Давид и Јонатан

Loading

(Историја на една голема и силна дружба)
Свештеник Јани Мулев


Во времето кога царот Саул отпаднал од Бога и Духот Божји отстапил од него, Бог преку пророкот Самуил го повикал и помазал младото овчарче Давид, синот на Јесеј. Давид бил најмал, ги пасел овците, но на изглед бил со светол и убав лик, силен и вешт во војувањето, а знаел и да свири на инструменти. Младиот Давид му се допаднал на царот Саул па овој го зел во царскиот двор за да му биде оружјеносец и да му свири на инструменти за да ја разбива тагата и помраченоста од која често страдал царот. Давид се истакнал како добар борец во битката против филистеецот Голијат, кој имал џиновски размери во споредба со сите други. Никој не верувал дека едно младо и ситно дете ќе го победи, но Бог бил со Давида и тој успеал да го совлада џинот. Потоа и во битките се покажал како добар воин, па народот почнал да го воспева и да го смета како поголем воин од царот Саул, поради што Саул се исполнил со завист и толку се помрачил против него што сакал дури и да го убие. Но, Јонатан, синот на Саул, многу го засакал Давида „како душата своја“, така што дури му ги дал и неговите царски облеки и оружја, како доказ за нивната меѓусебна другарска љубов. Поради нивното другарство Јонатан му го спасувал животот на Давида од рацете на царот Саул. Давид неколку пати имал можност да го убие Саула, но знаел дека е голем грев да се убие помазаникот Божји, па затоа го поштедувал. Кога во една битка загинале и Саул и неговиот син Јонатан, Давид многу жалел и ги оплакувал, плачел како за свој најблизок. Другарството на Јонатан и Давид е уникатен пример во Светото Писмо за тоа што значи да се биде другар и да се има другар.


