Иван Александрович Илин
И така, ти мислиш дека може да се живее без љубов: со силна волја, добра цел, со справедлива и гневна борба со непријателите? Ти ми пишуваш: „Подобро да не се зборува за љубовта: неа ја нема во луѓето. Не треба ни да се повикува на љубов: кој би ја разбудил во закоравените срца?“…
Мил мој! Ти и имаш, но и немаш право. Подготви го, те молам, твоето нестрпливо трпение и проникни во мојата мисла.
Не може човекот да живее без љубов, бидејќи таа самата во него се буди и загосподарува со него. И тоа ни е дадено од Бога и од природата. Не ни е дадено самоволно да се раководиме во нашиот внатрешен свет, да отстрануваме едни душевни сили, да ги заменуваме со други и да насадуваме нови, несвојствени за нас. Можно е да се воспитуваме себеси, но не треба да се кршиме себеси и да се изградуваме повторно по сопствено сфаќање. Погледни како поминува животот на човекот. Детето се приспособува кон мајката – со потребите, очекувањето, надежта, насладувањето, утешувањето, успокојувањето и со благодарноста; и кога сето тоа се собира во првата и најнежна љубов, тогаш со тоа се одредува неговата лична судбина. Детето го бара својот татко, бара од него поздрав, помош, заштита и раководство, се насладува од неговата љубов и го сака возвратно; тоа се гордее со него, го подражава и ја чувствува во себе неговата крв. Тој глас на крвта зборува во него во целиот живот, го поврзува со браќата и сестрите и со сите роднини. А кога подоцна ќе се загрее со возрасна љубов кон „неа“ (или, соодветно, таа кон „него“), тогаш задачата се состои во тоа, да се преобрази тоа „будење на природата“ во вистинска „Божја посета“ и да се прими како своја судбина. И нели е природно тој да ги љуби своите деца со таа љубов, која тој во детските мечти ја очекувал од своите родители?… Како да се издржи без љубов? Со што да се замени таа? Со што да се пополни страшната празнина, која се формирала од нејзиното отсуство? Не може човекот да живее без љубов и поради тоа што таа е главната избирачка сила во животот. Животот е сличен на огромен, од сите страни бесконечен поток, кој се нафрла на нас и нè носи со себе. Не може да се живее со сето она што тој го носи; не може да се предаваме на оној хаотичен вртлог. Оној кој ќе се обиде да го стори тоа, ќе се истроши и погуби себеси: од него ништо нема да излезе, зашто тој ќе загине во таа мешавина од сè и сешто. Треба да избереме: да се откажеме од изобилието заради она сосема малку; и тоа малку треба да го привлекуваме, чуваме, цениме, собираме, умножуваме и усовршуваме. И со тоа да ја изградуваме нашата личност. Оваа сила за бирање е љубовта: таа го „претпочита“, „прифаќа“, „прилепува“, цени, чува, придобива тоа и ја запазува верноста. А волјата е само орудие на љубовта во оваа животна дејност. Волјата без љубов е пуста, закоравена, груба, насилна и најглавното, рамнодушна кон доброто и злото. Таа брзо го претвора животот во робијашка дисциплина под команда на порочни луѓе. Во светот веќе има многу организации, кои се основани врз такви принципи. Господ да нè чува од нив и од нивното влијание… Не, ние не можеме без љубов: таа е голем дар – да го согледаш подоброто, да го избереш и да живееш со него. Тоа е неопходна и драгоцена способност да кажеш „да“, да прифатиш и да почнеш себеодрекувачко служење. Колку е страшен животот на човекот, лишен од овој дар! Во каква пустина, во каква ништожност се претвора неговиот живот!
Човекот не може да живее без љубов, затоа што таа е главна творечка сила на човекот.
Значи, човечкото творештво не никнува во пустелија и не протекува во слободно комбинирање на елементите, како што мислат сега некои површни луѓе. Не, може да се твори само откако ќе се прифати богомсоздадениот свет, влегувајќи во него, растејќи во неговото чудесно устројство и слевајќи се со неговите таинствени патишта и законитости. А за тоа потребна е сета сила на љубовта, сиот дар на уметничкото превоплотување, даден на човекот. Човекот не твори од празнотија: твори од веќе создаденото, од постоечкото, создавајќи ново во границите на дадената природа – надворешно-материјалното и внатрешно-душевното. Човекот што твори треба да ја ислуша светската длабочина и самиот да запее од неа. Тој треба да научи да созерцува со срцето, да гледа со љубовта, да излезе од својата мала обвивка во светлите пространства Божји, да наоѓа во нив Велико-сродно-соприпаѓање, да го почувствува и да создава ново од древното и невидено од предвечното. Така стојат работите во сите главни сфери на човековото творештво: во сите уметности и во науката, во молитвата и во правниот живот, во комуникацијата на луѓето и во сета култура. Културата без љубов е мртво, проколнато и безнадежно дело. И сето она велико и генијално, што било создадено од човекот – било создадено од срцето што созерцува и што пее.
