АДАМОВ КОМПЛЕКС И ЕВИН СИНДРОМ – Милан Радовановиќ

Loading

ИНФЕРИОРЕН МАЖ И ЖЕНА КОЈА Е НЕЗАДОВОЛНА СО ТАКОВ МАЖ Е ОСНОВНОТО ОБЕЛЕЖЈЕ НА ВРЕМЕТО ВО КОЕ ЖИВЕЕМЕ. ПАРОЛАТА ЗА ЕДНАКВОСТ МЕЃУ ПОЛОВИТЕ ПОСТАНА САМО ДОБАР ПАРАВАН ЗА ОНИЕ МАЖИ КОИ НЕ ДОСТИГНАЛЕ МАШКА ЗРЕЛОСТ, ИЛИ ИМААТ СТРАВ ОД ОСТВАРУВАЊЕ НА МАШКАТА УЛОГА ВО СВОЈОТ ЖИВОТ.

Денес сè повеќе има брачни парови кај кои мажот е тој што го турка бебето во количка или го носи на градите во носилка, додека жената сето тоа незаинтересирано го набљудува со цигара во рака. За да биде постигната ваква еднаквост на половите, мажот престанува да ѝ биде авторитет на жената, а жената, во обидот да ја превземе неговата машка улога, ги губи и последните атрибути на својата женственост.

Потеклото на ова пореметување треба да го побараме во нешто, што би можеле да го наречеме Адамов комплекс и Евин синдром.

Додека живеел во рајот, Адам не ја исполнил својата машка улога, бидејќи не основал семејство со Ева, иако Бог тоа го заповедал веднаш по создавањето на човекот. Покрај инфериорниот Адам, Ева не можела да се оствари ни како негова жена, а ни како мајка. Адам едноставно не се покажал како добар маж.

Како последица на тоа, Ева лута сама низ рајот, не знаејќи што да прави сама со себе. Адам не знае кај му е жената, ниту се интересира за неа. Во таква ситуација, Ева ја сретнува змијата која лесно успева да ѝ го привлече вниманието и да ја наговори да набере плод од дрвото на познанието на доброто и злото. Прифаќајќи го наговарањето на змијата, Ева му станува неверна на Адам. Нејзиното неверство не е толку последица на несовршеноста на женската природа, како што тоа некои со векови го толкувале, колку на недостатокот на Адамовиот авторитет. Ева во змијата го нашла она духовно водство, кое Адам не ѝ го пружил.

Бог на жената ѝ го наменил мажот како авторитет. Кога мажот не е доволно зрел за таа улога, жената бара авторитет во некој друг.

Адам требало да биде покрај својата жена и во секој момент да знае што се случува со неа. Кога би бил со Ева во моментот кога се појавила змијата, лесно би можел да ѝ ја смачка главата и да го уништи тој поттикнувач на грев. Потоа, ако Ева веќе го набрала плодот и го вкусила, Адам можел да влијае на неа веднаш да го остави плодот таму кај што го нашла и да го исплука касајот кој ѝ бил во устата.

Наместо ова, слабиот и несигурен Адам и самиот го зема плодот во рацете за да го проба неговиот вкус. Од тој момент вкусот на гревот ќе го мачи човечкиот род сè до крајот на светот и векот.

Иако линијата на гревот почнала од змијата преку Ева до Адам, Бог како прв и најодговорен за гревот го повикува Адама! Не му помогнало на Адам никакво оправдување и префрлување на вината на жената. Адам е одговорен за гревот, бидејќи како маж бил одговорен и за однесувањето и постапките на својата жена.

Мажот е тој кој ја чини жената жена. Иако се добива впечаток дека жената е во подредена положба во однос на мажот, сепак факт е дека жената со најголемиот дел од својот идентитет се потпира на мажот.

Односот помеѓу мажот и жената е многу повеќе од однос помеѓу половите. Односот помеѓу мажот и жената го одразува односот помеѓу Бога и светот. На ова мисли и Св. Апостол Павле кога за бракот говори како за голема тајна на односот помеѓу Христа и Црквата. Соединувањето на мажот и жената во светата тајна брак ја претставува големата тајна на соединувањето на Бога и светот. Бог се соединува со создадениот свет во личноста на човекот. Современиот човек повеќе не е свесен за ова возвишено послание во светот. Затоа за него бракот е сè помалку Света тајна, а сè повеќе административна формалност.

Рамноправноста помеѓу мажот и жената не постои сама по себе, нити е плод на човечки напор, туку произлегува од фактот дека Бог го создал светот како рамноправен на себе. Иако рамноправни, мажот и жената не се еднакви, бидејќи и Бог и светот не се еднакви.