Денешните деца и млади се сосема отуѓени, и не знаат да се дружат, немаат трпение и толеранција за другиот, и за постарите генерации ова е многу чудно, бидејќи духот на нашето време е сосема изменет и различен од пред 2-3 децении. Отсуството на љубов во семејството, распаднатите бракови, нагласениот егоизам, користољубивоста, лажните личности, преголемата острастеност и навикнување на гревот, и многу други страсти и гревови ги оптоваруваат луѓето, особено оние кои живеат далеку од Бог и Неговата Света Црква, па затоа браковите се распаѓаат, а децата ја понесуваат најголемата тежина од разводот и тие најмногу страдаат. Големо страдање понесуваат и оние кои живеат во дисфункционални семејства, каде што материјализмот, распуштениот живот и недомаќинското живеење им се раководно начело на сопружниците, па затоа и нивните семејства пропаѓаат. Од нездрави семејства произлегуваат нездрави деца, кои потоа кога ќе започнат да градат меѓуличносни односи со своите врсници, ќе се покажат сосема неспособни за градење на било каква заедница, затоа што љубовта и искреноста се главниот „лепак“ на секоја вистинска заедница, без разлика дали се работи за брачна, другарска, црковна, манастирска или било каква друга, а оние кои не добиле љубов во детството, не можат ни самите да дадат нешто што го немаат. Затоа стануваат неспособни за било каква заедница, за било каква дружба. А не е добро за човекот да биде сам на земјата, се вели во Светото Писмо, па затоа и многу млади не можат да живеат квалитетен живот, исполнет со дружба, љубов, радост, па затоа се чувствуваат отфрлени и несакани, па се повлекуваат и затвораат во себе, живеејќи лажен, виртуелен живот на социјалните мрежи.
Поимот личност означува заедница, односно индивидуа која пораснала и се отворила и станала способна да живее во заедница со Бог и со ближните, па од индивидуа станала личност, додека пак, поимот индивидуа означува распарчена личност, одвоена и изолирана единка, која не е способна да изгради заедница со било која друга личност. Векот во кој живееме е век на искривени вредности, или сосема изгубени вредности и традиции, време на превреднување, и време на нагласен индивидуализам, односно неспособност за градење љубовна заедница. Оттука доаѓа и потребата од материјално-телесно искористување на другиот човек, постојаното менување на партнери/партнерки, неспособноста за љубов, разбирање и трпение кон другиот човек, па оттаму и замената на човекот со домашно милениче. Бидејќи домашното милениче не бара голема жртва, не бара откажување, не бара простување, љубов, прифаќање, трпение, па затоа е полесно да се грижиш за куче, отколку да бидеш со еден човек во другарска или љубовна врска. Себичноста отиде толку далеку, што многумина не сакаат да раѓаат деца, туку наместо деца си чуваат домашни миленичиња. Искривувањата на личноста земаат сѐ поголем замав, особено со обидот за нивно законско регулирање и легализирање, и светот би станал безнадежно место за живеење, ако ја немавме Црквата, ако Го немавме Господ со нас.
Како може Светата Црква да ни помогне?
Светителите на Црквата постојано нѐ повикуваат на подвигот за чистење на срцето и умот од сите страсти и гревови, и колку повеќе го чистиме, со помош на Божјата благодат која ја примаме преку Светите таинства, толку повеќе се чисти и нашиот однос кон Бог, кон себе и кон ближните. Кога сме далеку од Бог и од Светите таинства на Црквата, живееме во мрак и смртна сенка, па не ни забележуваме дека имаме многу гревови, т.е. духовни болести. Кога ќе почнеме да се приближуваме до Христос Господ, тогаш во нас ќе се појави светлина која ќе почне да ги осветлува мрачните и извалкани простори на нашата личност, и тогаш ќе почнеме да ги откриваме нашите гревови и духовни болести. Постот, молитвите, исповедта и духовното раководство, учеството во Светата Литургија, т.е. причестувањето со Телото и Крвта Христови, учеството во животот на Црквата, дружбата после Литургија ни даваат можност да си го отвориме срцето за Бог и за ближните. Но не само да го отвориме, туку и да го исчистиме. Благодатта Божја ги лечи и дополнува човечките слабости и страсти, но потребен и наш труд во подвигот на љубовта. Тогаш кога ќе сфатиме дека сѐ започнува од нас, дека секој проблем, но и секоја добра промена започнуваат од нас, тогаш сме на добар пат. Кога ќе почнеме да се средуваме и поправаме себеси, кога ќе престанеме да бараме од другите да нѐ сакаат,туку ние ќе го направиме првиот чекор и ние ќе почнеме да ги сакаме, тогаш сме решиле голем дел од проблемите во семејството, во градот, во светот. Сѐ додека чекаме да дојде некој Супермен за да ни ги реши проблемите, или, пак, чекаме другиот да го направи првиот чекор, сѐ дотогаш ќе тапкаме во место, несреќни и незадоволни од животот. А во Црквата сѐ е просто и убаво поставено. Компликациите и недоразбирањата настануваат кога не живееме според Христос и според Неговото Евангелие.
Досегашното искуство ни вели дека најдобрите луѓе, најдобрите другари може да ги најдеме во Црква, иако не се сите такви. И надвор од Црквата има добри луѓе, но без Господ и Неговата благодат, секој човек брзо (про)паѓа и се расипува. Жално е што и ние како свештеници немаме живо лично искуство од животот во Црквата, и тоа како хендикеп ни се провлекува, па остануваме неспособни да ги научиме и другите луѓе кои ни се довериле за духовно раководство, па затоа како последица се создаваат лажни и искривени личности, лицемерни, стерилни и сурови моралисти, во кои не можеме да видиме ништо христијанско, освен обредност и формалност. Но, Црквата е нешто сосема друго.
Самиот поим црква, на грчки еклисиа, означува собор, собрание, заедница, но не било каква, туку заедница од луѓе, собрани со иста вера и ист живот, на заедничка Литургија, заедно со својот епископ, своите свештеници и ѓакони, со своето монаштво, и кога сите заедно ќе се причестат со Христос, со тоа ќе се соединат и едни со други, ќе станат клетки и ткива на Едното Тело Христово – Црквата, и таа заедница ќе трае и во храмот и надвор од храмот. Оние кои Христос ги соединува, никој и ништо не може да ги раздели. Кога сопружниците се причестуваат со Христос, Он станува најсилна врска помеѓу нив, и тој брак ќе опстане и покрај сите искушенија. Кога христијаните ќе се причестуваат, и ќе сфатат дека другиот човек им е брат/сестра, ќе се доживуваат како едно тело, тогаш нивните меѓуличносни односи ќе бидат цврсти, затоа што Христос е Оној Кој ги поврзува. Тогаш животот станува постојана Литургија, постојано богослужење и дружба. Но, ова се учи и доживува во младоста, а не во пензионерските денови.
Подвигот во Црквата нѐ води кон тоа да се надминеме себеси со своите страсти и гревови, да ја победиме индивидуалноста и егоизмот, да ја победиме омразата, гневот, зависта и многуте други страсти кои ги отежнуваат нашите меѓуличносни односи, и да напредуваме во блискоста со Христос и со ближните, а од таа блискост со Господ произлегува и свестоста. А светителите, пак, стануваат магнет кој ги привлекува сите богољубиви личности. Затоа и денес ќе видите во манастирите, како млади луѓе трчаат кај некој стар монах, кој „се испекол“ во „фурната“ на подвизите и светите таинства на Црквата, па затоа луѓето ја чувствуваат благодатта и се лепат околу него како на магнет. Оттука доаѓаме до заклучот дека животот во Литургијата на Црквата, подвизите за очистување, просветлување и обожение, т.е. стекнување на светост се предуслови за здрава дружба, за здрава заедница, и проблемот со крајно нарушените односи (другарски, брачни, семејни итн.), неспособноста за љубов, трпение и простување се само последица на нашата отпаднатост од Бога и оддалеченост од Светата Црква.
Затоа, да почнеме од себе и да се вратиме каде што припаѓаме – во прегратките на Бог во Светата Црква. Без маски, без улоги, не да личиме, туку да бидеме верници, христијани, да бидеме свет народ, затоа што само светителите се здрави и нормални личности, само светителите може да се наречат луѓе и другари во вистинска смисла на зборот. Наша обврска е да имаме вера, да вложуваме постојан труд и да имаме искрени намери, а останатото ќе го дополни Бог со Неговата благодат, која нѐ очистува, просветува и осветува.

Православна светлина бр. 66

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *