Архиепископ Потијски и Хобски Григориј (Бербичашвили)
Многу често се случува да ги слушнеме следниве зборови: „Во Господ верувам, но во попови не”.
Таквата вера може да се нарече било како, но никако христијанска. Од проста причина што христијанството не постои без црковното единство. Вистински христијанин не може да постои надвор од Црквата. Апостол Павле нè учи дека: „Црквата на живиот Бог е столб и тврдина на вистината” (1. Тим. 3, 15), дека Глава на Црквата е Самиот Христос Спасителот, Кого Отецот Го поставил над сè за Глава на Црквата, Која е тело Негово, полнота на Оној Кој исполнува сè во сè (Ефес. 1,21-23). Од Евангелието знаеме за зборовите на Спасителот: „Ќе изградам Црква своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат” (Мат. 16,18).
И ете, знаејќи ги сите тие евангелски вистини, за високиот постанок и назначување на Црквата, дали е возможно човек да се нарекува себеси христијанин, а воедно да биде надвор од Црквата? Дали е возможно прифаќање на Христовото учење, а истовремено отфрлање на Црквата која Христос ја утврдил? Не, тоа е невозможно. Сличната „вера” е исто така ненормална појава, како и секој грев.
Важно е да се сфати што е хранливата подлога за таков вид на грев, што го присилува човекот, кој се нарекува христијанин, да се одрече од Црквата. Причини има многу, но можат да се поделат во две групи. Од една страна тоа е наследено од времето на комунизмот, кога одрекувањето од Црквата и борбата против Неа се спроведувала на државно и општествено ниво. Од друга страна, тоа е отпаѓањето од Црквата, преку субјективни, лични причини.
Борбата против Црквата на државно и општествено ниво е добро позната. Таа борба имала за цел максимално ограничување, стеснување на правата на Црквата и границите на Нејзиното дејствување преку донесување на разни државни закони, како и со посредство на идеолошка војна против Црквата. Притоа за дискредитирање на Црквата и свештенослужителите се користеле уметноста и културата: се правеле филмови, спектакли, телевизиски и радио емисии, литературни дела со антирелигиозни содржини. (Да се потсетиме само на оние проклети „Македонски народни приказни” во кои веќе 30 години континуирано и плански се трујат детските умови преку исмевањето на свештенството на Светата Црква. Слабости, злоупотреби, грешки и гревови има во секоја професија, но никој не е толку исмеан и дискредитиран медиумски, како што е случајот со свештенството.)
Така во свеста на човекот се сееше зло семе на безверие, се раѓаше сомнеж кон Црквата и свештенството. Сето тоа постепено помогна во оддалечувањето на христијаните од црковната средина и на крај до потполно отуѓување од Неа. Во текот на многу децении во свеста на луѓето вештачки се всадувале карикатурни представи за Црквата и свештенството. Треба да сфатиме дека ако денес кај многу наши сограѓани видиме неверување, па дури и омраза кон Црквата, кај многу од нив тие негативни чувства се насочени против тие карикатурни представи, кои се вкоренети во нивната свест со претходна антицрковна пропаганда. Во реалноста, за жал, тие заблудени луѓе воопшто не знаат што во реалноста претставува светата Црква.

Што се однесува до субјективните причини за отстапувањето од Црквата треба да се напоменат неколку важни аспекти. Во потполност да се сфати што претставува Црквата, во потполност да се доживее мистичната страна на Нејзиниот живот, Нејзините духовни длабочини, е над човечките сили. Невозможно е само со разум да се сфати сето она што се случува внатре во Црквата бидејќи е „голема тајна” (1. Тим. 3,16). Неопходно е живо учествување во животот на Црквата. Само во таков случај Црквата се открива пред човекот како највозвишена реалност и вистина. За да умее човекот да ја разликува суштината на Црквата од различните облици на нејзиното надворешно прикажување, воопшто не е потребно да биде богослов. Меѓутоа несреќата е во тоа што во умовите има заблуди.
