што сум крадец.

Откако поминаа три недели и ѓаконот ја исполни епитимијата, беше примен во светиот олтар да служи, а клеветникот се демонизираше и со страшни крици го исповедаше својот грев.

  • Неправедно го осудив слугата Божји, – извика за да си ја олесни совеста.

Браќата од скитот се молеа цела ноќ за него, но без резултат. Овој сиротиот сурово беше измачуван од лукавиот дух. Тогаш преподобниот Исидор му рече на ѓаконот:

  • Помоли се за него, брате, бидејќи само ти, кој беше наклеветен, може тоа да го измолиш, за да го помилува Господ.

И навистина, откако се помоли наклеветениот, клеветникот беше ослободен од тиранијата на демонот.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев  

Православна светлина бр. 61

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *