Архим. Рафаил Карелин
Во денешното либерално време сè повеќе се шири учењето дека човекот може да се спаси со своите добри дела, а дека Исус Христос за христијаните е само образец и поучен пример за морално и духовно усовршување, но никако и Искупител на светот. Според тоа, спасението е возможно за луѓето од сите религии и конфесии, коишто се трудат да постапуваат според гласот на својата совест. Во тоа учење, во споредба со православното богословие, не само што се заменети и изместени главните акценти, но се поткопани и самите основи на догматиката. Христијаните секогаш верувале дека Бог го спасува човекот; а современите модернисти доследно и плански ја наметнуваат мислата во свеста на верните, дека човекот се спасува самиот себе, и дека Бог му дава живот вечен како задолжителна награда за неговиот труд.
Ако ги прашате современите христијани што е живот вечен и спасение, многумина ќе речат: тоа е рајски живот, тоа е место на прекрасна убавина и вечна радост, каде што е уништено секое зло и страдање, каде што нема трулежност и распаѓање, каде што човечката душа не ја помрачува ништо, тоа е место каде што живеат ангели и светители и каде што слегува Божеството со Својата неискажлива светлина. На прв поглед, тој одговор може да ни се причини како правилен, но всушност тука е пропуштено нешто навистина важно, т.е., дека Бог на човекот не Му го дава само Своето, иако и тоа е недостижно за човечкиот разум и ги надминува сите подвизи и напори, но Му дава многу повеќе – Самиот Себе и го прави човекот „бог по благодат“. Пред тоа дело, сите човечки дела се покажуваат како бесконечно мали. Господ ни ветил, дека стократно ќе ни врати за делата на милосрдието, но Он им го дава на христијаните она, за коешто нема претстава и слика, она што ги надминува сите разбирања и димензии: се дава Самиот Себе. За какви човечки заслуги може да се зборува тука? Како е возможно да го заслужиме Бог? Како е возможно да го придобиеме Бог како награда? Доколку би ги споиле сите добри дела на сите луѓе, тоа ќе биде помало дело од вечното спасение на една душа. Спасението е – тајна на мистичната љубов на Бог кон човечката душа; сè останато е потребно за тој љубовен призив да може да биде чуен и прифатен.
Трагедијата на современите христијани се состои во тоа што тие бараат град Божји, како свое законско наследство, но не го бараат Самиот Бог, како извор на вечниот живот. За нив е неразбирлив светоотечкиот збор „обожување“, за нив е неразбирливо што значи да се постане „бог по благодат“. Не разбирајќи го тоа, тие тоа и не го сакаат. Тие посакуваат да се врати изгубениот Рај, каде што цветаат цветови со небесен мирис, каде што нема старост и смрт, каде што нема страдање. Но тајната на Воплотувањето на Синот Божји и слегувањето на Светиот Дух, Тајната на Искупувањето и Спасението – не е само враќање на човекот кој што паднал со Адам во првосоздадената, безгрешна состојба, но веќе и пат на душата кон Бога, преку примање на Неговата божествена светлина, преку скротување и озарување, преку влегување во божествениот живот, во патот на вечното и бесконечно богоуподобување – коешто им се гледа на нашите современици како нешто скриено под густа магла.

На Крстот Господ нè заменува со Себеси; Светиот Дух ја подготвува човечката душа за нов живот. Спасението – е велик дар Божји, а современиот човек е склон да гледа на него како на нешто согласно и задолжително за човечкото достоинство.
Крајна, но во исто време и бескрајна цел на човекот е – обожувањето; тоа се остварува само преку благодатта – сила и дејство на Божеството. Благодатта е дадена на Црквата. Црквата е вечно поле, на божествената светлина, којашто дејствува во заедница со човечката душа, која што е послушна на благодатта и невидливо ја просветлува (во некои случаи тоа просветлување и преобразување на душата се одржува и на материјален план и може да се види дури и визуелно).
Тајните на Црквата ја имаат за своја основа Искупителната Жртва на Христа Спасителот. Црквата е основана на Неговата пречиста Крв. Господ, нè засака уште пред нашето создавање, исполнил сè за да ни ги дарува не само Своите неискажливи богатства, но веќе и Себеси. Во спасението Он гледа одраз на Својот образ, на Својата божествена убавина; во спасените Он пребива како во живи, бесмртни, неракотворни храмови. За нив Христос е сè: живот и суштина на вечноста, почеток и бескраен крај.
Без искупувањето и осветувањето спасението е невозможно. Оние, коишто говорат за спасението само преку добри дела, со тоа оставаат некаков знак за еднаквост помеѓу нив и даровите Божји. Добрите дела – се услов за пројавување на вера и љубов кон Бога и луѓето соединети еден со друг. Човекот којшто се надева дека ќе добие спасение за своите добри дела, наликува на сиромавиот, којшто откако собрал неколку ситни пари, си вообразува дека со нив може да си купи царски дворец.
За спасението е неопходно обожување на човекот, коешто започнува во земната Црква, и преминува и продолжува во небесната и никогаш не завршува. Само преку Крсната Жртва на Христос и благодатта на Светиот Дух, Којшто делува во Црквата, човекот може да го оствари своето вистинско преназначување – да постане „бог по благодат“ во вечноста.