Бегство од Содом

Loading

(1.Мојс. 18 гл. – 19,29)

Свештеник Јани Мулев

„Спаси ја душата своја; и не обѕрнувај се назад“ (1.Мојс. 19, 17)

Откако ангелите, т.е. Бог во вид на три ангели, го посетиле домот на Авраам, и им дале ветување на Авраам и неговата жена Сара, дека следната година ќе имаат дете, иако тие биле веќе стари, заминале во градовите Содом и Гомор, за да видат што се случува таму, бидејќи многу страшни гревови се извршувале таму, за кои стигнале гласови дури до небото.

Кога тргнале таму, Бог зборнал со неговиот праведник и близок пријател Авраам, и му кажал дека има намера да ги сотре овие градови поради нивните гревови. Но, Авраам, како и сите светители кои ги славиме во Црквата, од почетокот па до крајот на вековите, имал слобода пред Бог и се потрудил да ја смени намерата на Бог, па почнал да го моли, да биде милостив кон луѓето, оти, зошто да страдаат праведниците заедно со грешниците? Па така, почнале да се „пазарат“ Авраам и Бог, најпрво за 50 праведници, па 45, па 40, така што сигнале до тоа, Бог да ги поштеди градовите, ако во нив се најдат барем десет праведници. За жал, освен Лот, внукот на Авраам, неговата жена и двете ќерки, не останал друг праведник во овие градови.

Ангелите отишле во Содом, и Лот веднаш ги пречекал, им укажал гостопримство во својот дом, како и неговиот роднина Авраам. Содомитите, кога ја виделе убавината на туѓинците, веднаш посакале да ги осквернат, па почнале да викаат по Лот, и да бараат од него да им ги пушти гостите. Тој одлучно се спротивставил, дури им ги понудил и своите неосквернети ќерки, само да не им прават зло на гостите. Бидејќи овие гревови биле многу страшни, со големи последици, Бог решил да ги извлече праведниците од тој град, а сите останати да ги погуби, дури и градовите и местата каде што се извршувале тие гревови да бидат до темел уништени, да не остане ни трага од тие извалкани градови.

Ангелите го повеле Лот со неговата жена и ќерките надвор од градот, и им заповедале да поитаат што подалеку, и никако да не се свртуваат назад, што и да се случува зад нив. Така и направиле, но кога започнал да паѓа дожд од сулфур, кога почнале да се слушаат пискотници и големи татнежи, жената на Лот се свртела назад и се скаменила, се претворила во солен столб.

Овој библиски настан нѐ учи на повеќе работи. Најпрво ни ја покажува тежината на содомските гревови, т.е. противприродниот блуд на мажи со жени, прељубата, како и противприродните односи на личности од ист пол. Овие гревови, или поточно, непокајанието на оние кои ги вршеле, го предизвикале гневот Божји, и Бог, откако видел дека нема веќе надеж за покајание и поправање кај овие луѓе, ги уништил и жителите и градовите каде што се извршувале овие гревови. Во поново време слична таква библиска катастрофа видовме и во Америка, во Њу Орлеанс, во 2005 година, град кој е познат по многу перверзии и по масовни „паради на гордоста“, и оваа катастрофа многумина ја протолкуваа како опомена Божја за сите жители, за да се покајат, и да престанат со тие гревови.

При бегањето од Содом ангелите им заповедале да не се вртат назад. Тоа е поука за секој христијанин, кога ќе се покае, да ги остави гревовите и местата на кои грешел, и никогаш повеќе да „не се врти назад“, да не се присетува на старите гревови, бидејќи пак ќе се врати на нив, и ќе ја загуби душата. Оние кои стапуваат во брак, треба да се помират со своето минато, со минатото на сопругот/сопругата, да си простат и никогаш повеќе да не се навраќаат на старите грешки, на местата и личностите со кои грешеле, и никогаш да не си префрлаат еден на друг за старите гревови и грешки, доколку сакаат да имаат убав брак. Монасите, исто така, откако ќе заминат во манастир, не треба да се враќаат на местата каде што грешеле, ниту да се дружат со личностите со кои имаат заеднички гревови, оти лесно може да се вратат на стариот живот, и сиот подвиг да им пропадне.

Во овој библиски настан гледаме дека Лот и неговото семејство добија светост, иако живееја во градот Содом, каде што беа опкружени од најстрашни гревови. И разбојникот на крстот го искористи последниот момент и се покаја, па стана прв жител на рајот, а Јуда апостолот, иако беше од Бога избран за апостол, иако постојано беше до својот учител и Господ, беше сведок на многу чуда и исцеленија, сепак, се посомнева, го предаде и продаде Својот Господ и ја загуби душата, иако имаше многу прилики да се покае, и Бог пак ќе му простеше.

На крајот, наместо заклучок, да се потсетиме на светогорската поговорка: Не местото, туку начинот на живот го прави човекот свет.

Православна светлина бр. 62

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *