(Според свети Григориј Богослов)
Вистинското другарство цвета во средина неизвалкана од грев и од друштвото на лоши и лукави луѓе.
Соблазната на злото и расипаноста на животот ги помрачуваат сите добри работи од нашиот живот. И помеѓу овие добри работи спаѓаат и другарствата. Поради општиот пад и понижување на животот се изгубија или отуѓија и пријателствата. Но, сите имаме потреба од едно автентично, вистинско, силно и реално другарство. Тешко се градат такви другарства. Лесно се разрушуваат. И оние кои стекнаа такви завидни другарства живееја среќно. Затоа ќе ви дадам рецепт за идеално другарство. Не јас. Вие го знаете тоа, дека секогаш ги оставам оние кои ги знаат проблемите од животот подобро од нас да ни го раскажат нивниот мудар совет. Така открив кај свети Григориј Богослов предуслови за едно големо другарство, како ова, кое го имаше тој со великиот Василиј. Самиот вели дека „се чинеше дека ние двајцата имаме една душа која живее во две тела. Тогаш станавме сѐ еден на друг, под ист покрив, на иста трпеза, истородни, обрнувајќи внимание на истото и секогаш зголемувајќи го копнежот еден на друг, така што да стане потопол и траен“.
Да видиме како се изгради ова завидно, благословено и ширум познато другарство на двајцата велики и свети отци наши. Така ќе ги научиме и ние големите тајни на среќниот живот.
Вистинското другарство треба да биде „божествена и целомудрена љубов“ ослободена од грев. Свети Григориј вели: „Телесните љубови, како што се однесуваат на минливите работи, поминуваат и тие како пролетни цвеќиња. Ниту пламенот останува, кога дрвата ќе изгорат, но се губат со нив и оние кои ги хранат, ниту копнежот постои, кога потпалокот ќе згасне. Но, божествените и целомудрени љубови, бидејќи се однесуваат на нешто стабилно, поради тоа се трајни и колку повеќе се претставува нивната добрина, толку повеќе ги соединуваат саканите со тоа и помеѓу себе. Тоа е законот на вистинската наша љубов“.

Едно силно другарство се раѓа кога другарите водат заедничка борба и зборуваат за стекнување на високите врвови на добродетелта. За оваа заедничка цел, своја и на великиот Василиј, пишува свети Григориј: „Заедничка цел и на двајцата ни беше добродетелта и усогласувањето на нашиот живот според идните надежи“. Се исповеда за нивниот божествен копнеж: „Имајќи ја пред себе оваа цел го насочивме целиот наш живот и секое наше дејство; нѐ водеше заповедта и ја изобразувавме едниот во другиот нашата добродетел и бевме, ако не е претерано да кажам, едниот за другиот правило и мерка, со која расудувавме што е правилно и што неправилно“.
Вистинското другарство цвета во околина неизвалкана од гревот и од друштвото на лоши и лукави луѓе. Посебно обрнете внимание на забелешките на светиот отец наш Григориј Богослов: „Од студентите се дружевме, се разбира, не со најнеморалните, туку со најцеломудрените; ниту со најраздразливите, туку со помирните, и оние од чија дружба имаше полза. Бидејќи знаевме дека полесно е да добиеш болест, отколку да дадеш здравје. И на предавањата стигнавме да се радуваме не со она што ни е пријатно, туку со она што е пополезно. Бидејќи од тие работи младите се сообразуваат кон добродетелта или кон злобата“. Барем сите ние да можевме да ги направиме овие бесмртни совети – правила и закони на животот.
Вистинското другарство се потпира на апостолските зборови и закони: „Оној кој љуби не бара ништо за себе“. И „братољубие да има помеѓу вас. Да се натпреварувате еден со друг во давање чест на другиот“. Ова го применуваа божествените отци, како што раскажува самиот почитуван наш отец Григориј: „Се подвизувавме и двајцата, не кој да има првенство, туку како да му го отстапи на другиот; успехот на другиот го сметавме за свој успех… треба да се уверите дека живеевме едниот во другот и покрај другиот“. Љубовта и почитта која ја имаше светиот Григориј кон Великиот Василиј се чини помала од зборовите со кои самиот се споредиува со неговиот другар. Пишува: „Најубавото е што се формираше помеѓу нас едно братство кое тој го создаде и се упати како водач во заедничките задоволства, макар што јас трчав покрај него, каде што и како што одеше тој“.
Вистинското другарство го придружува и заедничката животна цел. „Така започна нашето другарство, открива божествениот отец, „како што со текот на времето го признавме еден на друг копнежот и она што нѐ интересираше беше философијата, тогаш веќе станавме сѐ еден на друг“.
Автентичното другарство беше придружено од заеднички начела и општи сфаќања. За оваа тема пишува светиот Григориј: „Мислам дека ништо не вреди, ако не води кон добродетел и не ги прави подобри оние кои се занимаваат со тоа. За другите постојат различни имиња или од таткото или од семејството или од професијата и нивните дела. Но ние имаме голема умешност и име да бидеме и да се наречеме христијани. Тоа беше најголемата пофалба за нас“.
Големото другарство се искажува со нежност, чувствителност, љубов и братољубие. Светиот Григориј се обраќа кон својот другар и го нарекува „мојот Василиј“. Така се случува кога другарството е некористољубиво, чисто и измиено во светлината на христијанската љубов и добродетел. Што велите? Како ви се чини сето ова? Пробајте и ќе се уверите, дека ќе ви помогнат овие работи да создадете здрави и цврсти пријателства, кои ќе истраат во времето и во бурите на животот.

Ова другарство на светите мажи стана познато насекаде во тогашниот свет и остана во историјата. Самиот свети Григориј го признава. Пишува: „Ова направи да станеме познати кај сите учители и наши собраќа (колеги), познати низ цела Грција, и кај најпознатите Грци. Ги имавме поминато границите на Грција, како што стана јасно од раскажувањата на многумина. Оние кои слушаа за нашите учители во Атина, слушаа и за нас, двајцата и бевме опкружени од толку луѓе, колку и нашите учители и не бевме еден безначаен пар и близу и далеку од нашите учители“.
Истиот богоносен и поттикнат од Светиот Дух отец ја напиша најубавата пофалба на другарството:
„Со ништо што постои во светот не може да се спореди еден верен другар, и неговата добрина нема граници“. „Верниот другар е силно застапништво“ (Мудр. Сол. 6,14-15) и царство оградено. Верниот другар е жива ризница. Верниот другар е поскапоцен од златото и од многуте скапоцени камења. Верниот другар е градина заградена и извор запечатен, кои се отвораат понекогаш за да можеш да се одмориш. Верниот другар е пристаниште за почивка. А ако е трезвен, уште подобро! Ако пак е многу образован и располага со разновидно знаење, како нашето некогаш, колку подобро е тоа? Ако пак е син на светлината (Јован 12,36; Ефес. 5,8), или човек Божји (4.Царс. 1,9), или човек кој се приближува до Бога (Језек. 43, 19), или е над очекувањата (Дан. 9,23), или е достоен за својствата со кои Писмото ги почитува божествените и возвишени мажи, кои припаѓаат на повисок ред, тоа е веќе дар Божји и повозвишен од нашето достоинство“.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 67