Не може човекот да живее без љубов, затоа што најглавното и најдрагоценото во неговиот живот му се открива токму на срцето. Само созерцателната љубов ни ја открива туѓата душа за верно, потполно комуницирање, за меѓусебно разбирање, за дружење, за брак, за воспитување на деца. Сето ова им е недостапно на луѓето без срце. Само созерцателната љубов му ја открива на човекот неговата татковина, т.е. неговата духовна врска со родниот народ, неговата национална припадност, прибежиште на земјата. Да имаш татковина е среќа, а можеш да ја имаш само со љубов. Не случајно, луѓето на омразата, современите револуционери, се покажуваат како интернационалисти: мртви во љубовта, тие се лишени и од татковината. Само созерцателната љубов му отвора на човека пристап кон побожноста и кон Бога. Не им се чуди, мил мој, на безверието и маловерието на западните народи: тие примиле од римската црква неправилна вера, која почнува од волјата а завршува со расудувањето, и, откако ја примиле, го запоставиле срцето и го изгубиле неговото созерцание. Со ова била предодредена оваа верска криза, која тие и денес ја преживуваат.

Ти мечтаеш за силна волја. Тоа е добро и неопходно. Но таа е страшна и деструктивна, ако не потекнува од созерцателното срце. Ти сакаш да ѝ служиш на добра цел. Тоа е правилно и прекрасно. Но како ќе ја увидиш ти твојата цел, ако не со срдечното созерцување? Како ќе ја узнаеш, ако не со совеста на своето срце? Како ќе ја запазиш верноста кон неа, ако не со љубов? Ти сакаш справедливост, и сите ние треба да ја бараме. Но таа изискува од нас уметничка индивидуализација во прифаќањето на луѓето, а за ова способна е само љубовта. Гневната борба со непријателите станува неопходна и неспособноста за неа може да направи од човекот сентиментален предавник. Но овој гнев треба да се роди од љубов, самиот тој треба да биде нејзино воплотување, за во неа да наоѓа оправдание и мерка… Ете зошто реков дека ти „и имаш право и немаш право“. И уште: јас го разбирам твојот предлог „подобро да не се зборува за љубовта“. Тоа е точно: треба да се живее со неа, а не да се зборува за неа. Но погледни: во светот се рашири отворена и безумна пропаганда на омразата; во светот се крена упорно и жестоко гонење на љубовта – напад на семејството, одрекување од татковината, задушување на верата и религијата. Практичната бесрдечност на едните се овенча со вистинска проповед на омразата – кај другите. Закоравеноста си најде свои апологети. Злобата стана доктрина. А тоа значи дека, дојде часот да се проговори за љубовта и да се застане во нејзина заштита.
Да, луѓето имаат малку љубов. Тие ја исклучиле неа од своите културни активности: од науката, од верата, од уметноста, од етиката, од политиката и од воспитувањето. И како последица на ова современото човештво влегло во духовна криза, невидена по својата длабочина и по својата широчина. Гледајќи го и сфаќајќи го ова, природно ни доаѓа да се запрашаме: кој ќе ја разбуди љубовта во закоравените срца, ако таа не се разбудила од животот и зборовите на Христос, Синот Божји? Како да се зафатиме за тоа, со нашите мали човечки сили?
Но тој сомнеж наскоро ќе отпадне, ако ние го послушаме гласот на нашето срдечно созерцание, кој нè уверува дека Христос е и во нас и со нас…
Не, мил мој! Не можеме без љубов. Без неа ние сме осудени со сета наша култура. Во неа е нашата надеж и нашето спасение. И колку нетрпеливо сега јас ќе го очекувам твоето писмо со потврдување на ова што ти го кажав.
Превод од руски јазик:
ѓакон Јани Мулев
Од книгата: Срцето што пее, издание на Повардарската епархија