Светот своето постоење го добил од Бога и се одржува во постоењето благодарение на Бога. Како што е светот зависен од Бога, така и жената, која е икона на тој свет, е зависна од мажот.

Мажот треба да биде глава и авторитет на жената, затоа што и целиот создаден свет треба да ѝ се покорува на волјата Божја. Св. апостол Павле затоа и може да ги споредува мажот и Господ.

Ова не е фаворизирање на мажот, нити дискриминација на жената, туку потреба секој да ги умножи своите различни, но исто вредни дарови.

Во векот во кој живееме доминира култот на жената во сите области: политика, наука, спорт, уметност, црква… Дури ни типично машките занимања, како што се воената и свештеничката служба, не се поштедени од ова неочекувано присуство на жени.

Дојде до општа феминизација на човештвото која ги потисна мажите во втор и трет план. Оваа појава некои ја толкуваат како борба на жените за нивните човечки права. Тоа е обична фарса, бидејќи жените само добија нови обврски – покрај подигање на семејството, од нив сега се очекува и да заработуваат и да ја градат својата кариера, рамо до рамо со мажите.

Присутноста на жените кеко авторитет во сите сегменти на општеството, покажува нешто сосем друго.

Современиот човек на духовен план го отфрлил Бога како авторитет и наместо на Бога, му се поклонува и му служи на светот.

Како симптом на оваа општа секуларизација на општеството се јавува култот на жената и служењето на жената. Кога во западната христијанска традиција акцентот од Божјиот авторитет и духовниот живот е поместен на тежнеењето за ефикасно служење на светот, се јавил култот на Богородица, кој и ја симболизира грижата за светот. Секуларизацијата прво го изопачила култот на Богородица во култ на средновековна дама, кој во дваесетиот век прерасна во култ на современа, деловна и еманципирана жена. Во моментот кога светот, кој е создание Божјо, го завзел местото на Бога Создателот, симптоматски жената го завзела местото кое му припаѓа на мажот.

Сè што се случува на невидливиот духовен план, секогаш ќе се одрази во видливиот свет. Тоа важи и за односот помеѓу мажот и жената, кој секогаш ќе го одразува односот на Бога и светот.

Затоа, изместениот однос помеѓу половите никогаш нема да може да се реши на релација маж-жена. Никаква борба за човекови права на едните или на другите нема да доведе до вистинско решение. Само ако човекот се одврати од служење на светот кон служење на Бога, може да се очекува здрав и исполнет однос со спротивниот пол.

Секој маж е носител на Адамовата природа, но со цел да се развива и преобразува во новиот Адам – Христос, во духовно силен и зрел маж. Покрај таков маж и секоја жена може да израсне во нова Ева – Богородица, во послушна и верна жена и добра мајка.

Тоа што денес повеќето жени не им се послушни на мажите, што им наредуваат и приговараат, виновници се самите мажи кои не се доволно зрели да им бидат авторитет на жените. Таквите мажи жените и не треба воопшто да ги слушаат.

Возвишеноста на машката и женската природа е најдобро прикажана на главните икони во црквите, на престолните икони од левата и десната страна на царските двери. Христос во својата рака го држи Евангелието, Он е духовен авторитет. Мажот може да го изоди патот на созревањето само ако го развие својот духовен живот. На другата икона Пресвета Богородица во рацете држи дете. Способноста на жената да раѓа е неискажлив дар кој Бог му го дал на човекот, зашто ни најголемото дело на човечиот ум или на човечките раце не може да се мери со едно дете, кое го родила жена. Затоа жената својата духовна зрелост ја искажува во потполност дури како мајка.

Кога престолните икони би ја одразувале денешната реалност, би имале феминизиран маж кој во рацете или на носилка држи дете и жена од кариера која наместо дете, во рацете држи книга или дури компјутер.

Добро е, и за секоја пофалба, што мажот ѝ помага на жената околу детето, а жената се реализира во областите за кои има дар и покажува интерес. Меѓутоа, ако тоа стане само замена за исполнувањето на својата, од Бога дадена, машка или женска природа, ни мажот ни жената нема да бидат задоволни со себе.

Адамовиот комплекс на духовно незрел и несигурен маж, по неопходност го предизвикал Евиниот синдром на неостварена и незадоволна жена. Неприфаќањето на Божјиот авторитет од страна на човекот и вртењето грб на Бога, се одразило во неприфаќањето на мажот како авторитет од страна на жената. Единствено решение за да се врати сè на свое место е ПОКАЈАНИЕТО – враќањето на човекот назад кон Бога.

Не кради, сподели:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *