Голотијата на Ное

Loading

Свештеник Јани Мулев

Во првата книга Мојсеева, од 6 до 9 глава, читаме интересна историја за патријархот Ное, кој го спаси светот преку еден кораб (брод). Бидејќи во тоа време луѓето станале многу расипани и неморални, нешто слично на нашево време кога секоја перверзија е легална, па се промовира дури и како добродетел, Бог се разгневил, и бидејќи немало повеќе лек за човечката расипаност, сиот народ бил казнет со силен потоп. Единствен праведник на земјата бил Ное со неговата сопруга, како и нивните тројца синови – Сим, Хам и Јафет со нивните жени. Бог му дал прецизни мерки на Ное, според кои требало да го изгради бродот, и во него требало да бидат сместени сите членови од неговото побожно семејство, како и по еден пар од сите животни на земјата.

Ное се зафатил со таа голема задача, а во меѓувреме луѓето кои лудувале, го исмевале, го сметале за луд, затоа што не бил како и другите.

Кога конечно бродот бил направен, Ное го собрал своето семејство, ги собрал сите животни, по еден пар од сите, собрал храна за животните и за семејството, и Господ Бог го запечатил однадвор бродот и започнал дожд, кој непрестајно паѓал 40 денови и 40 ноќи. Бродот пловел, а водата се искачила над сите високи планини, така што сите живи суштества како и сите луѓе, се издавиле во водата.

По осум месеци, водата опаднала, се видело копното и сите жители на бродот излегле, и преку нив се обновил животинскиот свет, како и жителите на земјата. Бог го благословил Ное и неговите синови. Ное направил нива, засадил лозје, никнало грозје, па од него направил вино, и еден ден се опил и легнал гол да спие. Неговиот син Хам го видел, го исмеал, и отишол и им кажал на браќата Сим и Јафет, коишто дошле одејќи наназад, за да не ја видат голотијата на својот татко, и така му фрлиле облека врз него, за да не се гледа неговиот срам. Кога се разбудил Ное и разбрал што се случило, го проколнал Ханан, синот на Хам, затоа што Хам добил благослов од Господ, па затоа проклетството паднало на неговиот син, чиишто потомци се населиле во околината на Содом и Гомор, градовите во кои ќе бидат извршувани најголемите и најгнасни гревови, поради што ќе бидат целосно истребени.

Православната црква во потопот на Ное ја гледа тајната на Крштението, во кое се потопуваат сите нечистотии и гревови и се обновува човекот, се обновува образот Божји. Во Светото Писмо водата се спомнува како симбол на светот и хаосот. Потонувањето на Петар во морските води, се смета како симбол на лишувањето од живот и тоа дојде како последица од маловерието кон Бога. Кога Петар го тргна погледот од Христос, воплотениот Син Божји, тогаш почна да потонува во хаосот и смртта на водите, почувствува дека пропаѓа во еден потонат свет и ја побара раката на Самиот Христос за да го извлече.

Во тајната на Крштението човекот се потопува во водата. Ова потопување е учество во смртта на Христос, а излегувањето од водите е учество во воскресението Христово. Со гревот човекот се оддели од Бога, а преку воплотувањето на Христос на секој човек му се дава можност да се соедини со Бога со вера, љубов и послушание. Христос со смртта ја уништи смртта, бидејќи Он е живот, а со влегувањето во водите на хаосот и смртта, овие води се исполнија со Бога. Со крштението умираме за гревот и воскреснуваме за вечниот живот во Христа. Се спасуваме сите кои се крштеваме, но во новиот брод – Светата Православна Црква. Бог преку еден брод го спасил светот, како што и денес Светата Православна Црква е единствено спасоносна, и не постои друга алтернатива за спасение.

Секој православен храм има три дела, како што бил троделен и коработ на Ное, и секој храм се нарекува наос на грчки, што означува брод и храм, како алузија на бродот на Ное.

Бог склучува сојуз – завет со луѓето повеќе пати, чие исполнување некогаш е без услови, а некогаш зависи од исполнувањето на Неговите заповеди. Божилакот (Божји лак, виножито, ѕуница) е знак на вечниот завет Божји, дека нема повеќе да има потоп на земјата.

После потопот Бог му дозволува на човекот да јаде месо, нешто што било забрането претходно, но му забранува да пие животинска крв, бидејќи се смета дека крвта е суштина на животот и животот му припаѓа апсолутно на Бога, а не на човекот.

Како да го разбереме опивањето на Ное? Оној кој беше најзаслужен за спасението на светот, оној кој го понесе најголемиот товар на светот, сепак, падна. Хам го видел и го исмеал па им кажал на своите браќа, но тие, ја зеле облеката на Ное, и без да го гледаат, одејќи наназад го покриле. Откако се отрезнил и дознал што се случило, го проколнал Ханан, синот на Хам, т.е. цело потомство на Хам, за да биде неговата болка поголема.

Овој настан има и духовна смисла. Нашите духовни отци, со помош на Божјата благодат, може да извршат многу големи дела, преку нив може да го најдат спасението стотици и илјадници души, а сепак, Бог да допушти да паднат во некој голем грев, „да се опијанат“, „да си ја покажат голотијата“, односно нивните гревови, слабости и страсти да излезат на површина, бидејќи црното расо не ги покрива, туку ги открива сите човечки слабости. И што нѐ учи овој настан? Ное згрешил, а Бог не го казнува него, туку преку неговиот грев се става на испит верата и довербата на неговите синови, и оние кои го покриле гревот и срамот на својот татко – духовен отец, добиваат благослов, а оној кој го разгласил гревот, добива проклетство и врз своите потомци, кои потоа ќе паднат во многу пострашни гревови, од оној кој го осудиле.

Но, да внимаваме, едно е духовен отец, кој со болки и маки ги „раѓа“ своите духовни чеда, со многу тешкотии ги расте, ги негува и ги води кон Христа, и се грижи за нив како вистински родител, а сосема друго е духовен очув, оној кој манипулира, кој граба, кој злоупотребува, кој само игра улога, и нѐ одвлекува далеку од Христа и Неговата Света Црква. Гревот на духовниот отец да го простиме, да го покриеме, но не и гревот и злоупотребата на духовниот очув, на лажниот пастир, на волкот во јагнешка кожа.

Православна светлина бр. 61

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *