Митрополит Калистос Вер (1934-2022)
„Црквата е безгрешна, а членовите на Црквата, кои живеат на земјата, се грешни“
- Треба да сфатиме дека Црквата е богочовечки организам, а Православието е за сите. Од Божествената страна Црквата – е Тело Христово, и нема во неа никакво зло и гревови. Од човечката страна таа се состои од луѓе, такви како вас и како мене, а ние не сме совршени, ние грешиме. Така што, како луѓе, ние треба да паѓаме и стануваме, одново паѓаме и одново стануваме – и така до крај. Нашиот живот во Црквата е полн со подеми и падови.
Ако вие се сомневате во вистинитоста на Православната Црква – не гледајте на мене, не судете ја Црквата според мене, научете се да гледате подлабоко и да го видите во Црквата животот на Духот Свети. Гледајте не на она што се гледа, туку на она што не се гледа. Како Црква на земјата, ние сме лоши сведоци на верата Христова.

- Има ли за вас во животот отворени прашања, на кои немате одговор?
- Се разбира, јас имам многу такви прашања. На пример, многу ме интересира што се случува со човекот после смртта. Јас веќе имам 81 година, и многу сум љубопитен, што ќе биде понатаму, уште повеќе што мојата смрт, веројатно, нема уште многу да чека.
Како христијанин, јас верувам не само во воскресение на душата, туку во воскресение на телото. Но на кој начин ќе биде тоа? На кој начин душата ќе продолжи да постои после смртта без телото? И има ли разлика меѓу нашето воскреснато тело и она кое го имаме сега? Има многу такви прашања, на кои сега не го знаеме одговорот, но јас лично верувам, дека постои живот после смртта, и дека тој живот ќе биде поисполнет и поубав, отколку земниот.
„Слушајќи ги луѓето, сочувствувам со нивните неволји и болки и се утврдувам во верата“
- Ќе кажам искрено, кај мене има колебања во верата, сомнежи. Постојат такви луѓе – јас познавав такви – кои во текот на цел живот си ја сочуваа детската вера и никогаш не се сомневаа. Но за многумина од нас нешто слично, за жал, е невозможно. И особено е невозможно за оние, во кои спаѓам и јас, кои изучувале современа философија.
Моите сомнежи беа поврзани не само со одредени аспекти на вероучението, туку поскоро со мноштвото општи поими: а што ако во животот нема никаква смисла? А што ако нема Бог? Да, јас се прашував себеси за тоа. Каков одговор најдов?
Мојата борба со сомнежите секогаш беше придружувана од мојата вера. Знам дека без оглед на моите сомнежи јас имам обврски како епископ: да одам во црква, да служам Литургија, да исповедам и причестувам луѓе… Во таквите моменти јас ги ставам сите сомнежи во заден план и едноставно се молам. Ги слушам луѓето за време на исповедта, сочувствувам со нивните неволји и болки, им помагам на пастирски начин, а јас самиот се утврдувам во верата.
„Верата е свесно решение на човекот да биде верен“
- Посебната сложеност на сличните егзистенцијални прашања се состои во тоа, што ние не можеме да ги докажеме на точен начин, како теорема во геометријата.
Вистинитоста на нашата вера се докажува поинаку: ние бираме, во што ќе веруваме. Верата – не е едноставна согласност на човекот да ги прифати верските доктрини. Верата – тоа е свесно решение на човекот да биде верен и да ја чува својата верност кон тие одговори на егзистенцијалните прашања, кои ни ги дава Црквата.
Без оглед на сите мои сомнежи јас не можам да се замислам себеси било каде, освен во христијанството и православието. Верата ги осветува сите страни на мојот живот.
Секој човек порано или покасно треба да го изврши тој свесен „скок на верата“ кон подлабоко сфаќање на најсложените и најважните прашања од нашето постоење.
- После смртта душата на човекот постои без тело дотогаш, додека тоа не воскресне за вечен живот. Во тој случај, како да се однесуваме кон човекот, кој го сменил својот пол? Каков ќе воскресне – она што бил, или она што станал? Има ли душата пол?
- Што е тоа човек? Тоа е единство на телото и душата. И нашите тела, и нашите души ни ги дава Бог, и Бог ни ги избира. Ние не сме семоќни: има работи кои не можеме ние да ги решаваме. Ете, на пример, дали ќе живееме или ќе умреме, ќе страдаме или нема да страдаме, ќе бидеме маж или жена. Бог ни дава пол при раѓањето заедно со животот, заедно со телото и душата. Душата нема пол, но телото има. Човекот не е само тело, и затоа немаме право да одредуваме, каков пол ќе има телото и кога ќе умре тоа тело. Кон оној кој си го сменил полот, јас би советувал да се однесуваме на христијански начин, не како кон маж или жена, туку пред сѐ како кон човек, со љубов.
- Ако еден човек страда и се измачува и сака да ги прекине своите страдања, да изврши евтаназија, дали тоа е престап? Ќе биде ли тој човек самоубиец, ќе заврши ли во пеколот?
- Не смееме сами да го прекинуваме својот живот. Животот – тоа е дар од Бога, и ние немаме право да си го одземаме, без оглед колку страдаме. Има определени одлуки, кои не смееме да ги донесуваме.
Од друга страна, ние исто така не треба да му наметнуваме на човекот постоење на вештачки начин. Не треба да убиваме луѓе, но некогаш може да му дозволиме на човек да умре – т.е. да не го принудуваме неговото постоење со помош на техника и медицина, ако неговото тело и тој самиот веќе се подготвени за смрт. Но и да ја убрзуваме смртта на човекот, исто така немаме право.
Што се однесува до прашањето, дали тоа е самоубиство или не, ќе заврши ли тој човек во пеколот – тоа не можеме да го знаеме. Сепак, тоа е одлука Божја, а не наша. Јас дури и би рекол, дека Бог никого не испраќа во пеколот, ние самите се испраќаме таму.
Интервјуто го води: Анастасија Прошченко за порталот: Милосердие.ру, на 30.08.2016.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 74