Многу често се случува на човекот да не му се допаѓа нешто во надворешниот облик на Црквата или нешто му се чини неприфатливо и поради тоа тој се одалечува од Црквата. Ако во некој храм свештеникот со нешто соблазнува (начинот на служење, недостојно однесување и сл.), човекот кој се соблазнил заради тоа целосно ја напушта Црквата. Може да се наведат многу слични примери.
Но ајде да го разгледаме прашањето: зошто човекот се соблазнува толку, та недостојната постапка на некој свештеник да се пренесува на целата Црква? Зарем свештеникот и Црквата се едно исто? Зарем е тешко да се разбере дека Црквата останува чиста дури и кога некои Нејзини свештенослужители постапуваат недостојно? Зарем целата Црква се сведува на свештенството?
Црквата е мистично Тело на Исус Христос, која во себе ги вклучува и небесните бестелесни сили и светителите. Тоа единство се нарекува небесна Црква или победоносна Црква. Видливата страна на Црквата ја сочинуваат заедницата на верници и свештенството – тоа е земна, или борбена Црква. Глава на небесниот и земниот дел на Црквата е самиот Христос Спасителот.
Меѓутоа, несреќата е во тоа што луѓето навикнале брзоплето да ги генерализираат работите и се наклонети целата Црква да ја обвинат поради тоа што грешат некои Нејзини служители. Таквиот однос е без сомнение погрешен, бидејќи Црквата не е некој поединечен свештеник. Се разбира, секој што постапува недостојно, наоѓајќи се во закрила на Црквата, му нанесува удар не Нејзиниот авторитет и така сакајќи или не сакајќи станува непријател на Црквата. Во човековата свест со Божјото име се поврзани поими како светост, чистота, вистина, честитост. Сето ова луѓето го бараат и од Неговите служители. Токму поради тоа слугата Божји мора да покаже голема одговорност и трезвеност во секое свое дело, во секој свој суд, во секој свој разговор. Треба да биде образец на искрена вера, љубов, побожност, доблесно и искрено однесување. Исто така треба да се забележи дека такво однесување не се бара само од претставниците на свештенството, туку и од сите членови на Црквата, односно од секој христијанин. Бидејќи од однесувањето на христијаните зависи како ќе се доживува Црквата, дали како спокојно пристаниште (засолниште) или како предмет на исмејување.
Гревовите, заблудите, недостојните постапки на духовниците се тага и искушение за Црквата. Свети Јован Златоуст изобличувајќи ги своите современици – свештенослужители во една прилика ја изрекол мислата за тоа дека „меѓу свештениците ретки се оние кои ќе се спасат”. И пак, без оглед на сè, Црквата живее во својата полнота на својот живот, преполна со скриени благодатни сили и останува света и беспрекорна дури и кога свештенството не се наоѓа на потребната висина.
Заради оправдување на своето дистанцирање од Црквата луѓето наведуваат различни причини: нив на пример ги нервираат и соблазнуваат луѓето кои се молат. Или не можат да трпат гужви и не се во состојба да се молат кога во храмот има многу луѓе. Меѓутоа, сите тие чувства пред сè претставуваат повод за дистанцирање од Црквата, а не причина. Зарем навистина ли е тешко да се најде храм или место во храмот каде што никој нема да ве вознемирува? Прашањето може да се постави и поинаку: Дали таквите луѓе воопшто може да се сметаат за верници, ако поради такви субјективни, лесно совладливи причини потполно се одрекуваат од Мајката-Црква?
Многу луѓе ги соблазнува незнаењето и неразбирањето на она што се случува во Црквата, односно луѓето не го познаваат богослужењето, неговата содржина и смисла. Меѓутоа не можеме а да не забележиме дека човек, кој искрено сака да учествува во богослужењето и со цело свое срце се стреми да сфати што се случува во Црквата, секогаш ќе успее да дознае и сфати и со тоа уште повеќе да ја зајакне својата вера.
Горенаведеното само во мал степен ги одразува вистинските причини за отстапувањето на човекот од Црквата. Цела трагедија е во тоа што Црквата и богослужењето постепено стануваат непотребни за душата. Така се појавува внатрешна отуѓеност од Црквата што е во голема мера поврзано со душевната мрзливост, како и со фактот дека човекот е до срж потопен во земски работи.
Се разбира, не можеме да се помириме со таа ситуација. Црквата мора да направи сè за да помогне во ширењето на верата кај маловерните, да ги зајакне и одухови оние кои се сомневаат. Свештенослужителите треба да ги насочат луѓето кон активна работа на себе со цел да ги постигнат божествените вистини. Секој христијанин треба постојано да се грижи за своето духовно усовршување. Треба постојано да бдееме за да ги победиме нашите внатрешни духовни непријатели кои се покажуваат во вид на различни порочни страсти. Со помош на постојано душевно бдеење и самопознавање, внатрешни молитви, внимателно изучување на сето она што ни го оставиле Светите Отци, нивните дела и животи, ќе успееме да ги очистиме своите срца и чувства, да се научиме да ја следиме само Божјата волја и мудрост. Морето се чисти со бура, златото со оган, а човекот – со Божјата мудрост. Само на тој начин човекот ќе зајакне во верата и нема да допушти никакви отстапки и компромис по прашањето на верата.
Сериозна причина е и случајот кога во својот религиозен живот човекот ја губи секоја врска со Црквата заради неправилно, нецрковно воспитание. Ова прашање бара посебно внимание. Мислам дека оваа причина е тесно поврзана со главната обврска на Црквата – внимателно чување на чистотата на вистината на христијанската вера од погубното влијание и делување на различните ереси, лажните религиозни учења. Црквата мора јасно, неуморно да објаснува каде се доброто и вистината, а каде се лагата и злото.
Во современи услови Црквата била изложена на напади од сите страни. Лажни демократи од различни фели, лажни либерали, модернисти – екуменисти на сите можни начини го навредуваат Православието, нарекувајќи го застарено, средновековно, заостанато по учењето во однос на современиот живот. На Православното учење, според нивното мислење, му се потребни реформи, бидејќи ги ограничува човековите права. На тие пропангандисти им е потребен Христос Кој ќе говори за земскиот живот, а не за вечноста. Христос Кој би помогнал за продолжување на земските страсти и утехи. Не им е потребен Христос Кој ветува вечно блаженство. На таквите сили не им е потребен Цар на вечноста. Тие мечтаат за световен, минлив цар.
Денес многумина говорат за слободата, за човековите права. Меѓутоа, неопходно е да се знае и да се запамети дека единствено Православието му дарува на човекот вистинска слобода и заштита на неговите права, бидејќи човекот е Божјо создание. Поради тоа може да се почувствува слободен и заштитен само со Бога. Разумот на вистинскиот верник како да се исполнува со Христовиот разум, се зајакнува и станува спремен за извршување на Божјите заповеди во секојдневниот живот. Со самото тоа со помош Божја човекот го преминува патот од небитие во битие, од смрт во бесмртност: „Вистина, вистина ви велам: Кој верува во мене има живот вечен” (Јован 6, 47).
Црквата не треба да дозволи да се исмејува и гази Нејзината чест, како и светото учење за Неа. Таа мора да им се спротивстави на луѓето кои го сакаат Нејзиното посветовување. Светиот Јован Златоуст говорел дека: „Евангелието говори за небесни, а не за земски предмети”.
За жал, сегашниот живот ги „сожалува” христијаните кои се стремат да не заостанат со времето, се трудат да насоберат што повеќе материјани добра и помалку се грижат за духовноста. Токму поради тоа многу христијани денес бираат компромисен, лесен пат. А потоа упорно го бранат. Има многу такви либерали кои се „наоружани” со целосно неверување во Бога и недуховност.
Религиозноста кај човекот во многу зависи од тоа какво воспитание стекнал во детството. Среќавав луѓе кои навистина имаа стравопочит пред Црквата и беа богобојазливи, но сепак имаа потешкотии да ги совладаат бариерите кои биле подигнати во нивните души со неправилното воспитување. Тешко им беше да одат во Црква, да се крстат и да ги преклонуваат колената, да ги целиваат иконите и светињите, да учествуваат во другите обреди. Суштината е во тоа што кај нив од најрана возраст не била создадена навика за такви христијански задолжителни дела. И ете, во зрелата возраст тие некако се срамат од тоа, тешко им е тоа да го следат.
Еднаш бев сведок на следнава ситуација: бабата го водеше по улица својот внук. Штом виде дека во пресрет им идат двајца свештеници, брзо го префрли внукот на другата страна од улицата велејќи: „Плукни сине, доаѓаат попови”. Се разбира внукот го направи тоа што му рече саканата баба. И што ќе биде кога тоа дете ќе порасне? Со голема сигурност може да се претпостави дека во него ќе се вкорени не само откажување од Бог, туку и омраза кон свештенството и Црквата воопшто.
Денес во многу образовни институции се учи „законот Божји”, на некои места „историја на религијата”, а во други установи „религија и култура”. Со тоа се трудат да ги покријат недостатоците кои постојат во системот на образование. Меѓутоа, јас мислам дека резултатот нема да биде поволен, бидејќи децата „учат христијанството”, но притоа не даваат примери на вистински христијански живот. На крајот резултатот ќе биде многу полош, отколку воопшто да не го учеле сето тоа, бидејќи од неправилното, несистематско, половично учење во свеста на децата нема да се утврди љубов кон Бога и кон верата, и стремеж кон праведен живот, туку лага и навика за лицемерен живот. Зарем може да донесе добри плодови самото формално учење на децата за христијанството, за оценки?
Неопходно е детето да Го доживува Бога како жива личност. Треба да им го покажеме на децата тој оган, таа безгранична љубов која Спасителот ја донесе на земјата. На таа љубов треба пред сè да ги учиме децата, а потоа на тој цврст темел може да се изучува сета евангелиска мудрост. Сакам да нагласам: огромна одговорност лежи на воспитувачот и во целина на нашето општество. На нашата земја ì се неопходни луѓе, преполни со вистинска христијанска вера и добродетел, а не некои кои имаат одредено мало познавање за Христос и Црквата Негова. Црквата навистина треба да биде Мајка, роден дом за христијаните. Христијанинот треба да покаже иста грижа и љубов кон Црквата како кон сопствената куќа. Меѓутоа, колку често сме ретки гости во храмот! Многумина ја доживуваат Црквата како еден вид на театар, клуб, кино или некое друго здание за забава. Додека односот кон Црквата кардинално не се промени, нема да започне ни вистинска, длабока обнова на црковниот и духовниот живот на нашиот народ.
Постојат луѓе кои толку многу ги „сакаат” животните и птиците што одат во шума, ги убиваат, им ја вадат утробата, ги полнат со памук и ги поставуваат во својот дом. Таквите не ги сакаат ниту птиците, ниту животните, туку нивните препарирани облици. Налик на нив стануваме и ние кога покажуваме голема ревност при решавањето на социјалните и другите животни проблеми на адолесцентите (и општо на човекот), а притоа воопшто не се грижиме за развојот на вистинските вредности, духовната страна на животот кај тие адолесценти. Постапувајќи така правиме поголемо зло од она кое е споменато во примерот кој го наведов со животните – бидејќи таму станува збор за животно или птица, а тука за човек – образ и подобие на Бог.
Во Символот на верата учењето за Црквата започнува со зборот „верувам”. Во срцето на христијаните од првите векови заедно со љубовта кон Христа Спасителот живеела и верата во Црквата Негова. Срцето на современиот човек не гори толку силно со пламенот на верата – настапи време на духовно осиромашување. Со тоа се објаснуваат сите оние внатрешни тешкотии за чие надминување ни се потребни големи напори. Се разбира сите оние кои се крстиле „во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух”, веќе се во врска со Црквата и се наоѓаат во Неа. Меѓутоа, Тајната на Крштавањето само нè воведува во прегратките на Црквата. Пред нас се отвораат вратите и ни се дава можност да бидеме под закрила на благодатните сили кои постојат во Црквата. Меѓутоа, нашиот понатамошен живот во потполност ќе зависи од тоа колку ние активно ќе живееме во Црквата, колку искрен и силен ќе биде нашиот стремеж кон спознавањето на сите тајни на црковниот живот, учествувањето во нејзините Свети Тајни, стекнувањето на благодатта и љубовта Христова. Во спротивно, благодатта добиена со Крштавањето, неопходна за мистично преобразување на човекот, ќе остане неискористена можност, закопана со животните грижи и нецрковниот начин на живот.
Кога човекот уште како мал се причестува, кога од најрана возраст навикнал на богослужење, на Тајните, се формира цврсто внатрешно (и надворешно) единство со Црквата. Било каква криза да настапи во свеста на таквиот човек таа врска ќе ја зачува силата. Ако таква силна врска не постои, тогаш при било која озбилна соблазна или потрес кај човекот нема да останат духовни сили за продолжување на црковниот живот.
Животот на православниот христијанин е незамислив без Црквата, без духовник. Многу луѓе признаваат дека порано црковното мислење им било туѓо и дека се задоволувале со тие тешки положби во кои живееле. Меѓутоа, од кога прогледале и се допреле до спасоносната црковна благодат, повеќе не го замислуваат својот живот без Црквата, без духовник. Духовникот е исповедник на Христовата вера и на тоа ги учи своите парохјани.
Многу лесно е да се критикува свештенството. Но, од кого ги слушаме тие критики? Највеќе од оние кои не се осврнуваат на ништо и не ги чуваат Божјите заповеди. Ама затоа со големо воодушевување, некаква зла радост говорат и шират различни клеветнички сплетки, а понекогаш за жал и тажната вистина. Навистина, никого не критикуваат со таква подготвеност и агресија како претставниците на Црквата. Ги обвинуваат за фарисејство, лицемерие, дволичност, среброљубие, порочен начин на живот. Ваквите критики се слушаат од луѓе во кои нема вера и чувство на заедништво со Црквата. Последица на ова е, луѓето кои не го разликуваат вистинското предназначување на Црквата од нејзиниот надворешен облик, почнуваат да се одвраќаат од неа и да одат во секти, односно кај оние кои не жалат ништо за максимално да ја оцрнат Црквата.
Ако внимателно ги разгледаме барањата кои ги бараат од свештенството таквите „христијани”, лесно може да се забележи дека тие барања се прилично неисполниви. Од свештенството се бара сето она од што со голема леснотија се ослободуваат себеси. Ако свештеникот згрешил, или се разгневил, или не обрнал внимание на некој или нешто – тоа не му се простува никако. Дури и малите слабости кои се видени кај свештеникот стануваат причина за соблазнување. Меѓутоа, и свештеникот е човек како и сите други. И во него, како и во секој друг човек, постои наследна склоност кон гревот. И со него очајно се бори злото. И тој може да згреши.
Ќе кажам уште нешто. Невозможно е да се негира фактот дека и меѓу свештениците постојат такви кои навистина не се наоѓаат на висина на задачата. Црквата, знаејќи го тоа, постојано води сметка за чистење на своите редови. Меѓутоа, главниот проблем не е во тоа. Несреќата е во тоа што поголемиот број на „верници” кои сакаат да го оцрнуваат свештенството во потполност немаат црковна свест. За нив Црквата не е мајка, ним во принцип им е туѓа црковната ерархија. Во нив нема христијанска љубов кон свештенството, не само како кон свештенослужители, туку и како кон луѓе. Оттаму потекнува таа суровост, а честопати и омраза, која се покажува во врска со Црквата и свештенството. Во суштина во тоа се наоѓа причината за „нецрковното христијанство”.
Осуда на свештенослужител, духовник е – страшен грев. Воопшто, осудата укажува на изопачена духовна состојба. Многу често човекот во целост не се познава себеси, иако мисли дека со него сè е во ред и не се грижи за сопствената душа, натоварена со животински страсти и гревови. Не е голема храброст во тоа да ги забележуваш и на секој начин да ги преувеличуваш малите слабости на својот духовник или на некој друг свештенослужител. Многу подобро би било кога ако наместо тоа христијаните се стремат да ги умножат своите добродетели. Кога Ное испил премногу вино и се опил, во текот на сонот му паднало оделото. Гледајќи ја голотијата на својот татко, еден од синовите, Хам, почнал да му се потсмева на татко му и им раскажал на браќата Сим и Јафет што видел. Тие за да не ја видат голотијата на својот татко му се доближиле одејќи наназад и со почит и страв го покриле со оделото таткото кој спиел. Секој христијанин треба да се запраша кој од трите сина е тој? Хам бил проколнат, а Сим и Јафет благословени.
Не смее да се осудува другиот, да му се потсмеваме, да шириме клевети. Вистинскиот верник е полн со добрина, вера и љубов. Човекот што не верува воопшто нема љубов или ја има, но неговата љубов е унакажана и егоцентрична. Ако човек нема вера, се разбира дека нема да има ни надеж. Кого во таков случај ќе го послуша, на кого ќе се надева? На самиот себеси, смртниот и на пат во земја? Ако човек нема вера и надеж во Бога нема да има ни љубов. Ако нема љубов не е Христов и веќе се наоѓа под власт на ѓаволот.
Евангелската вистина и современата идеологија се дијаметрално спротивставени една на друга. Од таа причина во свеста на современиот човек се кријат многу сомнежи во верата, се јавуваат многу прашања. Од огромно значење претставува каде и од кого ќе бара одговор. Човек кој не го чита секој ден Светото Писмо, делата на Светите Отци, за одговори на прашања со богословски карактер нема да отиде во Црква или кај човек со висок духовен живот, кој е подготвен за такви прашања. Во својата душа ќе направи место за сето она што е надворешно, недобродетелно и зло и така ќе ја продлабочи душевната криза. Таа појава навистина се објаснува со тоа, дека без оглед на значајното активирање на црковниот живот во последниве години, сепак современиот живот којшто нè опкружува е полн со недоверба кон Црквата. Толку повеќе што темелот на таа недоверба во нашата земја бил свесно поставен од државната политика.
За да ја промениме ситуацијата на подобро, Црквата во современите, не баш поволни услови за цветање на духовноста, треба да вложи големи напори за цврсто, победоносно да се слушне зборот Божји во нашата древна православна земја. Секој свештенослужител без оглед на кој степен од ерархиската скала се наоѓа должен е да биде вистински Христов воин, со максимална посветеност да го шири зборот Божји меѓу оние кои се сомневаат и да го зајакнува меѓу оние кои се веќе воцрковени. Со сите достапни средства не само внатре во Црквата туку и надвор од неа да го проповеда нашето непоматено, православно христијанство, светоотечко учење.
Во современи услови кога околу нас има толку многу соблазни, кога средствата за јавно информирање, а посебно електронските, јавно и очигледно, пропагираат непознат и за нашиот народ неприфатлив морал и идеал, кога пипките на секуларизмот го зафаќаат општеството, нашата Мајка Црква мора да го преземе лидерското место во борбата со тие нечистотии. Немаме право да отстапуваме, задолжително мораме да победиме во таа борба за душите на нашите луѓе, бидејќи само Црквата, Нејзината вистина, чистота и догмати се единствената надеж, која може да го вразуми, а потоа и исцели општеството, да го принуди да се замисли за своето вистинско предназначение.
Црквата треба да им помогне на луѓето да се вратат во Православието.
Превод од српски јазик:
Јаков Илкоски, дипл. инженер по биологија
Православна светлина бр. 18